1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Преку 40 жртви од ураганот „Дориан“

ЖА
7 септември 2019

По налетот на ураганот „Дориан“, бројот на жртвите на Бахами натамошно расте. Премиерот Хуберт Минис вчера изјави дека има 43 потврдени загинати на островите Абако и Големи Бахами, но тоа не е конечен биланс.

https://p.dw.com/p/3PDJi
Hurricane Dorian Bahamas Bildergalerie
Фотографија: Reuters/D. Carrer

Стотици до илјадници луѓе уште се сметаат за исчезнати. Поради катастрофалните размери на штетите, спасувачките екипи бавно напредуваат. 

„Дориан“ во изминатите денови, како ураган од петта категорија, предизвика пустош на Бахамитеи до темел уништи повеќе населби во туристичкиот рај. Островот Абако е уништен во близу 60 проценти, илјадници жители се без покрив над главата. Министерот за здравство Сендс предупреди дека конечниот број на жртвите може да биде „потресувачки“. Според информациите на ОН, најмалку 70.000 луѓе на Бахамите имаат итна потреба од помош.

Ураганот „Дориан“ не попушта

Во светот веќе се организира помош, ЕУ на пример стави на располагање 500.000 евра. Во спасувачките акции учествува и германскиот Бундесвер со 70 војници. Стотици луѓе од погодените области со бродови се пренесувани во главниот град Насау, голем број згрижуваат и американската крајбрежна стража и приватни организации. Американскиот пејач Лени Кравиц, чија мајка потекнува од Бахами, организира донации и пратки со храна.

Но, со оглед на уништената инфраструктура, помошта бавно напредува, а луѓето стануваат нестрпливи.

Во меѓувреме „Дориан“ постепено ја губи јачината на патот долж југоисточниот брег на САД. Со брзина на ветрот од 150 километри на час тој вчера како ураган од прва категорија го погоди брегот на Јужна Каролина, каде предизвика поплави во одделни подрачја.

USA - North Carolina- Hurricane Dorian in  Pea Island
Поплави во американската сојузна држава Јужна Каролина од невремето „Дориан“Фотографија: Getty Images/M. Wilson

Денеска утрото „Дориан“ се движи кон островот Нантукет и предизвика силни ветришта во американската сојузна држава Масачусец. 

Според наводите на Канадскиот центар за урагани, „Дориан“ продолжува кон канадската провинција Нова Шкотска, за каде е издадено предупредување до населението.