1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците се од Марс, граѓаните од Венера

1 март 2019

Нацрт-законот за заштита од дискриминација чмае во парламентот. Додека опозицијата се залага за традиционални вредности, практиката открива бројни случаи на дискриминација. Поука е случајот „Икс против Македонија“.

https://p.dw.com/p/3EI9V
Sonnensystem
Колку се оддалечени орбитите на пратениците и граѓаните?Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Saurer

Модификацијата на насловот од романот на Џон Греј („Мажите се од Марс, жените од Венера“) најдобро ги отсликува двата света на поделената македонска реалност. Од јули 2018 година е влезен во постапка во Собранието, но и по осум месеци матичната Комисија за труд и социјална политика сè уште нема закажано седница за разгледување на Нацрт-законот за спречување и заштита од дискриминација. Ваквиот игнорантски однос вчера ги собра пред парламентот претставниците на седум мрежи на невладини огранизации и 99 здруженија и фондации, кои повторно ја пренесоа пораката за важноста од донесување на овој закон.

Од владејачката коалиција стигна оптимистичка најава.  

„Како парламентарно мнозинство велиме 'не' за дискриминацијата“, изјави пратеничката на СДСМ, Јагода Шахпаска, најавувајќи дека Законот ќе биде изгласан во Собранието до средината на март.

„Претходно Комисијата за труд и социјална политика ќе заседава ќе ги заврши сите обврски поврзани со овој закон. Со измените, за првпат како основи за дискриминација се воведуваат сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Се додава и нов облик на дискриминација со кој треба да се справуваме, а тоа е сегрегацијата“, рече Шахпаска.

Таа најави и дека ќе се прошират надлежностите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во насока на превенција, од судски трошоци ќе се ослободат лицата кои ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација и дека ќе се зголемува и износот на прекршочните одредби за правни и физички лица за кои ќе се докаже дека сториле дискриминација.

„Продолжуваме заедно со граѓаните, со институциите да градиме систем кој ќе заштитува од секаков вид дискриминација. Очекуваме поддршка од сите пратеници без разлика на партиска определба“, рече пратеничката на СДСМ.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

ВМРО-ДПМНЕ за традиционалните вредности

Но, уследи експресна реакција од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која истакна дека „со резерва гледа на предложеното законско решение, бидејќи во предлог законот се брише одредбата дека бракот е заедница помеѓу маж и жена“.

„Ги прашуваме Зоран Заев и Мила Царовска зошто сакаат да ја сменат дефиницијата на брак помеѓу еден маж и една жена, како и политика на посвојување на деца? Што значи воведувањето на новиот термин 'родов идентитет'? Досегашното македонско законодавство го познава поимот пол, кој што може да биде машки и женски. Полот е биолошки детерминиран. Дали родовиот идентитет може да биде флуиден и променлив? Дали ќе се укинат термините мајка и татко вклучувајќи ги наставните содржни во основното образование и дали следно е воведување на терминологијата родител А и родител Б?“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие сметаат дека за овие прашања треба да се земат предвид ставовите на МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, на еврејската и другите верски заедници, со став дека „живееме во општество каде огромното мнозинство на граѓани се приврзаници до традиционалите и семејните вредности“.

Повеќе:Третиот пол - одамна неопходна одлука

Случајот „Икс против Македонија“

Потребата од законски измени одамна чука на врата. Уште повеќе, откако и Европскиот суд за човекови права во Стразбур во јануари годинава за првпат се произнесе за случајот на трансродова личност од Македонија и пресуди во негова полза. Во случајот „Икс против Македонија“, државата треба да плати 9 илјади евра нематеријална штета за стресот што го преживеало трансродовото лице. Станува збор за лице родено во Македонија во 1987 година како девојче, кое од рана возраст се чувствува како машко. Икс е трансродово лице, кое на 23 години започнало административна постапка за менување на податоците. Лицето добило одобрение од МВР за промена на името и презимето во личните документи, но Управата за водење матични книги го одбило барањето за промена на ознаката пол во матичниот број. Образложението на институцијата е дека лицето нема извршено медицинска трансформација. Наметната обврска од Управата за доставување на медицинска документација не е заснована на законска одредба, а Судот во Стразбур утврдил дека постоечката законска рамка, која има сериозни недостатоци, придонела за стрес и несигурност на транс лицето во признавањето на неговиот родов идентитет.

Symbolbild drittes Geschlecht
Фотографија: Colurbox

Додека на повидок сѐ уште не се гледа политичка волја за да се изгласа Законот за спречување и заштита од дискриминација, невладините организации за заштита на човекови права и на маргинализираните групи реагираат дека со блокирање на предлог-законот и законодавниот дом ги крши човековите права и дека претседателот на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не го става законот на дневен ред поради негови лични ставови.

„Мора да ги надминат тие предрасуди, бидејќи во однос на регионот, нашата земја има најслаб закон во однос на заштитата од дискриминација, а не веруваме дека постои некоја посебна поголема политичка волја во земјите во регионот“, велат од „Мрежата за заштита од дискриминација“.

Европската Комисија во последниот извештај за Македонија посочи дека е од суштинско значење да бидат вклучени сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација и нацртот да биде изменет во согласност со мислењето на Венецијанската комисија.