1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинение за осомничените во случајот „Пајажина“

23 март 2011

Јавното обвинителство поднесе обвинение против сопственикот на телевизијата А1 Велија Рамковски и уште 22 лица за злосторничко здружување, перење пари, даночно затајување и злоупотреба на положбата.

https://p.dw.com/p/RBxH
Турканиците пред А1 телевизија на крајот на ноември 2010 годинаФотографија: Petr Stojanovski

Обвинителството ги товари обвинетите за криминал тежок околу 4,6 милиони евра, извршен преку 24 фирми во Македонија и странство, кои биле раководени од членовите на злосторничкото здружување, изјави јавниот обвинител Љупчо Шврговски:

„Нашите тези се темелат, пред се‘, на материјалните докази што беа добиени во фаза на преткривична постапка, понатаму истите беа експлоатирани во фаза на истрага и врз основа на тие материјални докази и посебните истражни мерки кои што беа издадени со наредба од истражен судија, го донесовме ова обвинение. Откако обвинението ќе биде доставено до обвинетите, тие имаат право во рок од 15 дена да поднесат приговор на обвинителниот акт, по кој ќе одлучува Кривичниот совет во скопскиот Основен суд 1. Доколку тој биде одбиен од страна на судот, или пак не биде поднесен приговор, обвинението ќе стапи на правна сила, по што судот ќе треба да закаже главен претрес“, изјави Шврговски.

Ljupco Svrgovski Staatsanwalt Mazedonien
Јавниот обвинител Љупчо ШврговскиФотографија: Petr Stojanovski

Истовремено, Кривичниот совет денеска донесе решение за продолжување на мерката притвор за нови 30 дена на обвинетите во случајот Пајажина. Адвокатскиот тим на обвинетите реагира за начинот на кој се водела целата постапка:

„Ваква експедитивност на постапка е незапаметена во историјата на македонското судство, за еден ден да се добие вештачење кое според наши информации е на 180 страници и за неполни 24 часа да биде готово обвинението. Тоа укажува на она што уште од почеток го тврдевме - дека постои сценарио и уште пресуда треба да ни‘ дадат и да не губиме многу време“, изјави адвокатот Мирослав Вуиќ.

Инаку, случајот со А1 стана една од главните пречки за договор меѓу власта и опозицијата за нормализирање на политичкиот дијалог во земјата и одржување предвремени парламентарни избори.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема