1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Напаѓачот на карневалот имаше задоволен поглед“

БГ/ ДПА
25 февруари 2020

Германските власти соопштија дека го сместиле во истражен затвор лицето кое со своето возило нападна карневалска поворка во градот Фолкмарзен. Од 60 повредени, 20 се деца.

https://p.dw.com/p/3YQBP
Deutschland Auto fährt in Karnevalsumzug in Hessen
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pförtner

Возачот кој со својот автомобил се заби во толпа луѓе за време на карневалската прослава во градот Фолкмарзен од вечерва е во истражен затвор, но германската полиција се уште не знае ништо за мотивот на нападот. Тој е обвинет за обид за убиство, но од обвинителството велат дека истрагата се води во сите насоки.

Вкупно повредени се 61 лице, на возраст меѓу две и 85 години. Дел од нив се со тешки повреди, а 20 се деца.
Вработена во итните служби денеска за германските медиуми раскажа дека 29-годишниот напаѓач се обидел физички да се пресмета со неа откако таа му пришла на неговиот автомобил. Леа-Софи Шлемер ја отворила возачката врата на автомобилот и се обидела да го извлече клучот, но 29-годишниот Морис П. ја фатил за коса и започнал да ја дави обидувајќи се повторно да го запали возилото. Од нападот ја спасиле тројца локални жители кои притрчале и го совладале агресорот со тупаници.

„Не проговори ниту збор. Изгледаше празно и мртво, но се чинеше задоволен. Беше навистина потресно колку задоволен делуваше“, вели Шлемер.

Deutschland Auto fährt in Rosenmontagszug in Volkmarsen
Детска играчка останата на местото на нападот во ФолкмарзенФотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender

Малото градче со седум илјади жители и денеска е во шок по крвавиот напад. Многумина се прашуваат дали напаѓачот е луд или заслепен од омраза. Полицијата соопшти дека тестовите на алкохол во крвта биле негативни, но нема информации за неговата психичка состојба.

Човекот се доселил во градот пред неколку години и живеел во голема куќа со својата сестра.

„Има и роднини кои живеат на неговата улица. Немам поим зошто го стори тоа. Чудо е што никој не загина“, вели негова сосетка за агенцијата Ројтерс. Ни останатите жители на градот немаат одговор на прашањето: Зошто?