1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсен напаѓачот во Фолкмарзен, мотивот непознат

БГ/ ДПА
24 февруари 2020

Меѓу 30 повредени во нападот врз гледачите на карневалот во германскиот град Фолкмарзен, 10 се деца. Напаѓачот и уште едно осомничено лице се уапсени. Мотивот се истражува.

https://p.dw.com/p/3YLyy
Deutschland Auto fährt in Rosenmontagszug in Volkmarsen
Фотографија: Reuters/E. Schulten

Германската полиција уапсила две лица поврзани со денешниот напад со возило врз толпа луѓе за време на карневалската прослава во градот Фолкмарзен. Најмалку 30 луѓе се повредени во инцидентот од кои седуммина се во тешка состојба. Една третина од повредените се деца.

Полицијата смета дека возилото намерно влетало во парадата, а било управувано од локален, 29-годишен Германец. Случајот засега се истражува како обид за убиство.

Сведокот на случувањата, Рајнхард Кубат за агенцијата ДПА изјави дека откако ги слушнал сирените за опасност истрчал кон местото на настанот минувајќи покрај расплакани луѓе.
„Насекаде по улицата лежеа деца“, вели тој.

Напаѓачот е жител на градот, но не им бил познат на властите како екстремист. Полицијата вели дека тој се уште не е во состојба да сведочи за настанот. Весникот Билд повикувајќи се на очевидци тврди дека возачот за малку ќе бил линчуван од бесните сведоци на настанот и дека морал да биде заштитен од полицијата. Сведоците велат дека возачот ги заобиколил полициските блокади поставени за да ги одвојат учесниците на карневалот и гледачите. На видео снимките од местото на настанот може да се види сребрено возило Мерцедес на тротоарот.

Второто уапсено лице всушност го снимал инцидентот од зад возилото, но не е јасно дали тоа го правел како соучесник или како очевидец. Локалната полиција апелираше до сите кои имаат видеа или фотографии од настанот да не ги објавуваат на социјалните мрежи.

Ова е втора трагедија во Германија последнава недела, и тоа во истата покраина- Хесен. Претходно, десничарски радикал во градот Ханау нападна два наргиле-бара со огнено оружје. Во нападот загинаа 10 луѓе.
Во Германија денеска во голем број градови се слави карневалот, а најголемите паради се одржуваат во Келн, Диселдорф и Мајнц. Фолкмарзен, со население од седум илјади жители, се наоѓа источно од Диселдорф.