1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На младите во југоисточна Европа им треба работа

Бенјамин Парган/Ж.А.18 април 2016

„Млади, динамични и без шанси?“- тоа е мотото на годинашната Духовна акција на католичката хуманитарна организација Реновабис, која укажува на тешката ситуација во која се наоѓаат младите во југоисточна Европа.

https://p.dw.com/p/1IXV3
Фотографија: picture-alliance/ZB

70 проценти од младите во Босна и Херцеговина сакаат да ја напуштат земјата, тоа е резултат на депримирачкото секојдневие и фрустрирачки лошите шанси за иднината. Ситуацијата е слична и во земјите од Западен Балкан, истакна Перо Судар, помошникот на врхбосанскиот бискуп, на отворањето на Духовната акција на хуманитарната католичка организација Реновабис во бискупијата Шпејер во Германија. Целта на акцијата е свртување внимание кон состојбата на младите во југоисточна Европа и будење солидарност кон нив. Со години во речиси сите земји од Западен Балкан се бележат исти бројки. Првенствено стапката на неврабтеност кај младината е причина поради која тие немаат перспектива во своите татковини. Во Србија, Македонија, БиХ и на Косово, според статистиките, невработеноста меѓу младите е меѓу 45 и 60 проценти. Ако кон тоа се додаде сиромаштијата, политичката нестабилност, корупцијата и непотизмот, многумина се едноставно песимистички настроени и резигнирани.

Загубена генерација

Бискупот Судар предупреди дека младите во овој дел од Европа имаат загубено доверба во демократските институции, па дури и во самата демократија. Судар во овој контекст ја нагласува геополитичката положба на балканските земји и мултиетничкиот и мултирелигискиот карактер на општествата во нив. Зашто, со социјалните проблеми, на проба се става и спремноста на христијаните и муслиманите, на католиците и православните, да живеат заеднички во мир.

Во тек е вистински егзодус на младите од југоисточна Европа, што претставува сериозна закана за земјите од овој дел на Европа. Притоа, на Балканот не постои долгорочна стратегија за совладување на невработеноста на младите луѓе. Последица е што младите најчесто остануваат да живеат кај родителите, финансиски зависат од нивните приходи или од пензиите на бабите и дедовците.

Разочарувањето и безнадежноста кои произкегуваат од тоа будат нови опасности, нагласија учесниците на разговорите во Шпејер. Социјалните работници во ова гледаат плодно тло за за оддавање на младите на дрога и алкохол, како и игри на среќа и криминал. Последната година порасна и ризикот од верска радикализација.

Deutschland Speyer Renovabis-Tagung
Бискупите Судар и Висеман на конференцијата во ШпејерФотографија: DW/B. Pargan

„Овде се живее понормално“

Владите на земјите од југоисточна Европа одамна ја препознаа експлозивната сила на ваквиот развој на ситуацијата, но конкретни решенија немаат. Не им недостигаат само пари, туку првенстевно и желба и способност за спроведување на нужните реформи на образовниот систем, пазарот на труд, како и подобрување на стручното образование и усовршување. Според актуелните истражувања, околу 80 проценти од младите луѓе не веруваат дека со факултетска диплома можат да си обезбедат себе си подобри услови на живот. Истражувања се спроведени и во другите балкански земји и добиени се слични резултати.

Директорот на Реновабис, Герхард Алберт, има ист поглед на работите и смета дека актуелниот развој на ситуацијата е „огромен предизвик“. Важно е владите и политичарите да не се ослободат од одговорноста за континуираниот егзодус на младите, што го загрозува развојот на источноевропските држави.

Бискупот од Сараево на крајот сепак сакаше да биде оптимист, наведувајќи еден позитивен пример. Во текот на неговата посета на Сан Франциско, тој запознал еден успешен претприемач, кој му раскажал дека сака со сопругата и со петте деца да се врати во Босна и Херцеговина. Набрзо на една свеченост во централна Босна се сретнале повторно и на прашањето зошто се вратил во татковината, тој одговорил: „Овде се живее понормално!“