1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На балканските политички елити не им се брза во ЕУ

Ненад Крајцер/БГ11 март 2016

Дали и покрај сите кризи ЕУ е сѐ уште интересна за земјите од Западниот Балкан? На тоа прашање се бараше одговор на конференцијата во Белград на која учествуваше и германскиот пратеник Јосип Јуратовиќ.

https://p.dw.com/p/1IAOC
Фотографија: DW

„Консолидација на европската идеја на Балканот“ е тематската анализа на германските социјалдемократи која на конференцијата во Белград ја претстави пратеникот во Бундестагот, Јосип Јуратовиќ. Јуратовиќ за ДВ објаснува зошто членството во ЕУ нема алтернатива кога се работи за земјите од Западниот Балкан.

ДВ: Социјалдемократите во Бундестагот неодамна заклучија дека состојбата во земјите од Западниот Балкан се влошува. Колку е идејата за членство во ЕУ сѐ уште двигател на реформите во балканските земји?

Јуратовиќ: Јас мислам дека таа идеја е присутна затоа што гледаме дека и народот и политичките елити гледаат дека тој процес не може да се заобиколи. Невозможно е да се остане без дамки во рамките на ЕУ. Без тоа, барем што се однесува до процесот на демократизација на општеството и усогласувањето на законите, нема да оди. Друго прашање е со која брзина ќе се одвива тој процес.

Забележувате ли промени во односот кон ЕУ? Некој вид замор, доколку се земат предвид кризите низ кои ЕУ континуирано веќе со години минува? Имаат ли иницијативите како берлинската за Западниот Балкан перспектива, како што се наведува во насоките на СПД?

Тој замор е забележлив веќе извесно време, но од обете страни. Внатре во ЕУ постои дилемата дали да се занимаваат со проширување или со консолидација на Унијата. Мислам дека паралелно мораме да ги водиме двата процеси: консолидација, но да се држиме и до она што го ветивме во Солун во 2003, а тоа е ЕУ перспективата за сите земји на Западниот Балкан. Но, некако имам впечаток дека процесот на приближување на овие земји, наспроти почетната фаза кога имаше голем напредок, некако застана. Некои земји, како Македонија дури повеќе назадуваат одошто напредуваат. Нам сега ни е потребна взаемна иницијатива за тој процес повторно да се забрза. Тука треба да се истакне иницијативата за Западен Балкан која започна во Берлин, а продолжи во Виена. Тоа се познати цели кои не мора да се повторуваат. Треба да продолжи економскиот развој, но и изградбата на демократијата и зајакнувањето на цивилното општество.

Bundeskanzlerin Merkel und Österreichs Kanzler Faymann auf der Westbalkankonferenz in Wien
Германскиот и австрискиот канцелар, Меркел и Фајман на конференцијата за Западниот Балкан во ВиенаФотографија: Reuters/L. Niesner

Во својата студија германските социјалдемократи се повикуваат на процесот на конференцијата за Западен Балкан и на германско-британската иницијатива за Босна и Херцеговина. Тие процеси траат веќе подолго време. Има ли ЕУ воопшто енергија и волја долгорочно и одржливо да му се посвети на регионот на Балканот и да се спротивстави на влијанието на Русија, Турција и Кина?

Тие процеси зависат од добрата волја и степенот на иницијативност на владите и политичките структури на земјите од Западниот Балкан. Сите тврдат дека сакаат во ЕУ, но некако сите чекаат ЕУ да воведе диктат околу тоа како и колку брзо ќе се одвива тој процес. Имам чувство дека сето тоа оди насила и тоа многу иритира. ЕУ е полна со сопствени проблеми: разлики во регионалниот развој, невработеност на младите од југот на Европа, а сега и бегалската криза. Затоа се потребни повеќе иницијативи одвнатре. Понекогаш имам чувство, а за тоа се говореше и на конференцијата во Белград, дека на политичките елити во земјите од Западниот Балкан баш и не им се брза во ЕУ. Можеби една од причините е и борбата против корупцијата. Јас не сакам да тврдам дека сите политичари на Балканот се корумпирани, но таа појава е многу присутна. И поради тоа на многумина не им се брза. Тие повеќе би сакале пари за проекти со кои ќе можат да купуваат политички поени. Но кога се работи за реформите кои се однесуваат на правната држава, човековите права, правосудството, сето тоа оди бавно. И во тој дел очекуваме поголема самоиницијативност на Балканот. Притоа постои уште нешто ново и загрижувачко. На моите патувања стекнав впечаток дека многу способни луѓе го напуштија регионот и за жал нема многу луѓе кои останаа таму и кои се способни да ги водат таквите процеси. Така што, дури и онаму каде што се сака, каде постои иницијатива, не се оди понатаму затоа што недостасува стручен кадар.

Тоа звучи многу песимистички. Значи останува сѐ на политичката елита која е на власт во земјите од Западниот Балкан. Мислите ли дека ЕУ во недостаток на подобро решение на крај ќе замижи на едно око за многу прашања врзани со напредокот кон ЕУ?

Кога е во прашање политиката, а тука говорам и од сопствено искуство, во ситуација сте да бидете присилени да бирате меѓу лошо и помалку лошо решение. Тоа за мене лично е голем проблем. Понекогаш е видливо дека ЕУ се доживува исклучиво како економска идеја, како нешто каде со фондови можат да се покријат политичките пропусти во економијата. Премалку има желба за демократски дух. Мислам дека на теренот, кога говориме за Западниот Балкан кој добро го познавам, често на некои им се прогледува низ прсти. Таков е на пример случајот Сејдиќ-Финци во БиХ.

Процесот на приближување на многу политичари им служи и како алиби за прикривање на некои проблеми кои немаат многу врска со ЕУ?

Да, многу социјални кратења кои по правило ги бараат некои други организации, како Светската банка, се продаваат како нешто што го бара ЕУ. Но социјалната политика секогаш е национална политика. За жал многумина паѓаат на тоа. Јас како социјалдемократ разговарав со многумина кои се жалеа дека ЕУ ги крати правата на работниците. Тогаш морам да им објаснувам дека тоа нема врска со ЕУ. И тука мораме многу да внимаваме бидејќи на крајот ќе испадне дека оние на кои најмногу им требаат правила какви што важат во ЕУ, а тоа се работниците, да бидат противници на влезот во ЕУ. Затоа е многу важно да постојат луѓе од граѓанското општество кои на луѓето ќе им објаснат дека тоа не е така.