1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санкции за Мјанмар - протестите и апсењата продолжуваат

Мартин Кох
11 февруари 2021

Протестите на илјадници луѓе во Мјанмар против армијата не запираат. Војската, пак, продолжува со апсења. САД воведуваат санкции.

https://p.dw.com/p/3pCKk
Myanmar Proteste gegen den Militärputsch
Фотографија: Reuters

По воениот удар во Мјанмар, САД најавија казнени мерки против водечките генерали во азиската земја. Санкциите треба да погодат и членови на семејствата на припадниците на армијата, како и фирми поврзани со војската, соопшти американскиот претседател Џо Бајден.

Повеќе: Пуч, корона и сиромаштија: Опасна комбинација во Мјанмар

Првите конкретни цели на санкциите ќе бидат соопштени уште неделава, изјави Бајден. Освен тоа, САД сакаат да воведат и контрола на извозот и да подготват и други санкции. На режимот во Мјанмар ќе му биде одбиен пристап до околу милијарда американски долари кои се наоѓаат во САД.

USA | Putsch in Myanmar | Joe Biden kündigt Sanktionen gegen Armee
Американскиот претседател Бајден бара враќање кон демократијаФотографија: Michael Reynolds/UPI Photo/imago images

Американскиот претседател побара враќање кон демократија, како и „итно“ ослободување на сите уапсени политичари и активисти, вклучително и носителката на Нобеловата награда за мир, Аунг Сан Су Ќи и претседателот Вин Мијнт.

Повеќе: Крај на илузиите во Мјанмар

Су Ќи не е видена уште од денот на нејзиното апсење, први февруари. Американското Министерство за надворешни работи во вторникот наведе дека биле преземени „како неформални, така и формални обиди“ за да се стигне до 75-годишната Су Ќи. Но, „тие обиди беа отфрлени“.

Nach Putsch in Myanmar - Proteste gegen Militärs
Ослободете ги нашите лидери, бараат демонстрантите во МјанмарФотографија: Kyodo News/imago images

Во меѓувреме во Мјанмар десетици илјади луѓе продолжуваат со протестите против пучистите. Од понеделникот вечерта во регионите каде има масовни протести е воведен полициски час од 20 часот до 4 часот изутрина, како и забрана за собирање.