1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да му дадеме уште една шанса на Мицкоски

17 март 2021

Овојпат се готови, им се ближи крајот. Доаѓа македонската пролет и народот ќе ја казни оваа ненародна влада. Пишува Никола Тодоров.

https://p.dw.com/p/3qkdO
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Две илјади триесет и второ лето господово. Само што завршија парламентарните избори. СДСМ повторно тесно победи. Но, не може да се каже дека победиле затоа што во коалицијата имаа една партија повеќе од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Јасно е дека доколку имаа ист број на партии во коалиција, ВМРО-ДПМНЕ ќе победеше. ВМРО-ДПМНЕ е моралниот победник и на овие избори, исто како и на претходните и на тие пред нив. Фактот што СДСМ повторно ќе направи влада ништо не значи. Нема да може да владее со тоа тесно мнозинство, парламентот ќе биде блокиран и нема да може седница да одржат, а и ВМРО веќе преговара со некои од пратениците од СДСМ за да се направи ново парламентарно мнозинство. Воедно на овие избори претходното раководство на ВМРО работеше против интересите на ВМРО и затоа виновни за поразот на овие избори се и тие поранешни функционери на партијата. Чекај, па нели победивме? Да, ВМРО е морален победник и затоа треба да му дадеме уште една шанса на Мицкоски. Во 2033 нѐ чекаат нови локални избори, на кои ВМРО има големи шанси да го освои Скопје кое долго време лошо го води СДСМ. Се сеќавате колку тесно и со каква изборна измама победи СДСМ во Скопје во 2029 година? Овојпат се готови, им се ближи крајот. Доаѓа македонската пролет и народот ќе ја казни оваа ненародна влада. Затоа да му дадеме уште една шанса на Мицкоски на овие локални избори, па ако загуби или не формира влада, Мицкоски ќе се повлече. Еве, човекот тоа и јавно го изјави. А, знаете дека Мицкоски секогаш си држи до зборот.

Драги мои, ја знаете онаа српската за лудиот и збунетиот? Е, па тоа е.

Сакав оваа колумна да ја завршам како една фикција, како една измислена приказна. Но, ова не е фикција. Ова не е измислена приказна, туку е прилично прецизна проекција базирана на искуство, истражување и на она што веќе го видовме. Да му дадеме уште една шанса на Мицкоски, значи да му дадеме уште една шанса на Заев.

Други колумни од авторот:

Манипулант

Мицковски во ВМРО, СДСМ на власт

Политика на бојкот и лажната надеж

Да, секоја нова шанса на Мицкоски значи дека сме спремни и согласни да му дадеме уште една шанса на Заев. Доколку Мицкоски го следеше демократскиот чин на претходниот претседател на ВМРО и си заминеше по поразот на локалните избори 2017 година, кога тој беше генерален секретар, но и носител на листа во град Скопје, или пак ако си заминеше по референдумот, или пак по поразот на претседателските избори, на кои, исто како и на овие парламентарни избори, иако поразен ни се продаваше како морален победник, денес Мицкоски немаше да се бори да освои 20-тина градоначалници. Да, тој се надева дека ќе успее на овие локални избори да освои 20-тина градоначалници и тој пораз, математички прецизно, да ни го претстави како епохално подобрување на резултатот од последните локални избори за повеќе од 400%, но и како изборна победа на ВМРО. Морална де, повторно, ама кој памети и кој слуша?! Важно е да се зачува фотелјата во партијата, привилегиите, парите и моќта. Важно е по секоја цена Мицкоски да си организира приватен конгрес на кој ќе постави свои делегати, кои со сигурност ќе му веруваат на приказната дека поразот е всушност победа и дека 20-тина освоени градоначалници се доволни за уште еден чист четиригодишен мандат за Мицкоски. Па не може Заев секогаш тесно да победува! Ќе дојде време, по инерција еднаш и Мицкоски ќе победи. Секој кој вака ќе размислува, ќе може да биде делегат на приватниот конгрес што Мицкоски сака да си го организира. Секој кој на ова ќе се спротивстави, ќе биде слуга на Заев, предавник, платеник, уценет и што ли уште не. А во основа е обратно - со тоа што не си оди, Мицкоски му помага на Заев, па излегува дека тој е негов слуга, а можеби и уценет, или пак има нешто трето. Не знам, но едно знам: Давањето на уште една шанса на Мицкоски да ја води ВМРО и да освои 20-тина градоначалници на следниве локални избори е давање на победата на СДСМ и на Заев на тацна. Јас сум сигурен и убеден дека доколку Мицкоски денес си поднесе оставка, на следните локални избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Доколку не си поднесе оставка, нема.

Колумнава е кратка за да ја дочитаат сите оние кои заради насловот мислат дека сум му се покорил на Мицкоски и сум ја свртел плочата. Не, драги мои, никогаш нема однапред да се помирам со пораз на ВМРО и никогаш нема да се покорам ниту на Мицкоски ниту на Заев. Да се знае, ако Мицкоски сам не си отиде оваа пролет, треба да биде сменет за ВМРО да победи. Да бидам прецизен, победа на локални избори значи повеќе гласови на листите за советници, или барем победа за градоначалник во град Скопје. Сѐ друго е математички прецизен пораз и само луд или збунет може да поверува во спротивното.