1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велика Британија го напушта заедничкиот пазар на ЕУ

БГ
17 јануари 2017

Британската премиерка Тереза Меј порача дека нејзината земја сака чист развод со ЕУ, вклучително и напуштање на заедничкиот пазар. Таа очекува преговорите да траат две години, а заминувањето да оди во фази.

https://p.dw.com/p/2Vuua
Britain Brexit Ministerpräsidentin Theresa May
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/K. Wigglesworth

Обединетото Кралство нема да бара договор за половичен излез од ЕУ, туку целосен раскин на односите со Брисел, порача британската премиерка Меј.

„Ни делумно членство во ЕУ, асоцијативно членство, или што било друго што ќе нѐ остави дополу внатре, а половина надвор. Не се обидуваме да усвоиме модел кој го користат некои земји. Не сакаме да задржиме делчиња од членството при заминувањето“, порача Меј.

Сепак, таа се надева дека нејзината земја и ЕУ и натаму ќе бидат „партнери од доверба, добри сојузници и блиски пријатели“.

Меј презентираше 12 приоритети, кои вклучуваат напуштање на заедничкиот ЕУ пазар и преземање на целосна контрола над границите.

Таа ги отфрли етикетите како „тврд Брегзит“ и „мек Брегзит“ кои често се користат во јавноста, и рече дека сака да гради нови односи во интерес и на Британија и на ЕУ.

„Сакаме да ги купуваме вашите производи, да ви ги продаваме нашите, да тргуваме со вас колку што е можно послободно, и да соработуваме во интерес на побезбедна, посигурна и просперитетна иднина преку континуирано пријателство“.

Говорот на Меј сигнализира дека Британија ќе го напушти заедничкиот пазар со цел да си ја поврати контролата врз имиграцијата - прашање кое беше клучно за многу гласачи кои го поддржаа напуштањето на ЕУ на референдумот. Лидерите на ЕУ веќе порачаа дека Британија нема да може да остане дел од заедничкиот пазар без притоа да дозволи слободно движење на луѓе. Меј се надева дека по напуштањето на заедничкиот пазар, Британија ќе успее да испреговара договор за слободна трговија со ЕУ.

Утрово, откако беа објавени делови од говорот на Меј, британската фунта падна на ново најниско ниво во однос на американскиот долар, но во меѓувреме се стабилизираше, откако таа најави дека Британија ќе биде отворена за трговија на глобално ниво.

Меј рече дека очекува да се постигне договор за излез на Велика Британија во следните две години, а напуштањето потоа да оди во фази.