1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Месечарење во корона-криза – кој всушност потфрли?

Михаел Мајер-Резенде
11 мај 2020

Корона-кризата со нејзините огромни последици по стопанството и општеството можеше да се избегне, смета Михаел Мајер-Резенде од невладината организација Демокраси репортинг интернешнл.

https://p.dw.com/p/3c1kY
Symbolfoto Vorsichtsmaßnahmen Coronavirus | Spritze und Biogefährdungsschild auf Mundschutz
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bildagentur-online/Ohde

Австралискиот историчар Кристофер Кларк во 2013 ја објави книгата „Месечари" – опис за тоа како дошло до Првата светска војна. Неговата теза гласи: шефовите на европските држави и влади во 1914 година всушност немале поим дека започнуваат ужасна и долготрајна светска војна. Никогаш повеќе не сакаме да бидеме месечари – тоа беше реченица која се користеше во многу говори за Европа во изминатите години. Никогаш повеќе нема да го преспиеме национализмот! Нема да ја преспиеме климатската катастрофа! Ова го изговори францускиот претседател Емануел Макрон. Го изговори и германската канцеларка Ангела Меркел, како и поранешниот претседател на Европската комисија, Жан- Клод Јункер.

Повторување од 1918

Но сега Европа ја преспа катастрофата од пандемијата. Не се работи за повторување на настаните од 1914, туку од1918 – година кога избувна шпанскиот грип. Најголемата последна епидемија во Европа. Одамна ја имавме заборавено.

Европа потфрли. Дали е тоа премногу силно изразено? Дали пред сѐ Кина на почетокот не ја забошоти опасноста? Зарем научниците од берлинската болница Шарите не го развија уште во јануари првиот глобален тест за овој вирус? Дали некои земји во Европа не се справуваат со проблемот подобро од другите?

Сѐ е точно – но во март сите влади во Европа се соочија со носење застрашувачка одлука – или многу луѓе да починат и здравствениот систем најверојатно ќе колабира или голем дел од јавниот живот ќе биде запрен брзо и радикално што пак ќе предизвика масовни штети врз економиите во многу земји. Прогресивна влада не смее никогаш да маневрира во ситуација во која треба да се донесат вакви одлуки.

Ситуацијата можеше да биде избегната

Во меѓувреме може да се каже: ситуацијата можеше да биде избегната, во најмала рака во оваа димензија. Со многу помала предност, Тајван, Јужна Кореја и Хонгконг ја ставија епидемијата под контрола, без да го задушат поголемиот дел од стопанството. Ковид-19 беше предвидлив итен случај. Но Европа го преспа. Албер Ками го опишува ова однесување во „Чума“: „Секој знае дека чумата одново и одново се појавува во светот, но некако ни паѓа тешко да поверуваме во тоа ако одеднаш од нигде никаде ни падне врз глава.“  

Autorenbild Michael Meyer-Resende
Михаел Мајер-РезендеФотографија: democracy-reporting.org

Европските влади не беа подготвени и не делуваа навреме. Но, ние живееме во демократии и владите не реагираат на сѐ она што како тема ќе го отвори опозицијата, медиумите, интересните групи или граѓанските инцијативи. Никој во минатото не им обрати сериозно внимание на пандемиите. Ниту еден политичар кој би се залагал за подобра грижа не би бил награден со гласови. Едноставно сите потфрливме.

Да се учи од примерот

Тоа што сега ни треба е системска контрола на она што е направено погрешно - во секоја земја членка на ниво на ЕУ. Може и да се преправаме дека пандемијата ни дојде како гром од ведро небо. Но, тогаш нема ништо да научиме и подобриме. Секако следниот пат ќе бидеме поспремни. Но, сега постои опасност дека следните години ќе ги поминеме со биење на актуелнава битка. А, следната закана може да биде некоја сосем различна: да се повтори не 1918, туку 1986 (нуклеарна несреќа) или 2001 (голем терористички напад). Или пак 1914, во форма на војна меѓу НАТО и Русија. 

Кризи често предизвикуваат две спротиставени реакции: од една страна желбата да не биде толку страшно и да се врати нормалниот тек на нештата. Од друга страна е време за утопии кои најчесто не се реализираат. Во финансиската криза 2008 имаше многу изјави за намери за ново ориентирање на банкарскиот систем од кои остана само малку. 

Ревалоризација на големите ризици за Европа

Додека шокот уште делува ни треба нова јавна проценка на најголемите ризици на нашиот континент. Таквиот процес мора да ја земе во предвид и општествената димензија без која една демократија не може да постигне трајни промени. Министерот за надворешни работи на Кина изјави дека „само во Кина и само под водство на претседателот Ши има толку ефикасни мерки што епидемијата која брзо се шири може да се стави под контрола”. 

Такви пропагандистички потези не ни се потребни во демократија. Може да признаеме дека на почеток на кризата немаше доволно проактивност од властите, кои можеби и потфрлија. Но, шансата може да се искористи за следниот пат да се постапи подобро. 

Михаел Мајер Резенде е директор на НВО Демокраси Рипортинг Интернешнл