1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовската логика на новиот светски поредок

20 декември 2018

Она што делува како заострување на судирот е всушност само следен чекор кон целосно одвојување на Косово од Србија. САД и Русија заземаат позиции, а ЕУ би требало да биде поприсутна, смета Аделхајд Фајлке.

https://p.dw.com/p/3AQ0c
Kosovo Security Forces KSF
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Тоа што се случува околу Косово ја следи логиката на новиот светски поредок - поредок на Доналд Трамп или Владимир Путин, а не логиката на ОН или ЕУ. И затоа не е чудо што најважен поддржувач на Косовците се САД, а на Србија - Русија.

Таму, на маргините на Европа, сега се маркираат сферите на интерес. Откако минатата година Црна Гора стана членка на НАТО, а наскоро тоа ќе може да го стори и Македонија, на Балканот остануваат три држави со неразјаснета безбедносно-политичка припадност: Босна и Херцеговина, Србија и Косово. И покрај повеќегодишните и децениски дипломатски напори, особено на ЕУ, малку е постигнато за намалување на тензиите. И нејасно е каде води сето тоа.

Слабоста на мултилатералните организации

Затоа неодамнешните случувања околу Косово се симптом за слабоста на мултилатералните организации, посебно на ЕУ и ОН. Во обидот да ги избалансираат интересите на своите членки, тие едвај заземаат позиции. Потресени од случувањата во последните недели, тие бараат умереност, но речиси и да нема конкретни мерки. И над се, ЕУ во регионот ги изигра, не само симпатиите, туку и авторитетот, бидејќи повеќе не може уверливо да ја одржи перспективата за пристапување. Противењето на интеграцијата на Западниот Балкан не само што не се намали, туку и се зголеми.

Политичарите од Западниот Балкан тоа одамна го сфатија. Тие се занимаваат со други работи: личната моќ, и домашните економски и безбедносни интереси. Убавиот свет на вредностите на демократска и единствена Европа не им е на прво место.

Feilcke Adelheid Kommentarbild App
Аделхајд Фајлке

Така се појавуваат нови маневарски простори, чија цел не е соработката во рамките на регионот, туку спроведување на поединечни интереси. Тоа подразбира и изолација, што го потврдува формирањето на Војската на Косово и воведувањето царини од 100 проценти на српскиот увоз. Се чини дека засега нема ништо од сонот за економско обединување на шесте држави од Западниот Балкан, а со тоа и надминување на судирите околу државноста.

Наместо тоа, се покажуваат мускули, а противниците заземаат позиции. Основањето на косовската армија беше, додуша, првенствено симболичен чин, но Косово со него јасно става до знаење дека ги користи правата на една суверена држава и дека настапува со нова самодоверба. Десет години од прогласувањето на независноста и 20 години од војната, жителите повеќе не сакаат да се чувствуваат како граѓани од втор ред, опкружени со држави кои уживаат во слободата на движење и членство во меѓународни организации.

ЕУ не ја користи шансата

Но, ЕУ и натаму има проблеми активно да се заложи за Западниот Балкан и да го сфати како шанса. На Косовците не им се дава безвизен режим, но се бара од нив да ги укинат царините. Сето тоа е точно согласно европската логика. Но не и според „логиката“ на новиот светски поредок.
Дијалогот меѓу Србија и Косово под патронажа на ЕУ сега е на тенок мраз. Не е ни чудно што Косово бара во разговорите да се вклучат и САД.

Во вторникот беше обелоденето и писмото на претседателот на САД Доналд Трамп до косовскиот претседател Хашим Тачи во кое тој го повикува во Белата Куќа за таму да го прослават „историскиот договор“. Тоа звучи како Кемп Дејвид, како некогашниот договор за Блискиот исток. Но договор се уште нема, па дури ни конструктивен дијалог.

Европа би требало поодлучно да ги застапува своите интереси и на Балканот. И тоа заедно со САД. Да не се препушта тој регион сам на себе... или на други влијателни сили.