1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЛитератураУкраина

Украина: Ниту книги, ниту музика од Русија

Олександер Савитски
16 јули 2022

Украинскиот парламент, со оглед на војната, со нов закон ја забранува руска литература и музика. Кои автори и изведувачи се погодени од забраната и кои се исклучоците?

https://p.dw.com/p/4DMdP
Руски книги во украинските книжарници: во иднина достапни само под определени услови
Руски книги во украинските книжарници: во иднина достапни само под определени условиФотографија: Oleksandr Sawytsky/DW

Пуштање руска музика на јавни места, увоз на книги во големи количества од Русија и од Белорусија - сето тоа е сега со закон забрането во Украина. Забраната која ја донесе парламентот во Киев вклучува „производи на уметници или автори кои биле или се државјани на државата агресор“. Освен тоа, на руските изведувачи веќе не им е дозволено да настапуваат во Украина.

Пред да започне инвазијата на Русија, украинскиот ТВ водител и продуцентот Ихор Кондратјук собра над 25.000 потписи во петицијата за забраната на концерти на руските уметници во Украина. За него новиот закон е логичен чекор во заштита на земјата.

„Ова е исто толку дел од одбраната на Украина колку и она што вооружените сили го прават во борба против агресорот. Руските уметници би требало да останат непожелни во Украина сѐ додека односите со Русија не достигнат пријателска основа“, вели Кондратјук за ДВ. Од 2014 година откако Русија го анектираше Крим и започна војна во Донбас, руската војска ги користи уметниците како некој вид претходник, вели модераторот.

Платформите за стриминг и Јутјуб бележат сѐ поголем интерес за содржина на украински јазик, вели Кондратјук.

Со оваа растечка популарност, авторите на законот ја правдаат новата забрана, која предвидува и исклучоци. Имено: изведувачите од Русија кои ја осудуваат агресијата врз Украина не се погодени, а Украина одредува кои се тие уметници.

Руските гласови против војната во Украина

Нема веќе книги од Русија и од Белорусија

Усвоен е уште еден закон и во оваа област: украинскиот парламент одлучи оти е забранет увозот и продажба на издавачки производи од Русија, Белорусија и од окупираните територии на Украина. Од една страна, станува збор за книги кои се пишувани на овие простори, но и за дела на автори кои се државјани на Русија. Исклучок се книгите кои се објавени пред окупацијата.

Меѓутоа, литературата која се објавува во другите земји на руски јазик и натаму може да се увезува во Украина - под услов за тоа да е добиена дозвола. Според законот, советот на експерти прво треба да провери дали литературата содржи антиукраинска пропаганда.

Освен тоа, книгите на авторите кои имале или имаат руски пасош не смеат веќе да се печатат во Украина.

„Секако, и тоа е реакција на општеството на војната. На украинскиот пазар на книги веќе не се дозволени ни 'добрите Руси' ни 'лошите Руси'“, вели Олександр Красовицки, сопственик и директор на издавачката куќа „Фолио“, кој учествуваше во изработка на законот. Забраната за печатење не важи за книгите на руски јазик во кои Украина требаат да бидат објавени до 1.1.2023 година.

Руски книги сѐ уште можат да се најдат во украинските книжарници: Прашање е само до кога?
Руски книги сѐ уште можат да се најдат во украинските книжарници: Прашање е само до кога?Фотографија: Oleksandr Sawytsky/DW

Како ќе се спроведуваат забраните?

Според Красовицки, забраната првенствено е насочена на авторите со руски пасош. Според неговите зборови, Советодавниот совет ќе го разгледува секој случај одделно.

На пример, делата на Александар Пушкин или на Лав Толстој, кои сега се печатат во Русија - веќе не можат да се увезуваат во Украина. Меѓутоа, ако се објавени во друга земја, тогаш можат да се донесат во Украина.

На пример, книгите на Борис Акунин кој веќе не живее во Русија, но е сѐ уште руски државјанин - веќе нема да можат да се внесуваат во Украина ако се печатени во Русија. Неговите книги во Украина легално можат да се продаваат само ако се објавени во друга земја и ако пред увозот се проверени за антиукраинска политика и се одобрени од страна на Советот на стручњаци.

Законот предвидува исклучоци за приватни лица. Ако некој во својот багаж има книга која не е на списокот антиукраинска литература, не повеќе од 10 примероци и ако не е наменета за дистрибуција - може да се увезе.

Како и што се очекуваше, Москва реагираше на овие нови закони: со одредување на украинскиот јазик како единствен во секојдевниот живот голем број Украинци кои зборуваат руски се угнетени, велат руски извори.

Борис Акунин, руски преведувач и писател со грузиско потекло
Борис Акунин, руски преведувач и писател со грузиско потеклоФотографија: Sergei Ilnitsky/epa/dpa/picture alliance

Наставен план и програма без руски класици?

Следен чекор би можел да биде исклучувањето на руската литература од училишната програма. Работната група на Министерството за просвета веќе препорача исклучување на околу 40 руски и советски писатели и поети - вклучувајќи ги Толстој, Пушкин, Достоевски и Булгаков. Меѓутоа, надлежните сѐ уште немаат донесено конечна одлука.

Писателот Ростислав Земкив дури се залага за целосна забрана на руската литература во училиштата.

„Во моментов не гледам како на учениците може да им се пренесе убавината на руската поезија. Во училниците на децата чии домови се уништени, кои мораа да побегнат, кои беа под оган или загубија роднини“, изјави Земкив на украинската телевизија.

Германската книжевност повторно се појави во наставниот план и програма во советските училишта во 1960 година, 15 години по победата над националсоцијализмот. Започна со „Фауст“ на Гете.

Андриј Хирник, професор по психологија и образование на Киевско-мохилијанската академија, вели дека руската литература и култура ионака заземаа неразмерено многу простор во Украина и пред рускиот напад. Сега едноставно поголемо значење ќе се придава на англиската, германската, француската, кинеската и украинската литература.