1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во САД: нормализација на Трампизмот

Михаел Книге
7 ноември 2018

Изборите во САД не донесоа масовно отфрлање на Трампизмот. Но, со преземањето на мнозинството во Конгресот, Демократите извојуваа важна победа, додека Републиканците го задржаа Сенатот. Трампизмот станува нормалност

https://p.dw.com/p/37nZh
Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/E. Vucci

На овој изборен ден пред две години Доналд Трамп победи на изборите за претседател. Никој повеќе не можеше да тврди дека Трамп само зборува, а ништо не постигнува. Очекувањата беа дека Конгресот контролиран од Републиканците и предводен од искусни законодавци ќе го насочува и, ако е неопходно, ќе го зауздува новакот во Белата Куќа. И дополнително дека тежината на претседателската функција како и административците, ткн. старци во собата ќе го спречат Трамп да делува според своите најлоши импулси.
Сите овие рационализации и оправдувања зошто Трамп можеби ќе биде и прифатлив беа многу дубиозни уште во 2016 година. Денес тие се целосно неприфатливи откако светот ги почувствува првите две години на функцијата на Трамп. Тоа е така затоа што Трамп е дури и поотровен, зол и насилен одошто беше за време на кампањата- состојба која не можеше ни да се замисли пред две години.

Врховен провокатор

Врховниот провокатор, кој неодамна се прогласи за националист, постојано ги поттикнува стравовите на латино-американските имигранти, афро-американците, муслиманите и другите малцинства, со својата политика. Медиумите ги прогласи за „непријатели на народот“, а Демократите кои се спротивставуваат на неговите политика за „не-Американци“. И сето тоа го стори со користење на реторика полна со невистини, конспиративни теории, полувистини и комплетни лаги како политичко орудие со цел да ги збрише концептите на вистина и факти.
Но Трамп исто така делуваше врз база на своите импулси. Не само што постојано одбива да ја осуди екстремната десница, како што беше случај во Шарлотвил, туку тој започна и брутална пресметка со недокументираните имигранти кои се веќе во земјата и се обиде на сите начини да спречи различни групи не-американци- бегалци, баратели на азил, мигранти- да влезат во земјата. Ги растресе трансатлантските односи, ги повлече САД од клучни меѓународни договори и организации и им се умилкува на автократи.
Покрај сето ова, како е можно Американците да не се појават во огромни броеви против Трамп и Републиканците и да ја преземат контролата врз Конгресот?

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Длабоко поделената земја

Секој кој патувал низ земјата и разговарал со Американците во последните месеци може да почуствува дека САД се остро поделени. Додека Демократите и ткн. движење на отпорот со право беа бесни поради однесувањето на Трамп, поддржувачите на Трамп и Републиканците застанаа исто толку, иако погрешно, во поддршка на претседателот и беа бесни на однесувањето на демократите. Во комбинација со манипулативните гласачки правила кои на многу места им одеа од рака на Републиканците, поголема победа на Демократите беше тешко да се очекува.
Од сите овие причини, овие избори го дадоа овој резултат. Демократите го постигнаа минимумот кој им беше потребен и го презедоа Конгресот што ќе им овозможи делумна контрола на Трамп додека Републиканците добија нови места во Сенатот. Ова е вообичаено на средномандатните избори за партија која го нема претседателот.
Но Демократите загубија во трката на очекувања дека ќе успеат да добијат клучни гувернерски позиции или места во Сенатот во Флорида и Тексас и можеби дури да се приближат и до мнозинство во Сенатот. Тоа не се случи. Надежта, предвидуваниот „син бран“, не се материјализираше. Поинаку кажано, Трамп и неговите поддржувачи можат и ќе тврдат дека нивната тактика на заплашување успеала да го претвори најавуваниот „син бран“ во сино бранче.

Победници и поразени

И покрај победата на Демократите во Конгресот, сликата од овие избори е заматена.
Добрата вест за земјата и за светот е дека Трамп конечно ќе се соочи со сериозен отпор за некои од неговите ужасни политики и дека кошмарното сценарио во кое Републиканците и натаму би ги контролирале двата дома на Конгресот е избегнато. Одлична вест од изборите е дека рекорден број жени се избрани во долниот дом, вклучително и првата домородна Американка, како и првата муслиманка, сите од редот на Демократите.
Лошата вест за земјата и за светот е дека овој исход сигнализира нормализација на Трампизмот, кој сигурно ќе биде нотиран од разни „мини- Трампови“ ширум светот. Поради тоа, но и поради тоа што- за разлика од 2016- повеќе не можеме да се преправаме дека не знаеме што е Трампизмот, исходот од овие избори е уште поразочарувачки и од самата победа на Трамп пред две години.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема