1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан на пат кон ЕУ - до кога?

30 август 2010

Последиците од воените случувања, што го придружуваа распадот на некогашна Југославија, на многу начини ја забавија евроинтеграцијата на тој регион. Новонастанатите држави денес се на различен степен на напредок кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/Ob86
Фотографија: European Communities

Поранешна Југославија беше сметана како една од првите незападни земји која би можела да ги исполни условите за влегување во ЕУ. Социјалистичка Федеративна Република Југославија имаше добри културни, економски и политички односи со Западот, иако имаше самостоен политички модел на кого многумина му забележуваа за недоволно демократија. Но, настаните што го придружуваа распадот на тогашна Југославија беа разорувачки за регионот, чии европски интеграции тогаш не само што беа запрени, туку отидоа и многу чекори назад.

Василис Марагарс, аналитичар во Центарот за европски политички студии во Брисел, вели: „На војната и стравотиите што ги донесе може да им се стави на товар она што се случуваше - доцнењето во интеграциите. Во умовите на луѓето се создаде слика дека Западен Балкан нема ништо заедничко со остатокот од Европа, токму поради она, што се случуваше во текот на војната.“

Додека новонастаните држави во регионот се опоравуваа секоја од своите рани, во евроинтеграцискиот процес ги претркаа земјите од Балтикот, некои држави од Централна Европа, Малта, Кипар, а потоа и Романија и Бугарија.

Хрватска најблиску до членство во ЕУ

Некогашните југословенски републики, со исклучок на Словенија, која е членка на ЕУ од 2004 година, се на различен степен на напредок кон ЕУ. Моментно, најблиску до членство е Хрватска, која е во завршна фаза на преговорите. Македонија има статус на кандидат од 2005, но има и проблем со соседна Грција околу официјалното име на државата. Напредокот на Србија е условен со довршување на соработката со трибуналот во Хаг, додека Босна и Херцеговина е растргната од внатрешни несогласувања меѓу двата ентитета (Федерацијата БиХ и Република Српска) и трите народи (Срби, Хрвати и Бошњаци), кои живеат таму. Црна Гора нема отворени прашања и се проценува дека би можела да има најлесен пат до заедницата на европски земји, за разлика од Косово, кое не е признато како држава од пет земји-членки на ЕУ. Дорис Пак, известувач на Европскиот парламент за БиХ, проценува: „Единствена земја која сега може да влезе во ЕУ, откако ќе ги исполни сите услови, ќе биде можеби Хрватска во 2012 година, и толку. Сите други земји се на различен степен на пристапување кон ЕУ и мораат да го поминат целиот пат.“

Doris Pack
Дорис Пак: Единствена земја која сега може да влезе во ЕУ, ќе биде можеби ХрватскаФотографија: Europäisches Parlament

Постои ли пакет за екс-Ју?

Jelko Kacin
Јелко Кацин: Никому ништо не може да му се подариФотографија: Europäisches Parlament

Истовремено можеа да се слушнат и различни мислења како би требало да изгледа проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Во одделни сценарија може да се слушне зборот „пакет“, според примерот на истовремениот прием на 10 нови земји-членки во 2004 година, но мнозинството сепак се залага за тоа - секоја од поранешните републиките на некогашна Југославија да и‘ пристапи на ЕУ во оној момент, кога ќе се процени дека е подготвена за тој чекор. Јелко Кацин, специјален известувач на Европскиот парламент за Србија, вели:

„Дали ќе дојде до пакет и со каква големина би бил тој - за тоа пред се решаваат самите земји-кандидати со динамиката и длабочината на промените што мораат да ги извршат. Оние кои се побрзи секако можат и без пакет, а бавните можат да се најдат заедно во пакет. На крајот на краиштата, никому ништо не може да му се подари.“

Заокружување на обединета Европа

Европската перспектива за земјите од Западен Балкан е повеќепати потврдена од Брисел, па сепак се очекува по влегувањето на Хрватска во ЕУ да помине извесно време пред наредната од државите настанати од некогашна Југославија да успее да ја оствари таа цел. Сите тие покажуваат посветеност на својот европски пат, работат и напредуваат на тој пат, но сепак е потребно време за да се исполнат условите неопходни за членство во ЕУ. Поучена од искуствата од претходните проширувања, ЕУ овојпат инсистира новите членки да бидат потполно подготвени да ги следат европските механизми и да ги усогласат своите стандарди и закони со европските. Честопати може да се слушне дека во Европа постои таканаречен „замор од проширувањата“, многумина би рекле дека побргу е во прашање претпазливост, но и дека е обострана добробитта од процесот на проширување. Од една страна. земјите од некогашна Југославија така ќе мораат да минат низ неопходните реформски процеси, а од друга страна, ЕУ со нивниот прием ќе ја заокружи зоната на стабилност и безбедност практично на целиот европски континент.

Eduard Kukan
Едвард Кукан: Без Југоисточна Европа не можеме да зборуваме за обединета ЕвропаФотографија: AP

Едвард Кукан, шеф на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Албанија, БиХ, Србија, Црна Гора и Косово заклучува:

„Без Југоисточна Европа, или ако сакате Западен Балкан, не можеме да зборуваме за обединета Европа, што е и крајна цел на изградбата на обединета Европа“.

Засега никој не сака да зборува за временски одредници кога сите земји што настанаа со распадот на Југославија би можеле повторно да се најдат во заедничка куќа - овојпат европска. Сепак, мнозинството не заборуваат за години, туку за деценија.

Автор: Марина Максимовиќ / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска