1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев се чешка, Мицкоски се словачка

18 мај 2020

Заев нервозно се чешка во обид истовремено да си го одржи рејтингот и да избегне колапс на државата, Мицкоски се „словачка“ неуспешно барајќи примери кои ќе го оправдаат бегството од избори. Коментар на Борис Георгиевски

https://p.dw.com/p/3cQsJ
Nord-Mazedonien Skopje | Besprechung Coronavirus, Politiker
Фотографија: Cabinet of the President of N. Macedonia

Во политиката како и во животот порано или подоцна доаѓа моментот кога повеќе не можете да избегате од некое решение или ќе се најдете во ситуација од која нема назад. Едноставно принудени сте да се соочите со реалноста, каква и да е, и да пресечете. Освен ако не сте на некој квиз, па да побарате џокер, или стоите пред новинарите и да се повикате на... Словачка.
Оваа средноевропска држава е новиот џокер на македонската политичка сцена, ас од ракавот, златна шанса за бегство од непријатни прашања и нокаут за здодевни новинари.
Има ли друга држава во светот која е без парламент, со техничка влада и неизвесен датум за избори среде пандемија на коронавирус?
Има, Словачка! Сакате уште да ви набројувам?
Кој ќе собере храброст да каже: Да, набројувај. А и зошто?
Колегите од „360“ веќе проверија. Словачка одржала избори уште на 29 февруари, си избрала нов парламент и влада, и оттогаш се бори со пандемијата на Ковид-19 и сите предизвици кои таа ги носи така како што и доликува на една земја-членка на ЕУ. 
Или што би се рекло: На „словачка“ и се кратки нозете.
Ако требаше уште да се набројува, каде ќе се бараа примери? 
Хрватска? Таму премиерот Андреј Пленковиќ и „сестринската“ ХДЗ тукушто решија да се оди на гласање на крајот на јуни. Дури и опозицијата прифати, оправдувајќи го тоа со стравот за економијата доколку се одолжува.
Унгарија? Можеби повеќе како дестинација за куси викенд-посети. Таму владата на премиерот Виктор Орбан си изгласа вонредни овластувања, си владее со декрети и си тера на патот кон автократија. 
Ни во Грузија не е исто, затоа што таму Уставот го ограничува правото на организирање избори по воена или вонредна состојба. 
Уставот на Северна Македонија нема такво ограничување. Напротив. Тоа го знае дури и собранискиот спикер Талат Џафери, кој и понатаму е претседател на Собранието и покрај тоа што парламент нема, пратеници нема, а не можат ни да се состанат. Важно сите плата земаат.

Несомнено ќе се измислат уште десетици „словачки“ за да се оправда одбивањето да се оди на избори. Така е тоа во ситуација кога од изборниот резултат зависи политичкиот опстанок, и кога се води битка на се или ништо. И тоа донекаде и ќе можеше да се сфати и разбере доколку зборувавме за нормална ситуација во која секој си го гледа политичкиот профит и шансата да „ушиќари“ нешто за себе или за својата партија. Но кај нас ситуацијата одамна е ненормална, а пандемијата полека но сигурно ја прави и неподнослива. Земјата нема законодавна, а де-јуре, ни извршна власт. Економијата тоне, а тоа долгорочно за последица ќе има ново демократско назадување и засилување на популизмот. Толку барем научивме од изминативе 30 години транзиција, не само кај нас.
Дел од тие процеси веќе гледаме преку економскиот популизам кој го турка техничката влада. Затоа што додека првиот опозиционер се „словачка“, неговиот главен ривал нервозно се чешка во обидот истовремено да го одржи партискиот рејтинг и да избегне колапс на државата.
Како што во моментов стојат работите пред нас се три опции:

- Да се одржат избори до крајот на јуни со или без опозицијата;

- Да се одложуваат изборите до бескрај и да се чека да мине пандемијата.

Првите две опции ќе бидат со тешки последици и за демократијата и за економијата. Во првиот случај, доколку изборите се одржат без опозицијата, ќе се создаде политичка нестабилност која отвора опасност да ги врати политичките процеси (ЕУ) години наназад.
Втората опција ќе ја натера актуелната власт да оди докрај со популизмот и во политиката и во економијата за да се спротивстави на наративот на опозицијата. Без легитимна влада и без парламент, ќе сведочиме на соголена и бескрупулозна партиска пресметка која, порано или подоцна, ќе заврши на улиците.

Третата опција е онаа пракса која ја изнагледавме во изминативе децении, а се сведува на ангажман на дипломатските претставници на западните пријатели и надеж дека ќе надвладее разумот кај оние кои ги блокираат процесите. Варијантата „влечење за уши“ до гласачкото место, за жал, уште еднаш ќе не стави во редот на незрели демократии со ниска политичка и демократска култура.
Ама тоа е, кога не го следиме примерот на Словачка. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи