Единствена Русија освои апсолутно мнозинство
5 декември 2011Партијата Единствена Русија и во иднина може да продолжи да владее сама. Партијата на премиерот Путин освоила 49,5 насто од гласовите по пребројувањето на речиси 96 проценти од избирачките ливчиња на кои граѓаните гласаа за пратеници во Долниот дом на рускиот парламент - Думата, изјави денеска (05.12) Владимир Чуров, претседател на Централната изборна комисија. Проценките на комисијата говорат дека Единствена Русија ќе има 238 места во 450-члената Дума, резултат кој сепак е далеку под оној од пред четири години, кога партијата освои 64 проценти од гласовите, односно 315 пратенички места, а со тоа двотретинско мнозинство во парламентот.
Иста партиска структура во Думата
Чуров соопшти дека според прогнозата на Комисијата во државната Дума ќе влезат и Комунистичката партија на Русија на Генадиј Зјуганов, која ќе има 92 пратенички места, потоа умерената опозициска партија Праведна Русија на Сергеј Миронов со 64 места и Либерално-демократската партија на ултранационалистот Владимир Жириновски со 56 места. Цензусот од седум проценти нема да го минат партиите Јаблоко, Патриоти на Русија и Вистинска работа. Тоа значи дека партиската структура во Думата нема да се промени. Владејачката партија Единствена Русија ќе има за руски услови „тенко“ апсолутно мнозинство од 13 пратеници.
Опозицијата обвинува за изборна измама
Противниците на властите во Кремљ обвинија за фалсификат на изборите. Политичарот Владимир Ришков, кому не му било дозволено да гласа, говореше за „највалкани избори“ во Русија од падот на Советскиот сојуз наваму. Борис Немцов, претседател на Партијата за народна слобода, на која не и‘ беше дозволено да се пријави за изборите пак, демонстративно стави неважечко ливче во избирачката кутија и за британската телевизија Би-Би-Си Ворлд изјави:
„Ова не се избори, ова е специјална операција, манипулација, фалсификат и измама. Затоа ние се разбира сме против тоа. Дојдовме на избирачките места да протестираме, а не да гласаме“.
Централната изборна комисија соопшти дека одзивот на изборите изнесувал околу 60 насто од 110 милиони граѓани со право на глас. Излезноста на претходните избори беше околу 64 насто.
Автор:Симе Недевски/ртр/афп/дпа/ббц
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска