1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден килограм кокаин, цел тон пропаганда

20 февруари 2020

МВР денеска ќе ги соопшти деталите за синоќешната акција во Крушепек. Разликата во шпекулациите - дали се запленети 1,2 тона или само 1 килограм кокаин, може да изнесува 1.119 килограми лажни вести.

https://p.dw.com/p/3Y2Zg
Symbolbild: Paket mit Kokain
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Голема акција, голема заплена на кокаин или преувеличувања за изборно-пропагандни цели? Повод за ваквите дилеми се синоќешните медиумски информации кои се повикуваа на извори во полицијата, а според кои во скопското село Крушопек биле запленети 1,2  или 1,3 тони кокаин. Потоа бројките се стопија, па од истите извори стигнуваа неофицијални информации дека е запленет само 1 килограм. 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на гостување во ТВ „Телма“ изјави дека никогаш порано немало толку кокаин како во последните три години, но откако Наќе Чулев дошол во Министерството за внатрешни работи - веднаш имало акција за сузбивање.

„Тоа е разликата“, потенцираше Николоски.

Претходно за истата тема на социјалните мрежи се огласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

„Во три години власт на СДСМ не слушнавме дека е запленет ниту еден килограм кокаин…Денес МВР заплени 1,3 тони…Најголема количина било кога запленета во РМ… Слепи ли биле? Или…?“, праша Димовски. 

Mazedonien Ilija Dimovski, Kandidat der regierenden VMRO-DPMNE
Илија ДимовскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Кратко памтење, или..?

Точно пред два месеца (19-ти декември 2019) во Скопје беа приведени и притворени актерката Силвија Стојановска и нејзиниот сопруг В.Б., во рамките на меѓународна акција спроведена од шпанската и македонската полиција заедно со Службата за борба против трговија со дрога на Соединетите Американски Држави - ДЕА. Во таа акција, во Шпанија бил уапсен и братот на сопругот на Стојановска. Сите се товарат дека биле дел од меѓународна криминална мрежа, која по инструкции на лидерот на групата организирале транспорт на вкупно 700 килограми кокаин од Колумбија до Шпанија.

Меѓународна операција беше координирана од полициски штабови во Мадрид и Скопје. Стојановска и нејзиниот сопруг и натаму се во притвор, а од Обвинетелството велат дека имаат цврсти докази за делото што го извршиле македонските државјани кои биле дел од таа криминална мрежа. 

Deutschland - Hamburger Zoll beschlagnahmt Drogenpakete
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinardt

„По акцијата во Скопје, во следниот период во Шпанија се приведени и други лица кои биле дел од групата“, велат од Обвинителството за ДВ.

Во очекување на факти

Денеска треба да бидат соопштени деталите за вчерашната акција, која министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера ја најави на Фејсбук.

„Ја информирам јавноста дека Министерството за внатрешни работи во овој момент презема широк спектар на оперативни мерки и активности. По насоки на јавен обвинител и по наредба на судија на претходна постапка се вршат претреси на подрачјето на село Крушопек во близина на Скопје поради недозволена трговија со дрога. Целиот капацитет на Министерството за внатрешни работи е ставен во заштита на граѓаните и безбедноста на државата. Помина времето кога високото раководство во МВР соработуваше и ги поддржуваше криминалните структури во државата. Повеќе информации за јавноста ќе соопштиме во текот на утрешниот ден“, објави Чулев. 

Nord-Mazedonien Nake Culev, Innenminister
Наќе ЧулевФотографија: DW/P. Stojanovski

Јавноста со внимание очекува да слушне колкава е количината на запленетиот кокаин во Крушопек. Според непотврдени информации, пронајдениот килограм кокаин пристигнал заедно со пратка на банани, внесени во земјава со камион и истоварени во магацин во Крушопек. Товарот тргнал од Црна Гора, преку Албанија, до Скопје. Возачот на каминот наводно бил црногорски државјанин.

Во моментов нема информации дали синоќепната акција во Крушопек била дел од меѓународна акција. Голем број домашни медиуми неа ја доведоа во врска со веста што ја објавија италијански медиуми, дека при рутинска контрола во италијанскиот град Порденоне бил уапсен државјанин на Албанија кој во Европа внел 1,2 тони кокаин, пренесуван со бродски транспорт од Јужна и Централна Америка во временски период подолг од една година.