1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара видливо решение за „невидливите“ граѓани

12 април 2021

Од Коалицијата АА/А не наведуваат дали ќе дадат други предлози за решавање на проблемот на граѓаните кои немаат државјанство. Прво очекуваат да го видат пристапот на премиерот кон тоа прашање.

https://p.dw.com/p/3rr6Z
Symbolbild Bioethik Menschenmenge
Фотографија: picture-alliance/VisualEyze/J. Pokorski

Водството на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и премиерот Заев, како што беше најавено, денеска треба да разговараат за предлози со кои ќе се најде решение за граѓаните кои се соочуваат со проблем за добивање државјанство, од независноста на земјата до денес. Од Коалицијата АА/А беа незадоволни затоа што Владата не го прифати нивниот предлог-закон за државјанство и што ВМРО-ДПМНЕ го блокираше со амандмани, по што и тие решија со амандмани да блокираат закони.

Наспроти предлогот државјанство да се добива со сведоци, власта смета дека треба да се бараат други начини за решавање на вакви случаи, во согласност со почитување на меѓународните стандарди.

Во пресрет на очекуваната средба со премиерот, од Коалицијата АА/А не наведуваат дали ќе дадат други предлози, но велат дека, пред сѐ, очекуваат да го видат пристапот на премиерот кон ова прашање.

Во потрага по трајни решенија

Пред десетина дена, по средбата одржана со претставници на Коалицијата АА/А во парламентот, на која присуствуваа и министрите за внатрешни работи и правда, премиерот Заев изрази оптимизам дека ќе се најде решение.

„Не се работи за несакање да се најде решение, туку за изнаоѓање трајни решенија кои понатаму нема да предизвикуваат проблем. За еден дел од работите веднаш изнајдовме решение и знаеме како ќе се решат работите, но за позначаен дел од работите заклучивме дека Владата треба да ги разгледа аргументациите, кои беа понудени од Алијанса за Албанците и Алтернатива, како што и тие треба да ги разгледаат аргументациите кои беа понудени од страна на соодветните министри“, изјави тогаш премиерот.

Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Премиерот Заев е оптимист дека ќе се најде решениеФотографија: Government of North Macedonia

Тој најави дека надлежните служби интензивно ќе работат за да ги разгледаат предлозите што ги дале двете опозициски партии.

„Разграничивме дека граѓани кои имаат извод од матична книга на евиденција, односно се родени тука, е една проблематика, и граѓани кои се стекнуваат со државјанство со природување, односно со женење/мажење во државата, се друга проблематика", рече Заев, оценувајќи ја средбата како конструктивна.

„Ризични за безбедноста“, но без обазложение

Очекувањата се дека конструктивна ќе биде и денешната средба, иако во изминативе денови од Коалицијата АА/А стигнаа многу критички пораки до власта. По полициската акција во која беа приведени вработени во Управните служби на МВР во Скопје кои ја злоупотребиле службената положба за издавање македонски пасоши со туѓ идентитет за членови на меѓународни криминални групи, од Коалицијата АА/А поставија прашање до власта, алудирајќи на „аршините“ за добивање документи.

„Со колку сведоци добиле државјанство овие 214 криминалци? Како може да поминат низ филтрите на МВР без да бидат прогласени опасни по државата? Дали тие се опасност за државата или опасност се стари лица над 80 години, за кои бараме да добијат државјанство“, прашаа од опозициската Коалиција.

Повеќе: 

Гаши: Без фингерпринт- бојкот на изборите, без државјанство- блокада на законите!

Видливи - невидливи: Се бара нов пат до државјанство

Со тројца сведоци до македонско државјанство?

Тие потенцираат дека постои голем хроничен проблем, кој ги спречува луѓето да ги реализираат нивните човекови права. Од контактите што ги имале на терен, многу од луѓето без државјанство тврделе дека се родени и школувани во земјата, но не успеале да добијат државјанство.

„Во старото законско решение крајното мислење го давала УБК, со дискрециско право да не дава образложение за издаденото негативно мислење. Најголемиот дел, околу 90 отсто од случаите, се одбиени со негативно мислење и иста фраза - дека 'барателот е ризичен за безбедноста на државата’. Ако некој е ризичен, треба да се даде образложение“, потенцираа од Коалицијата.

Токму поради тоа, извори од АА/А изјавуваат дека ќе побараат намалување на обемот за верификација од страна на безбедносните тела за лицата без државјанство.

Едни граѓани „поеднакви“ од други

Проблемот трае од осамостојувањето на Македонија во 1991 година, а го надополниле војните во соседството, бегалските кризи и флуктуацијата што тие ја предизвикале. Од Коалицијата како пример го посочуваат кумановско Сопот, каде речиси 50% од жителите немаат државјанство.

„Примери има многу. Мајката на нашата пратеничка, Сафије Садики Шаини, нема државјанство. Сите во семејството имаат државјанство, само таа нема. Уникатен е и случајот со тетките на претседателот на Алтернатива, Африм Гаши. Тој и на прес-конференција го има посочено случајот со неговите две тетки близначки, омажени во Кичево. Едната добила државјанство, а другата – не, бидејќи била прогласена за ‘ризична'. Таа сега живее во Швајцарија, каде што никој не ја смета за разична, и доаѓа во Кичево, плаќа данок, ама нема државјанство", објаснуваа за ДВ од Коалицијата во изминатиот период. 

Mazedonien Zijadin Sela Präident der DPA Neue Partei
Зијадин Села ги отфрла обвинувањата за блокадаФотографија: DW/P. Stojanovski

Оттаму на прифаќаат да бидат обвинети дека го блокираат петтиот сет на мерки за помош на граѓаните и стопанството заради ковид-кризата, условувајќи го со Законот за државјанство.

„Не го блокираме, ние поднесовме амандмани. Која е матичната комисија која дебатира околу оваа работа? Тоа е Комисијата за финансирање и буџет, а таму, исто како и во Комисијата за европски прашања, можеш да имаш и 100 илјади амандмани, но дебатата во оваа комисија трае три дена. Кажете ми колку денови и недели се дебатира оваа работа дека ние сме го блокирале петтиот сет на економски мерки кој треба да им помогне на граѓаните? Цел месец се кажува оваа лага и невистина пред граѓаните“, изјави лидерот на АА, Зијадин Села во интервју за РСЕ, објаснувајќи дека колку и да сакаат да блокираат - тоа може да трае три дена.

За разлика од граѓаните кои чекаат сет мерки за помош, тој потенцираше дека зборува за граѓани кои 30 години не земаат никаква плата.

„Тие немаат право ни да конкурираат за работа, немаат право на здравствено осигурување, немаат право на постела за да умрат достоинствено во болниците. И тие се граѓани. Тие живеат во уште потешки услови од овие други категории граѓани“, изјави Села.