1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче веле на списокот на „странски агенти“ во Русија

Дојче веле
28 март 2022

Дојче веле се најде на списокот на „странски агенти“ во Русија, кој вклучува голем број на странски медиумски организации, како и невладини организации кои добиваат средства од странство

https://p.dw.com/p/498xI
Russland | DW-Studio Moskau
Фотографија: DW

Дојче веле се најде на списокот на „странски агенти“во Русија, кој вклучува голем број на странски медиумски организации, како и невладини организации кои добиваат средства од странство. Руското Министерство за правда во понеделникот го стави германскиот меѓународен радиодифузен сервис Дојче веле на списокот на „странски агенти“.

„Оваа одлука е донесена врз основа на документите добиени од овластените државни органи“, се вели во соопштението на Министерството. Во соопштението не е образложено за какви документи или органи станува збор. 

Како одговор на одлуката, генералниот директор на ДВ, Питер Лимбург, рече: „Оваа најнова, произволна одлука на руските власти за жал беше очекувана. Тоа е дополнителен напад врз слободата на печатот и нов обид да се отсече руското население од слободните, независни медиуми. Започна со присилното затворање на нашето студио во Москва на почетокот на февруари, потоа нашата веб-страница на сите јазици беше блокирана во Русија. Потоа следеше постепено ограничување на услугите на социјалните мрежи и сега DW е означена како „странски агент'. Ова нема да не спречи да продолжиме да обезбедуваме сеопфатно и независно покривање на Русија и регионот од нашето ново студио во Латвија и од Германија. Ќе треба да вложиме многу повеќе напор за заобиколување на цензурата во иднина. Ова ги вклучува VPN клиентите како Psiphon или прелистувачот Тор, кој веќе го користиме“. 

DW-Intendant Peter Limbourg
Питер ЛимбургФотографија: DW/M. Magunia

Одмазнички мерки 

На 3 февруари руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе преземе „одмазднички мерки против германските медиуми“ кои работат во Русија, откако германските власти го забранија државниот руски ТВ канал „РТ ДЕ“. Тоа вклучуваше „признавање на ДВ како странски медиум кој ги исполнува функциите на странски агент“, се вели во соопштението на МНР. 

ДВ беше принудена да ја затвори својата канцеларија во Москва, а нејзините новинари во Русија мораа да се откажат од својата акредитација, што го оневозможи работењето во Русија. На почетокот на март, веб-страницата на ДВ беше блокирана од државниот регулатор за комуникации Роскомнадзор. Набргу потоа, ДВ ја пресели својата канцеларија во Москва во главниот град на Летонија, Рига.  

Што значи листа на „странски агенти“? 

Од 2012 година, списокот се користи за да се ограничи работењето на меѓународните медиуми, како и на непрофитните организации кои добиваат странски средства, особено оние кои се активни во политиката или известуваат за корупција. Тие треба да поднесуваат извештај за нивните активности на секои 6 месеци. Над 100 медиуми и поединци моментално се на списокот, вклучително и американските јавни радиодифузери Глас на Америка и Радио Слободна Европа/Радио Либерти, како и Амнести интернешнал и Хјуман рајтс воч.