1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот на ЕУ за „добрите нови долгови“ не е добар пример

Андреас Нол
27 јули 2020

Договорот за заедничко задолжување за Европа за многу политичари е „историски момент”. Но, дали е и историски исправна одлука? За жал не, смета Андреас Нол.

https://p.dw.com/p/3fxTV
Symbolbild  EU-Wiederaufbaufonds
Фотографија: Imago Images/C. Ohde

Звучи логично. Фонд за обнова ќе ѝ даде повторно сила на Унијата, која заради корона-кризата западна во економски потешкотии, а ќе испрати и порака за солидарност.

Силните им помагаат на слабите. Бидејќи пакетот ќе биде поврзан со благодарност, програмата ќе ги закочи и популистите. Повеќе пари од Брисел е еднакво на помалку гласови за Салвини и сличните на него. Така звучи грубиот есап кој во минатото ретко кога излегол точен.

Наспроти тоа, да блесне може историскиот пример. По Втората светска војна САД со Маршаловиот план се погрижија за фонд за обнова на Европа кој стана легендарен. Во Европа актуелно нема толку многу за обновување, нема ни недостиг на прехранбени производи. Пред сѐ треба да се финансираат давачките за невработени и за оние со скратено работно време, пензии, придонеси за здравствено осигурување. Социјалното осигурување во кризни времиња е уште поскапо, а повеќето национални буџети веќе се под притисок. Но, за таквите дупки во буџетите ЕУ сега е најнепогодната адреса за спас.

Porträt Andreas Noll
Андреас НолФотографија: Privat

Добри и лоши долгови

Не може да се зборува за поддршка на невработените лица, ако не се дебатира за времетраењето на помошта и нејзината висина. Не може да се зборува за пензии без да се дебатира за старосната граница за одење во пензија. Но, на странски гласачи да им се даде право на мислење околу буџетски прашања не сака ниту една држава на ЕУ, а најмалку земјите кои се најгласни во барањата за финансиска поддршка.

Политичарите кои треба да го донесат спасот знаат дека „нормалното” државно финансирање преку Унијата не може да се направи прифатливо за граѓаните и затоа нагласуваат дека не се работи за „лоши стари долгови”, туку за „добри нови долгови”.

Па така се дефинираат проекти со чија помош Европа треба да зајакне. Секако дека никој не помислува на ново издание на фантомските аеродроми во Шпанија, но кој може да гарантира дека овојпат ќе биде поинаку? Мора да се обезбедат повеќе пари за пократко време. И граѓаните ги утврдија тесните грла: во Бугарија се протестира на улици бидејќи се стравува дека парите од Брисел повторно ќе завршат во нечиј џеб.

Како се станува добар Европеец?

За истурената вреќа пари од Брисел ќе плати младата генерација. Некогаш. Грчкиот социолог Михаел Келпанидес спроведува сложено истражување во кое го мери европскиот идентитет кај оваа генерација. Отиде таму, каде што треба да е особено силно разбирањето за другите – во најстарата европска школа на континентот, во Луксембург. Неговиот отрезнувачки заклучок гласи: „Соединувањето на многу хетерогени национални групи, кои претходно се познавале само површно, само ги прави свесни колку се навистина различни. Ова сознание може наместо кохезија да резултира во нивно свесно оддалечување.“

Студијата на Келпанидес е само едно делче од мозаикот, но покажува: оној кој верува во прекрасната идеја на европска интеграција, не смее да бара премногу од граѓаните.

Алтернативни проекти

Сега, откако „коцката е фрлена“, ЕУ треба да ги насочи парите онаму каде што Европејците во иднина мора навистина заедно да зајакнат. На пример, во заедничката европска одбрана, иако се чини не се мислеше многу на ова со оглед на само 7 милијарди евра одвоени за оваа намена во преговорите.

ЕУ, како што се покажа во кризата, исто така може да продолжи и со најдобриот симбол на европската солидарност. Поголем број ЕУ-земји (и Швајцарија) преземаа тешко болни пациенти од коронавирусот од преполните болници од северна Италија или источна Франција. Европски регистар на легла за интензивна нега, ветување дека во кризни времиња сите ЕУ-членки ќе обезбедат здравствена заштита без бирократски ограничувања, дека ќе има размена на лекови, кревети за пациенти и маски – тоа би бил историски сигнал.

Сигнал, за кој не треба да се постават билборди на кои ќе пишува: финансирано со средства од Европска Унија.