1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарите бараат промена на системот

БГ /АФП
23 јули 2020

Додека бугарскиот премиер Бојко Борисов со сите сили се обидува да ја спаси владата, младите демонстранти кои веќе две недели се на улиците велат дека ни оставките нема да бидат доволни. Тие бараат промена на системот.

https://p.dw.com/p/3foxH
Bulgarien Sofia | Demonstration vor Gerichtshof
Фотографија: Reuters/S. Nenov

„Заминувајте! Ќе ве посетиме во затвор!“ извикуваа група млади Бугари на неодамнешниот протест, барајќи крај не само на владата, туку и на целиот корумпиран систем.
Полни 13 години по влезот во ЕУ, Бугарите се уште се меѓу најсиромашните жители на Унијата, а трпението им го тенчат сомнителните олигарси кои од заднина ги контролираат политичките и економските текови.
Двонеделните протести донесоа вувузели, чудни фризури и досетливи слогани- но и многу бес на младите демонстранти поради серијата корупциски скандали последните години.

Нивниот број го зголемуваат оние кои се принудени да се вратат дома откако го загубиле работното место или им бил прекинат студентскиот престој поради пандемијата на коронавирусот.

Оставките на премиерот Бојко Борисов и на главниот обвинител Иван Гешев се само почетокот на нивните барања, вели Борис Луканов, 23-годишен студент по медицина, кој на протестите дошол директно по враќањето од Германија.

Bulgarien Sofia | Protest gegen die Regierung
Фотографија: BGNES

„Потребна е преодна влада и нови избори со машинско гласање“, вели тој, алудирајќи на сомнежите за лажирање на гласовите.

Слично како него, стотици илјади Бугари ја напуштија државата во потрага по работа или студии во странство последниве години, и се ужаснати од состојбите во нивната земја.

„Младите, кои живееле на Запад, доживуваат културен шок кога ќе се соочат со злобните и бесрамни практики дома“, вели Парван Симеонов, директор за Бугарија на Галуп. Бугарија е на последно место во ЕУ според стапката на корупција и владеењето на правото.

„Нашата толеранција за скандали има граница. Ние сме ЕУ држава, па макар и да сме најсиромашната“, вели 29-годишниот економист Красимир. Тој студирал во Холандија каде се импресионирал од „јавните институции кои му служеле на интересот на граѓаните“.
Многу Бугари кои живеат во странство им дадоа поддршка на протестите, демонстрирајќи во повеќе германските градови, како и во Брисел, Виена и Копенхаген.

Der bulgarische Minsiterpräsident Boyko Borissov auf einer PK in Sofia
Борисов веќе двапати во кариерата поднесуваше оставка од премиерската функцијаФотографија: BGNES

Борисов веќе на двапати поднесуваше оставка во текот на својата 11-годишна доминација на бугарската политика, но овојпат одбива да го стори тоа.

Веќе смени петмина министри од владата, но одбива самиот да се повлече правдајќи ја одлуката со очекуваниот нов бран на коронавирусот.
Но, критичарите не се задоволни.

„Не е прашањето за оставките туку за начинот на владеење“, вели 34-годишниот ИТ експерт Паско Пасков. Тој ги обвинува огромната бирократија и слабото лидерство за неуспехот на Бугарија да привлече повеќе странски инвестиции.

За други, пак, протестите се зрак на надеж.

Никола Димитров, 29-годишник кој се вратил од студиите во Лондон пред четири години за да работи во компанија за клинички тестови, вели дека е одлучен да остане и покрај тоа што постојано си го поставува прашањето: „Зошто сум уште овде?!“ Протестите, вели тој, покажуваат дека многумина така размислуваат.

„Меѓу демонстрантите има многу луѓе со докторати од странски универзитети или со професионално искуство во меѓународни институции, кои се подготвени да преземат“, вели опозицискиот пратеник Радан Канев.

Дополнително, владата можеби е жртва и на сопствениот релативен успех во последните години. Со раст од 3,4 проценти во 2019 година, во што голем придонес имаше технолошкиот сектор, се изгради нова генерација на гласачи кои ја споредуваат Бугарија со Западот и бараат да бидат претставени, вели Борјана Димитрова од Институтот за истражувања Алфа.

„Дури и да стивнат овие протести, оваа нова генерација ќе продолжи да го бара своето место во системот, нивната енергија нема да исчезне“, вели таа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема