Договор за заштитни зони за цивилите во Сирија
4 мај 2017Уште при средбата со својот турски колега Реџеп Таип Ердоган вчера во Сочи, рускиот претседател Владимир Путинсе залагал за воведување „зони за деескалација“ во Сирија. Денеска во казахстанскиот главен град Астана Русија, Турција и Иран го потпишаа Меморандумот за создавање заштитни зони за цивилите во Сирија. Шефот на сирискиот преговарачки тим соопшти дека владата во Дамаск ја поддржува иницијативата, додека опозицијата протестираше против неа. Германската канцеларка Ангела Меркел исто така иницираше создавање неборбени подрачја во Сирија, за време на своите посети во Саудиска Арабија и во Русија.
Турските весници ги пренесуваат изјавите на Ердоган дека заштитни зони би биле Идлиб, дел од провинцијата Алепо, Ал-Растан во провинцијата Хомс, дел од Дамаск и дел од Дараа.
Што би значел точно статусот на „зона на деескалација“, не е целосно јасно. Според Путин, од ваква зона не би требало да потекнува никаква воена акција, под услов таму да не се ангажирани ни авиони. Практичната реализација на иницијативата е исклучително тешка, зашто согласност треба да постои кај сите страни во војната. Русија и Турција се на спротивни страни во конфликтот, но од лани ја интензивираа соработката заради постигнување воено примирје и политичко решение. Иран, исто како и Русија, е на страната на сирискиот властодржец Башар ал-Асад.