1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Датум за преговори можеби уште во јуни?

Тони Гламчевски 23 април 2008

Советот на ЕУ, да го разгледа случајот на Македонија уште на јунскиот самит и ако може да и даде уште тогаш датум за почеток на преговори, бара Европскиот парламент. Прашањето за името сепак ја засени добрата вест.

https://p.dw.com/p/DnIi
ЕУФотографија: European Communities

Со 601 глас „за“ и 52 „против“ резолуцијата е усвоена, честитки за известувачот.

Европскиот парламент со огромно мнозинство ја усвои резолуцијата за напредокот на Република Македонија на патот кон Европската унија, изработена според извештајот на холандскиот европратеник Ерик Мејер.

Во неа јасно е побарано од Европскиот Совет, уште на идниот самит да го процени напредокот на земјата и да утврди, ако тоа е можно, датум за почеток на преговори за членство. Се разбира ако таа ги исполни осумте приоритети зацртани од Комисијата.

Поради проблемот со името, Зелените против резолуцијата

Се разбира дека ова ќе беше главната вест, ако не се наметнеше во периодот на изработката на извештајот и неговото гласање проблемот со името на Македонија. Токму и поради овој проблем европратениците од групата на Зелените, гласа против резолуцијата, не поради тоа што тие не ја поддржуваат Македонија, туку најмногу поради незадоволството околу компромисните амандмански решенија за преговорите околу името. Имено групата на Зелените отворено застана на страната на Македонија.

Решението е во продолжение на преговорите

Во компромисниот амндман, кој иако ублажен се уште не е многу по вкус на грчките европратеници, се вели дека „Решението за името е во продолжение на преговорите. Знаејќи притоа дека со сегашната динамика и напредокот на преговорите, компромисното решение е на дофат и тоа повеќе не претставува пречка за членството на Македонија во меѓународните организации, како што тоа е предвидено со времениот договор од 1995 година.“

„Парламентот секогаш се залага за не насилно решение, ние ги браниме аргументите ние не сакаме да има непријателско расположение или клима на омраза, кога има проблеми или предизвици. Потребно е да се дискутира и да се покаже добра волја. Кога има добра волја, се наоѓа решение“ – ни изјави претседателот на ЕП, Ханс-Герт Петеринг.

Слично размислува и неговата сопартијка Дорис Пак, претседателката на комисијата за Југоситочна Европа при Европскиот парламент. „Мислам дека извештајот на Мејер, се обиде да не фрла масло врз огнот, со обид да ги почитува малите чекори направени од двете страни.“

Името, значи официјално не е пречка, ниту нов услов за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, но тоа де факто на еден начин стана предуслов.

Европратениците бараат фер избори

Во резолуцијата, околу предвремените избори, европратениците побараа од властите на Македонија да направат максимум за подготовка на преговорите за членство во Унијата пред крајот на 2008 година. Со надеж дека владината коалиција ќе гарантира дека изборите ќе бидат фер и демократски во согласност со изборниот закон.

Од Советот на ЕУ и од земјите членки е побарано да дозволат брзо да се заврши спроведувањето на дело на „патниот налог“ за либерализација на визниот режим за македонските државјани и да биде гарантирана независноста на јавниот радиодифузен сервис.

Словенечкиот претседател околу проблемот со името

Околу гласините дека Грција врши притисок врз Словенија во изготвувањето на завршните документи за самитот во јуни, по прашањето за името, претседателот на Словенија, Даниел Турк, кој денес говореше пред ЕП ни изјави: „Како претседател на Република Словенија, можам да речам дека немам впечаток дека некој врши притисок. Во културата Европската унија вршењето на притисоци не е проширена практика. Но во принцип, Словенија не попушта пред притисоците. Тоа е нашата филозофија.

Од тој поглед, треба да се сфати дека словенечкото претседателство не е претседателство кое работи под притисоци. Тоа делува според зрели размислувања.“

Што однесува околу името на Република Македонија, Данило Турк рече: „Словенија ги има изградено сите свои односи со Македонија водејќи сметка за уставното име на Република Македонија. Секоја земја треба самата да ја донесе одлуката за името кое ќе го носи. Тоа е нашиот принцип. Знаеме дека има тешкотии во преговорите меѓу Република Македонија и Грција, убеден сум дека тие се решени да ги надминат. Веќе е забележан извесен напредок. Ние сме свесни дека наскоро ќе има избори во Македонија и се надевам дека пред изборите прашањето за името нема да влијае врз нив и дека тие ќе се одржат нормално. Пред самитот на НАТО во Букурешт постигнат е добар напредок и сега е потребно да се смират чувствата во овој процес“ – заврши претсеадателот на Словенија.