1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kommentar Griechenland Pleite

28 април 2010

Поради преголемите долгови, Грција веќе не може да позајмува пари на финансиските пазари. Рејтинг-агенцијата „Стандард енд пурс“ ја намали кредитоспособноста на Грција на нивото „безвредна“ и рашири паника.

https://p.dw.com/p/N8RF

Грција е банкрот. Откако бонитетската куќа „Стандард енд пурс“ го спушти рејтингот на грчките државни обврзници на статусот „џанк“, односно во превод „безвредни“, или „отпад“, Грција веќе не може да добива кредити по поволни услови од слободниот пазар на капитал. Ако на 19 мај во грчката каса нема кредити во висина од 8,5 милијарди евра, на земјата и` се заканува инсолвентност. Сега мора да помагаат Меѓународниот монетарен фонд и Европската унија, сакале или не, и да обезбедат доволно пари за Атина. Канцеларката Ангела Меркел може да заборави на својот воздржан став. Неединството меѓу германските министри и парламентарци околу темата Грција само уште повеќе го поттикна надолниот тренд.

Инвеститорите се сомневаа дали и кога ЕУ ќе помогне со кредити. Потоа се` се одвиваше извонредно брзо. Рејтинг-агенцијата „Стандард енд пурс“ по само 24 часа ја прогласи Грција за отпишана и безобразно ја нарече „безвредна“. А Грција беше само првата плочка од доминото. Следната веќе почнува да се клати. Кредитоспособноста на Португалија исто така опадна. Малата земја е притисната од големи долгови.

Deutsche Welle ZPR Bernd Riegert
Бернд РигертФотографија: DW

Уште во текот на оваа недела мора да се одржи вонреден самит на шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ, за на пазарите да им се покаже: нема да дозволиме нефер напади од страна на инвеститорите, хеџ-фондовите и бонитетските куќи. Европа не смее веќе да дозволува финансиските пазари да ја „возат како што сакаат“, туку мора да преземе нешто. Во случајот со Грција може да помогне само рефинансирање, односно контролиран банкрот, во кој ќе се вклучат сите кои имаат купено грчки државни обврзници и досега заработуваа од нив. Приватните и државни банки, инвеститорите и хеџ-фондовите ќе мораат да се откажат од дел од влоговите во големиот грчки рулет. Можеби ова ќе придонесе за банкрот на банки во Германија и Франција.

Дали Грција намерно се турка во банкрот

Сега вистински можат да се радуваат само оние менаџери на фондови и инвеститори, кои се имаат обезбедено со осигурување во случај на неисплаќање кредит. Ова може да им донесе големи пари и на инвеститорите, кои воопшто не ни поседуваат грчки државни обврзници. Работите отидоа предалеку - приватни рејтинг-агенции како „Стандард енд пурс“ да одлучуваат за судбината на цели држави и народи. Грција денес не е ништо поразлична од завчера. Но, нејзините жители, нејзините добра, хотелите, фабриките, во очите на агенциите за рејтинг сега се „безвредни.“

Ова е виртуелна игра, што веќе нема ништо заедничко со реалноста. Можно ли е рејтинг-хиените и сопствениците на осигурувања во случај на неисплаќање на кредити да работат под иста капа? Дали Грција свесно се турка во банкрот, дали некој се обидува да го урне еврото? Бескрупулозно? Пред финансиската криза, рејтинг-агенциите ги оценуваа и најбезвредните акции како сигурни недвижности. Агенциите за рејтинг прават фатални грешки. Ваквиот систем е толку болен, што мора да се отстрани.

Вистински лек сега би било кога европските држави и Европската централна банка на големо би откупиле грчки и португалски државни обврзници, само за да ги замолчат шпекулантите. Ова не е дозволено со договорот на ЕУ, меѓутоа неговите креатори пред 15 години не можеле да предвидат ваква ситуација. Договорите можат да се менуваат. Европа е судбинска заедница, што не смее да се распадне.

Автор: Бернд Ригерт

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска