1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Замина во апостолки, се врати како државен апостол

Катерина Блажевска9 август 2016

Замина како турист, се врати како премиер, претседател и врховен командант. Вака ли е одвоена партијата од државата - реагира јавноста, откако Груевски и поплавата ја искористи за да покаже кој е главен во државата.

https://p.dw.com/p/1JeTD
Фотографија: MIA

Присутен е секаде. И на свечено отворање на спортски игралишта, и на реконструкција на локални патчиња, и на почеток со работа на странска инвестиција. Би рекле, ништо чудно кога станува збор за лидер на владејачка партија, кој се интересира за степенот на спроведување на програмата со која партијата победила на изборите. Но, границата што треба да ги одвојува ингеренциите на партискиот лидер од ингеренциите на функционерите во извршната власт, е длабоко и драматично нарушена. Се покажа дека денот кога Груевски ја напушти премиерската функција, не значеше „премиер помалку“ туку „премиер повеќе“, заклучуваат аналитичарите.

Груевски овој „напредок“ успешно го реализира. Со месеци наназад и премиерот и министрите нему му реферираат до каде е реализацијата на одредени проекти. Тој ги испрашува, тие послушно му одговараат, камерите внимателно снимаат и до граѓаните ја испраќаат пораката дека тој и натаму е главниот, без оглед што на „Илинденска“ број 2 седи премиер што се одзива на името Емил Димитриев.

Mazedonien Unwetter
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Македонија го има само Груевски?

По поплавите и што го зафатија Скопје и околината, Груевски го прекина одморот во Анталија, Турција, и на кризниот терен во форма на „сугестии“ или најдиректно им издаваше наредби на премиерот, на министри и на директори на државни претпријатија околу помошта во храна, вода, ангажирање војници...

„Замина како турист во апостолки, а се врати како премиер, претседател и врховен командант на АРМ! Кој е премиер во Македонија? Вака ли е одвоена партијата од државата?“ Вакви беа мноштвото реакциите во јавноста, откако Груевски и катастрофата што однесе над дваесет жртви, ја искористи за да покаже кој е главен во државата.

„Жал ми е што со целата таа претстава пред медиумите, ја уништи можноста да се обединиме во овие мигови на болка“, вели Драган Малиновски, поранешен претседател на Државната комисија за спречување корупција.

„Сите ние очекувавме на настраданите да им пружат рака институциите на централната и локалната власт, како и телата задолжени за справување со вакви елементарни непогоди. Меѓутоа, очигледно е дека некој во ова препознал погоден момент да покаже дека целиот тој систем е немоќен, доколку не е командуван од незаменливиот Никола Груевски. Ова е доказ дека кај нас, и после редица политички договори и големи ветувања за одвојување на државата од партијата, ништо не е променето. Напротив, денес Република Македонија нема свој претседател, нема премиер, ниту пак министри. Го има само Никола Груевски и неговите медиумски промотори“, констатира Малиновски.

Mazedonien Unwetter
Фотографија: picture-alliance/abaca/AA/B. Ademi

Кризата како модел

Слични прашања и забелешки Груевски предизвика и непосредно пред да замине во Турција, кога на 1-ви август го посети тетовското село Шипковица, кое лани беше погодено од големи поплави. И во партиите на Албанците, и во пошироката јавност, беше поставено прашањето - од која позиција Груевски прави „увид на состојбите на теренот?“

Додека едни пресметуваат колку дневна тв-минутажа апсорбира Груевски за лична промоција што ги надминува рамките на неговата партиска функција, експертите за уставно право алармираат на растечкиот и загрижувачки тренд на сраснување на партијата со државата.

„Според се што видовме во изминатиот период, нема никаква подготвеност за одвојување на партијата од државата“, оценува професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

„Груевски секаде се претставува како главен. Тој е школски пример за нераскинливо единство меѓу партијата и државата. Шефот на партијата станува шеф на државата и на се во државата. Ова е феномен што никаде го нема, освен кај нас“, вели професорот.

Тој како спорно го оценува и воведувањето на категоријата „кризна состојба“.

„Кај нас само парламентот може да донесе одлука за прогласување воена или вонредна состојба и тоа со двотретинско мнозинство. Што е тоа 'кризна состојба'? Тоа е флуидна категорија која може да се злоупотребува. Тоа е напуштање на Уставот. Прв Иванов се повика на кризна состојба и испрати војници на АРМ на границата. Со прогласување кризна состојба Владата самата си дава се поголеми ингеренции. А однесувањето на Груевски е знак дека Македонија сака да живее во криза и дека не може да живее без криза, бидејќи тоа и отвора можност да има некој што постојано ќе ја спасува од криза. Значи, да има личност која ќе биде еден вид 'психолошка гаранција', личност која ќе им издава наредби на сите, која ќе ги води работите и ќе ја 'спасува' земјата“, укажува Шкариќ. Според него, со ваквото однесување, партијата и државата сраснуваат во уште поцврста форма.

Mazedonien Unwetter
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Загрозен Договорот од Пржино

Соговорниците на ДВ предупредуваат дека ваквите девијантни практики го оневозможуваат департизирањето на институциите и јасната поделба на власта, а со тоа во крајна линија го загрозуваат и спроведувањето на Договорот од Пржино, кој во својот дух инсистира на овие фундаментални стандарди.

„Од кога поднесе оставка на премиерска функција, практично Никола Груевски не престана со активности што по функција му припаѓаат на премиерот“, укажува професорот по уставно право, Осман Кадриу.

„Груевски во изминатиот период воопшто не престана да се меша во надлежностите на Владата и на државните органи. Тој требаше да се движи во рамките на функцијата лидер на партијата, но реши да се однесува популистички и надвор од таа рамка. Ваквото однесување е неспоиво со духот и обврските од Договорот од Пржино, бидејќи за излез од политичката криза е неопходно и јасно одвојување на партијата од државата. Со многу факти се покажа дека тој процес не оди во посакуваната насока“, оценува Кадриу.

Скопје- последици од катастрофалното невреме

А тоа се случува кога лидерите на четирите партии до крајот на месецов треба да проценат дали се исполнети условите за фер-избори. Ако оценат дека има - треба да договорат датум за избори и да се формира преодна влада.

„Според мене, имајќи ги предвид сите овие недоследности, ако решат да има избори - ќе згрешат! Според начинот на кој партијата е споена со државата, нема услови за фер-избори во декември, како што се најавуваше. Патем, нема ни трага ни глас од кривично-правни предмети, а без расчистување на личната одговорност на оние кои придонеле за кризата, нема да има ни реална можност за излез од неа во вакви околности“, дециден е Кадриу.

Од Владата вчера не одговорија на прашањето на Дојче веле, за узурпирањето на ингеренциите на премиерот и министрите од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Извори од оваа партија велат дека „илузорно е да се чека одговор на тоа прашање, ако се има предвид дека сите, вклучувајќи го и премиерот Емил Димитриев, и натаму го ословуваат Груевски со 'претседателе' (не во смисла на партиски претседател), туку како што му се обраќаа кога беше претседател на Владата, бидејќи од заднина тој влече конци, без разлика кој формално седи во премиерската фотелја“.