1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватската економија профитираше од влезот во ЕУ

Игор Ласиќ
21 август 2018

Откако стана членка на ЕУ, Хрватска ја зголеми трговската размена со членките на Унијата, но и со земјите на ЦЕФТА. Но, хрватскиот надворешен трговски дефицит и натаму е голем.

https://p.dw.com/p/33SRH
Kroatien Zagreb - Kroatische Zentralbank
Фотографија: DW/I. Lasic

Значително поголема стокова размена со земјите-членки на ЕУ, но и натаму со голема непокриеност на увозот со извоз - тоа е основното резиме на трговскиот биланс на Хрватска во последните пет години. Поточно, откако Хрватска влезе во ЕУ. Според информациите на Хрватската стопанска комора (ХГК), со неколку земји е забележано значително позитивно приближување- со Данска, Белгија, Бугарија и Романија.

Од друга страна, на речиси исти позиции останаа увозот и извозот на релација со членките на ЦЕФТА (Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија, Молдавија и Србија), а тоа се повеќето балкански земји кои се уште не се во ЕУ.

Бројките велат дека вкупната размена на Хрватска со земјите на ЕУ, доколку се споредат 2012 и 2017 година, пораснала за 50 проценти, поточно од 17,4 милијарди евра во 2012 на 26,2 милијарди евра во 2017 година. Покриеноста на увозот со извоз притоа малку се подобрила, односно се помрднала од 48 на 53 отсто.

Балкан: Добрите луѓе си заминуваат

Профит на крв

Со Данска, трговската размена е зголемена за двојно, но пораснал и дефицитот на Хрватска. Со Белгија, размената се зголемила за 2,2 пати, а интересно е дека најголемата ставка на хрватскиот извоз кон оваа земја ја исполнуваат производите од човечка и животинска крв, во износ од околу 101 милиони евра. Се работи за серуми за вакцини и слично, но профитот го собираат странски фирми кои ги презедоа овие капацитети во Хрватска.
Одлични резултати земјата бележи и во трговијата со Бугарија и Романија, каде се бележи и голем суфицит

Guste Santini kroatischer Wirtschaftsexperte
Густе СантиниФотографија: Igor Lasic

„Евидентно е дека Хрватска, кога станува збор за главниот дел на ЕУ, и натаму не успева да ја подобри покриеноста на увозот со извоз“, вели хрватскиот економски аналитичар Густе Сантини. Затоа, хрватските фирми „за да функционираат, мораат да отвораат работни места на други места“.

Сантини го критикува големиот трговски дефицит на земјата кој предизвикува нови долгови.
„Тоа е секако веќе хронична, а многу опасна појава. Стоките ни се генерално лоши, а услугите добри - но благодарение на компаративните предности во вид на природна пензија. Политиката ни тоа не умее да го искористи. И не гледаме дека релативната буџетска стабилизација на Хрватска во последно време примарно се случува поради егзодусот на невработените, што значи дека и расходите за социјална помош и здравството се помали. Но, доколку ја иселувате земјата тоа и не е баш некое развојно решение. А поинаку и не можеше да биде доколку знаеме дека Хрватска влезе во ЕУ без индустриски стратегии или, на пример, подготовка на земјоделството за новиот контекст“, вели Сантини.

Стопанството опстанува и покрај политиката

Економистот предупредува дека земјите со кои Хрватска има изразен трговски суфицит - Србија, БиХ - тежнеат кон побалансиран однос. Со други зборови, Хрватска во иднина ќе има помалку повластици во однос на земјите од ЦЕФТА.

Bosnien und Herzegowina Svetlana Cenic
Светлана ЦениќФотографија: DW/Z. Ljubas

Според анализите во ХГК, хрватските фирми во голем број случаи, со цел одржување на уделот на пазарот пред влезот во ЕУ, ценовно се прилагодиле или префрлиле дел од производството во Србија и БиХ. БиХ е земја во која хрватски фирми имаат најголеми странски вложувања, додека Србија им е на четврто место.

„За Хрватска зоната ЦЕФТА беше и остана најважен пазар, бидејќи таа таму има конкурентска предност во однос на земјите кои немаат речиси никакви вложувања во истражување и развој“, вели економската аналитичарка од БиХ, Светлана Цениќ.

„Исто така, инсистирањето на Хрватска и лобирањето преку ЕУ да го задржи истиот статус во трговијата со земјите од ЦЕФТА откако веќе ѝ пристапи на ЕУ, создаде политички тензии кои беше тешко да се надминат, особено во БиХ. Потсетувам и на случајот Агрокор во кој беа оштетени и многу фирми во БиХ, а слично беше и во Србија“, вели Цениќ.

Таа заклучува дека стопанството во Хрватска, но и во остатокот од регионот генерално опстанува и покрај, а не благодарение на државните политики.