1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските фирми на удар на кинеската економска криза

Клаус Улрих/Ж.А.17 август 2015

Кина одамна е „ветена“ земја за германските претпријатија. Но, падот на вредноста на јуанот и слабата конјуктура предизвикуваат сериозна загриженост за иднината. Колкави се вистински проблемите?

https://p.dw.com/p/1GGc1
Фотографија: imago/T. Frey

Ниедна земја од еврозоната не извезува толку многу во Кина како Германија. Во последните десет години вредноста на извезените стоки од Германија од околу 21 порасна на над 74 милијарди евра. Германските фирми во меѓувреме во оваа земја остваруваат седум проценти од својот обрт, кај многумина процентот е уште повисок, на пример кај автомобилската индустрија, што не е чудо, зашто Кина е најголемиот светски автомобилски пазар.

„Концернот Фолксваген заедно со Џенерал Моторс таму се водечки на пазарот. 37 проценти од целата светска продажба во првите шест месеци од 2015 година била извршена во Кина, кај марката Фолксваген дури и повеќе“, вели автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхефер за Дојче веле. „Зависноста на концернот Фолксваген од Кина е екстремна„. Процентуално, таа кај БМВ е помала-20 проценти, а кај Мерцедес уште пониска.

Слаб економски праст и берзански земјотреси

Кина од пред извесно време е соочена со проблеми во економскиот развој. Брутовнатрешниот производ бележи назадување веќе 11 квартали со ред. Освен тоа, во последните недели многу пари „изгореа“ на кинеската берза-најмногу од ситните вложувачи. Последица на тоа е што многумина потрошувачи сега е воздржани при давачките.

Се разбира, тоа ги погодува и автомобилските производители од врвните марки. Кога во земјата опаѓа расположението и големиот оптимизам, кај потрошувачите се поставува прашањето дали сакаат да купат скап автомобил или купувањето го одложуваат во очекување на натамошниот развој на ситуацијата. „Тоа веднаш предизвикува удар врз германската автомобилска индустрија и со тоа и врз голем дел од нашата економија“, вели Антон Бернер, претседател на Здружението на автомобилски извозници, во разговор за Дојче веле.

China deutsche Autos Archiv 2013 Shanghai
Фотографија: picture-alliance/dpa

Клучни индустрии-автомобилската и машинската

На второ место во трговијата меѓу Германија и Кина стои машинската индустрија. Краткорочно, таа можеби нема да биде погодена, зашто порачките за машини се вршат на долг рок и со претходен план. Така, не може да се изврши брзо стопирање, смета Бернер. „Но, ако ситуацијата наскоро не олабави, во што не верувам, тогаш ќе биде погодена и машиноградбата“, смета Бернер. „Двете важни бранши, нормално, ќе се одразат воочливо во вкупниот биланс на германската надворешна трговија, можеби не уште во 2015 година, но изгледите за 2016 година според мене се доста замрачени“.

„Уште одамна се констатира крај на кинескиот бум“, пишуваат експертите за конјуктура од Центарот за економски истражувања на Комерцбанк во коментар во врска со конјуктурниот развој во Германија. Тие сепак доаѓаат до следниот заклучок: „Кина еднаш сепак ќе се пробие“. Досега, според експертите на Комерцбанк, германските претпријатија можеа да ги порамнат намалените порачки од Кина со зголемените побарува од САД и Источна Европа, кои ја надминаа рецесијата.

Кон тоа се надоврзува и засилената приватна потрошувачка во Германија, која оваа година бележи пораст од 2,2 проценти. Но, натамошен, позначителен пораст во оваа област е малку веројатен. Германските форми ќе имаат зачестено тешкотии „своите натамошно опаѓачки бизниси во Кина целосно да ги компензираат со успеси на другите пазари“.

Додека намалената конјуктура во Кина предизвикува загриженост кај експертите, во однос на најновите турбуленции кај вредноста на јуанот тие регаираат опуштено. Практично сите автомобилски производители и индустријата за снабдување со делови имаат своите сопствени производни центри во Кина, зашто поинаку не е ни можно, со оглед на тоа што увозната царина за возила изнесува цели 25 проценти, истакнува Фердинанд Дуденхефер: „Тоа значи, 80 до 90 проценти од возилата кои германските автомобилски производители таму ги продаваат, се и произведени таму, што значи не се зависни од промената на курсот на јуанот.“

Непредвидливи дополнителни последици од девалвацијата

И Антон Бернер е убеден оти слабоста на кинеската конјуктура има потешки последици по германското стопанство отколку девалвацијата на кинеската валута. Зашто, и Европската централна банка исто така води политика на евтини пари и се труди еврото да биде што послабо. Затоа, меѓу еврото и јуанот може да се констатира еден вид паралелен развој, „така што тоа за нас нема да биде толку драматично“, верува Бернер.

„За Американците изгледите се потешки. Поради испреплетеноста на светската економија, доаѓаме до прашањето за второстепени и третостепени ефекти“, вели експертот, имајќи ги во вид долгорочните последици на кинеските девалвациски напори. Дали Американците повторно ќе се соочат со зголемени проблеми, предизвикани од поплава на евтини кинески стоки, по што самите ќе можат помалку да извезуваат? Дали тоа ќе се одрази врз германскиот извоз во САД? Тоа би бил третостепен ефект. Можно е дури и настанување на надолна спирала, која ќе го кочи целокупното светско стопанство. Бернер стравува: „Можеби ќе следува и некој вид војна на валутите. Целата проблематика е збунувачка и комплексна, но во секој случај, не е позитивна.“