1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Лашет и Шолц се караат, Бербок релаксирана

13 септември 2021

Канцеларските кандидати на ЦДУ/ЦСУ, СПД и Зелените се сретнаа во специјалното ТВ изборно издание на првата и втората германска програма. Тоа беше пред сѐ кавга меѓу двајцата мажи.

https://p.dw.com/p/40Fim
Deutschland | Bundestagswahl | TV-Triell der Kanzlerkandidaten
Фотографија: Michael Kappeler/AFP/Getty Images

На почетокот за позитивниот аспект: конечно имаме предизборна кампања во Германија. Во телевизиското издание со врвните кандидати гледачите не мораа долго да чекаат на кавга меѓу двата „накострешени петли”: обвинителството од Оснабрик минатата недела спроведе рација во Министерството за финансисии што го раководи кандидатот Олаф Шолц од Социјалдемократите. Се работи за перење пари, односно дали тој како министер бил доволно ангажиран во спречувањето и сузбивањето на таквата појава. 

Напад и контранапад

Кандидатот на ЦДУ, Армин Лашет, актуелно премиер на Северна Рајна Вестфалија, му зададе фронтален удар на Шолц: „Да работи мојот министер за финансии како Вас, ние би имале проблем”. Шолц возврати дека воопшто не се води истрага против Министерството, туку обвинителството само прибирало информации: „Господине Лашет, мора да Ви се префрли дека таквиот лажен впечаток намерно го креиравте”.

Жестока и жива дебата во финишот на кампањата

Жестока дебата и јасно се гледа дека има само уште две недели до финишот. „Триел”, односно дебата во тројка, е официјалното име на емисијата. Тоа всушност е нелогична кованица бидејќи се мисли на дуел во тројка, но самото тоа покажува колку се сменети времињата: со децении имаше само „дуели” на кои се надмудруваа двајцата кандидати на Унијата и Социјалдемократите во борба за канцеларската позиција. Сега има тројца кандидати:Олаф Шолц, актуелниот сојузен вицепремиер и министер за финансии од СПД. Армин Лашет, шефот на ЦДУ, за Унијата ЦДУ/ЦСУ и шефицата на Зелените, Аналена Бербок.

Лашет во офанзива

Уште пред емисијата имаше доволно експлозивен материјал: Лашет во голема мера се откажа од воздржаноста во предизборната кампања и почна да напаѓа, бидејќи ништо друго и не му преостанува. Според актуелна анкета на институтот ИНСА од изминатиов викенд СПД би добила 26% од гласовите, Унијата околу 20% и Зелените 15% - иако Унијата долго време водеше во испитувањата на јавното мнение. Дури во изминатите недели Социјалдемократите успеаја да се наметнат како водечка сила. Затоа и Лашет смета дека мора да напаѓа. На конгресот во Нирнберг буквално изјави: „Во сите одлуки кои се носени во поствоено време Социјалдемократите беа секогаш на погрешната страна”. Секогаш кога имало кризи, според него, СПД мислела на зголемување на даноци и на задолжување. Социјалдемократите тоа веднаш го окарактеризираа како „валкана кампања”. 

Аналена Бербок – опуштена и самоуверена

Аналена Бербок, копретседателката на Зелените и нивен кандидат за канцелар, чија партија пролетоска знаеше и да води во некоја од анкетите, во 90-минутниот „триел“ речиси и да немаше многу простор поради заострената размена на удари меѓу Унијата и СПД и отворената кавга меѓу двајцата мажи. Двајцата политичари си упаѓаа во збор, Бербок молчеше.  Особено што за многу теми се одеше во детали. Поуките од корона-кризата? Има мали нијанси во ставовите – Бербок не отфрла по секоја цена задолжителна вакцинација за одредени професии како лекари и негуватели, Лашет и Шолц се категорично против. Недоволна дигитализација во Германија? Бербок вели, партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, се 16 години на власт и никогаш не ги ставија како приоритет ниту дигитализацијата, ниту климатската заштита. Зелените затоа сакаат да инвестираат 50 милијарди евра во инфраструктура, проширување на железницата и ветерни турбини. Мора веднаш да се преземе акција, „во спротивно ова премногу ќе нѐ чини“.

Бербок на овие теми делуваше опуштено и самоуверено – можеби поради тоа што и е јасно дека по тешката изборна кампања во меѓувреме речиси и да нема шанса да стане идна канцеларка. Шолц и Лашет пак звучеа помалку амбициозно. И двајцата сакаат умерено покачување на цените на горивата со цел заштита на климата. Се чини дека од сите овие дебати ниту еден од кандидатите не успеа вистински да поентира и да профитира.

Надворешна политика? Авганистан? Ни збор!

Внатрешната политика доминира како тема на две недели пред изборите. Во фокусот се пензиите, даноците, бирократијата и идејата за граѓанско осигурување. Исто така јасно се забележува дека СПД и Зелените се поблиску во ставовите по овие прашања. За надворешната политика речиси и да не стана збор, не се спомена ниту Авганистан, дури ниту годишнината од нападите во САД од 11 септември. На дебатата не се зборуваше ниту за теми како ксенофобија, антисемитизам и расизам, или поделба на општеството.

Шолц победник според првичните анкети

Ако ништо друго, барем беше динамично, а пред сѐ Лашет одново и одново го напаѓаше Шолц. Но, сосем друго прашање е дали граѓаните во Германија сега имаат појасна претстава за која партија да гласаат на 26 септември.

Според анкетите, 30% од избирачите сѐ уште не одлучиле кому ќе му го дадат својот глас на изборите за 14 дена. Армин Лашет во завршниот говор изјави дека не сака да им наметнува на луѓето и да им кажува што треба да мислат. Бербок пак одговара дека сега се потребни вистински промени, пред сѐ во делот на климатската заштита. И Шолц нагласи дека се работи за иднината на Германија, пред сѐ за една нова солидарност, која веќе се покажа во време на пандемија и при разорните поплави од летото. Првичната брза анкета на телевизиите АРД и ЦДФ на полувремето од „триелот“ покажа дека Шолц е јасен победник во дебатата.