1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Војна на дронови: Зошто тие во Украина се толку чести?

Килијан Бајер
18 јули 2022

Дроновите во војна служат за извидување, но и како смртоносно оружје. Репортер на ДВ посети летонска фирма за производство на воени дронови, која не успева да ја задоволи побарувачката, пред сѐ по војната во Украина.

https://p.dw.com/p/4E3oL
Riga, Lettland | Drohne vom Typ Atlas Pro
Фотографија: Killian Bayer/DW

Сензори кои реагираат на отпечаток од прст, дупла сигурносна врата, мрежички за коса, лабораториски престилки, заштита на обувките. Оној кој влегува во халата за производство на дронови, мора да биде стерилно чист.

„Кога почнав да работам овде, не знаев на која страна да ја вртам навртката“, ни раскажува една Украинка за своите почетни искуства со шрафовите.

По избивањето на војната, многу Украинки кои работата овде дошле во Летонија како бегалци. Во својата земја работеле како книговодителки или библиотекарки. Сега прават  беспилотни летала за украинската армија.  Вградуваат мотори во дронови и монтираат делови од камери. Мнозинството од нив овде е од неодамна.

Летонската фирма во која работат, „Атлас аероспејс“, неодамна се соочила со драстично зголемување на бројот на нарачки, и морала да вработи повеќе работници. Купувачите посебно се интересираат за воени извидувачки дронови.

„Порано бев среќен ако успеевме да продадеме десет дронови за еден месец, а сега продаваме 700 парчиња месечно и тоа уште не е доволно“, вели директорот на „Атлас аероспејс“, Иван Толчински. 

Толчински е роден во Украина, а израснал во Израел. Има 36 години и е воен ветеран. Како израелски војник се борел во Либан, бил снајперист во специјална единица. Подоцна студирал воздухопловна и вселенска техника. Тоа што неговата фирма е во Летонија, е чист случај, вели: производството на дронови во Израел би било многу поскапо.

„Револуција на тактичко ниво“

„Атлас аероспејс“ прави мали дронови на склопување кои можат да се носат во ранец. Фирмата првично била ориентирана кон цивилниот пазар, но постепено се фокусирала на војска. Сега произведува дронови според стандарди на НАТО.

Пред војната во Украина, главен купувач била холандската војска, но сега Холанѓаните се речиси незабележливи на листата на порачки.

Украинските специјални единици често користат извидувачки дронови. Тие можат да летаат над непознат терен и директно да пренесуваат слики од своите камери во штабот. Располагаат и со инфрацрвени камери за ноќно снимање. Досега „Атлас аероспејс“ на украинската армија ѝ испорачал повеќе од 100 дронови, а има уште многу порачки.

„Станува збор за револуција на тактичко ниво. Војниците на терен сега можат самостојно да ја извидуваат околината. Ако на пример една група војници сака да премине некој пат, претходно со помош на дронови може да провери дали од другата страна има заседа“, вели Толчински.

Бојното поле стана малку потранспарантно.  Сега војниците можат да дејствуваат посамостојно, зашто можат сами да дознаат што се наоѓа зад следниот ѕид или рид“, истакнува и Улрика Франке, експерт за дронови од Европскиот совет за надворешни работи.

ЛЕО - дрон со нозе

Дронови фрлаат бомби од домашно производство

Од таа причина дроновите по Втората светска војна станаа сеприсутни. Посебно се популарни дроновите за широка потрошувачка, кои релативно лесно можат да се преадаптираат да можат да  фрлаат и мали бомби.

На интернет има бројни видео снимки на кои војници демонстрираат како се модификуваат дронови. Бомби кои се активираат на одредено време или со удар во подлога, за дроновите се прицврстуваат со механизам произведен со 3Д печатач.

Бомбите се испуштаат со помош на далечински управувач. Многу популарни дронови кои се продаваат насекаде, се произведуваат во Кина.

Украинските војници ја обвинија фирмата ДЏИ, водечки светски производител на цивилни дронови, дека на руската војска ѝ пренесува податоци за локација и летови на своите дронови. ДЏИ тоа го порекнува.

Цивилните дронови имаат и една голема мана: со нив се управува на фиксна френквенција која може да биде попречена со специјални уреди, наречени „џемери“. Тие можат да предизвикаат и  пад на дронот.  Дроновите од фирмата „Атлас аероспејс“ постојано ја менуваат работната френквенција и затоа се многу омилени.

Во летонската фабрика, група жени се наведнати над масата за монтажа. Со помош на ракавици, пинцети и скалпели, увежбуваат прецизна работа – склопување камера за еден дрон. Две работнички од Украина се горди на својата работа: „Ние правиме дронови за украинската армија, со нивна помош, ќе ја добиеме војната“, вели една од нив.

„Атлас аероспејс“ веќе планира изградба на уште еден производен погон за да може да ја задоволи побарувачката. Колку дронови и да произведе фирмата, Украина сака уште повеќе. Еден борбен дрон има просечен работен век од 48 часа. Бизнисот е повеќе од вносен.