1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Давос и без Руси владее - Русија

Пандеј Ашутош
25 мај 2022

Во „Куќата на Русија“ во Давос, Русија некогаш се презентираше како исплатлива цел за инвестирање. Сега куќата се користи од Украинците за да се потсетува на руските воени злосторства.

https://p.dw.com/p/4Bp7G
Schweiz Davos Russland Haus War crimes House Kriegsverbrechen
Фотографија: DW

Руски гласови одекнуваат низ поранешната „Куќа на Русија“ во Давос, исто како и порано - само што овојпат тие не се насочени кон потенцијалните инвеститори. Тоа сега се гласови на руски војници, кои на своите роднини дома гордо им раскажуваат за злосторствата што ги извршиле во Украина.

Од 2018 година, куќата беше руска резиденција во Давос. Сега го користи една украинска организација, која ја преименува во Куќа на руските воени злосторства.

Преименувањето е „пример за тоа што Русија си направи самата со тоа што стана држава на воени злосторници“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот (23.05) во своето виртуелно обраќање пред учесниците на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос.

Порано „Куќата на Русија“ беше управувана од фондацијата Росконгрес и беше важен елемент во претставувањето на земјата пред глобалните инвеститори. Во јануари 2020 година, на последниот редовен Светски економски форум пред пандемијата, куќата ја посетија повеќе од 2000 гости од 85 земји, вклучително и американскиот милијардер Реј Далио и шеикот Али Алвалид Ал Тани, член на катарското владејачко семејство.

Годинава, Украинците можеа да ја преземат зградата откако СЕФ одлучи во Давос да не кани руски претставници и бизнис лидери.

Куќата, која е јасно видлива на шеталиштето во Давос, сега прикажува изложба за која е направен филм од илјадници грозоморни фотографии од украински воени жртви, додека во позадина се слушаат гласовите на руските насилници.

„Ова порано беше местото каде Русија се претставуваше пред светот. За нас е неверојатно важно овде да зборуваме за реалноста на Русија“, вели Бјорн Гелдхоф, еден од кураторите на изложбата.

„Ние не само што ја покажуваме суровоста, туку и огромните размери - колку злосторства се извршени врз Украинците. Сите тела што ги гледате овде се граѓани кои биле застрелани од руски војници“, вели за ДВ уметничкиот директор на PinchukArtCentre во Киев. 

Schweiz Davos Russland Haus War crimes House Kriegsverbrechen
Бјорн Гелдхоф: За нас е неверојатно важно овде да зборуваме за реалноста на РусијаФотографија: DW

Поддршка за Украина

Изолацијата на Русија е во контраст со црвениот тепих поставен за Украина. Никогаш досега некоја земја не испратила толку голема делегација во Давос. На земјата опустошена од војна ѝ се посветени многу настани и состаноци, а украинските претставници се надеваат на натамошна поддршка од владите и компаниите.

„Ако за оваа трагедија раскажуваме колку што е можно погласно и пошироко, тоа ќе спаси животи. Се надеваме дека ќе ги поттикне политичарите ширум светот побрзо да испратат оружје (во Украина) и да воведат уште построги санкции (против Русија)“, рече на церемонијата на отворање на изложбата украинскиот милијардер Виктор Пинчук, чијашто истоимена фондација стои зад Куќата на руските воени злосторства.

Одлуката на СЕФ годинава да ја исклучи Русија, беше поздравена од многу учесници на самитот во Давос.

„Мислам дека во овој момент не може да се има разумен дијалог со Русија. Се обидовме“, изјави за ДВ украинската пратеничка Ивана Климпуш-Цинцадзе. „Мора да извлечеме поуки од ова. Русија мора да биде поразена и ослабена до точка што веќе нема да биде способна да води нова војна против никого.“

Schweiz Davos Russland Haus War crimes House Kriegsverbrechen
„Куќата на Русија“ сега ја користи украинска организација, која ја преименува во „Куќа на руските воени злосторства“Фотографија: DW

Крај на руската забава во Давос

Ова е првпат по падот на комунизмот да нема руско присуство на годишниот собир на богатите и моќните во Давос. Учесниците на СЕФ се навикнаа и на дивите забави со кои руските олигарси им се додворуваа на странските инвеститори.

Тие носеа олимписки ѕвезди во уметничко лизгање специјално за нивното шоу, или Енрике Иглесијас за приватен концерт - и правеа сѐ друго што е неопходно за да ја импресионираат собраната елита.

Зашто, Давос има посебно значење за Русите и надвор од забавите и состаноците на инвеститорите.

Во 1996 година, група руски олигарси во швајцарските Алпи го склучија Пактот од Давос за да го спречат она што изгледаше како сигурен пораз на претседателот Борис Елцин кога тој се кандидираше за реизбор. Повеќе од една деценија подоцна, Дмитриј Медведев, тогашен прв потпретседател на владата на Русија, допатува на СЕФ - настап кој што се протолкува како претставување на наследникот на претседателот Владимир Путин.

Путин, кој со децении негуваше лични врски со основачот на СЕФ, Клаус Шваб, двапати зборуваше на форумот, вклучително и преку видео врска минатата година.

- повеќе: По три месеци, Русија останува заглавена во Украина

Руското рандеву со Давос ги преживеа дури и западните санкции по анексијата на Крим во 2014 година. Но, по почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, ситуацијата драматично се промени. Шваб само неколку дена потоа ја осуди руската агресија и злосторства. СЕФ ги стави во мирување сите односи со руските претприемачи и институции, вклучително и профитабилните партнерства.

„Радо би граделе мостови со тоа што го олеснуваме дијалогот. Но, ситуацијата е таква што една нација, односно една личност, не сака ваков дијалог“, изјави за ДВ портпаролот на СЕФ, Јан Цопф. „Но, доколку состојбата се промени, СЕФ ќе биде подготвен да посредува и да се обиде да гради вакви мостови“, додава Цопф.