1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Десау - нова европска престолнина за вакцини?

Харди Граупнер
22 март 2021

Германската покраина Саксонија Анхалт и особено градот Десау сакаат да станат центар за производство на вакцини во Европа. Планот е многу повеќе од израз на амбициозност.

https://p.dw.com/p/3qxT6
Impfstoffabfüllung
ИДТ Биологика во Десау

Градот Десау од источната германска покраина Саксонија Анхалт ниту во Германија не е особено прочуен, а за странство пак не станува збор. Од 2007 година, по спојувањето со соседното населено место, градот официјално се вика Десау-Рослау. Тој би требало да им е познат барем на љубителите на функционалниот дизајн, бидејќи неразделно е поврзан со ланецот продавници за градежни потреби, Баухаус. Но, во последно време градот се најде во фокусот на вниманието преку друга тема. Иако Германија и натаму има потешкотии да развие национална стратегија за вакцинирање, медиумите на Десау и на целата покраина ѝ предвидуваат брилијантна иднина како центар на европското производство на вакцини. Компанија со седиште во Десау притоа особено отскокнува.

ИДТ Биологика е „специјализирана за развој на договори и изработката на вирусни вакцини, вирусни вектори и биолошки лекови“, стои на страницата на компанијата. Компанијата има корени од пред еден век, кога во 1921 година бил основан Бактериолошкиот институт во Десау.

Со текот на времето тежиштето на нивната работа многупати се менувал. Во времето на Источна Германија таму се работело на третирање заразни болести кај животни. Од 2019 година ИДТ Биологика е фокусирана на развој и производство на вакцини и биотехнолошки лекови за луѓе и денес брои околу 1500 вработени.

Labor im neuen Gebäude des Bakteriologischen Instituts in Dessau im Jahr 1921
Лабораторијата во зградата на Бактериолошкиот институт во Десау во 1921 годинаФотографија: IDT Biologika

Договори со АстраЗенека и Џонсон и Џонсон

Пред неколку дена беше објавено дека американската фармаколошка компанија Џонсон и Џонсон сака својата вакцина делумно да ја произведува во Десау. ИДТ уште во февруари годинава склучила таков договор и со АстраЗенека. Британско-шведскиот концерн сака со помош на ИДТ да го забрза производтсвото на својата вакцина во вториот квартал, со оглед на тоа дека по привременото стопирање вакцината сега повторно може да биде користена. Двете фирми ќе имаат огромен влог во зголемување на капацитетите во Десау со цел до крајот на 2022 година месечно да се произведуваат милиони дози вакцини. Така ИДТ Биологика ќе стане еден од најголемите производители на вакцини во Европа.

„Планираме да го зголемиме капацитетот на целокупниот ланец на производство", вели директорот на компанијата, Јирген Бецинг за ДВ. „Од производството на вакцината преку полнењето во шишенца, до оптичка контрола и пакување, ние нудиме сѐ на едно место. Тоа на нашите клиенти им нуди избегнување на долги транспортни патишта."

Jürgen Betzing CEO IDT Biologika
Јирген Бецинг, директор на ИДТ БиологикаФотографија: IDT Biologika

„ИДТ стана најголем работодавец во градот Десау-Рослау и за некои вакцини е лидер во светот", вели Марсел Граул од државниот Завод за поддршка на економијата. „А, наложениот управител по германското обединување ја декларираше компанијата, со нејзините тогаш 30 вработени, за неподобна за санација."

Еден дел од стоте милиони евра кои АстраЗенека и ИДТ сакаат да ги инвестираат во Десау ќе биде наменет за развој на пет биореактори со капацитет од 2000 литри за да се зголеми производството. Во рамки на договорот ќе биде моќно и производство на други векторски базирани вакцини против коронавирус од други фармаколошки компании.

Повеќе:

Кои се вакцините- адути на човештвото против Ковид-19

„Пазар“ и тајни дилови за вакцините во ЕУ?

Вакцините како геополитичко оружје

И Спутник V?

Радио телевизија МДР во февруари известуваше за можна соработка на ИДТ и луѓето што ја развија руската вакцина Спутник V. Директорот на ИДТ, Бецинг, во разговор со ДВ не сакаше да ги коментира гласините. Премиерот на покраината Саксонија Анхалт, Рајнер Хазелоф за МДР пак изјави: „Можам да си замислам дека производството на Спутник V би било интересно, зашто тоа на ИДТ би ѝ го отворило источноевропскиот пазар, сѐ до Кина."

Активностите како подизведувач се важен столб во бизнис моделот на ИДТ. Но, компанијата и натаму се држи до планот и самата да развие вакцина против Ковид-19. „Работата на развојот на наша вакцина се ветувачки", вели Бецинг. „Резултатите од првата фаза д клиничките студии од јануари годинава се однесуваа на можните непосакувани ефекти и како пациентите ја поднесуваат и тие беа многу позитивни, но реакцијата на имунолошкиот систем беше под нашите очекувања."

Компанијата моментално работи на подобрувања на вакцината. Ако сѐ оди по план, наесен ќе може да почнат финалните студии за вакцината на ИДТ, вели Бецинг.

BG Corona-November in Deutschland | Spahn besucht Impfstoffhersteller IDT Biologika
Посетители на ИДТ Биологика преки стакло набљудуваат дел од работниот процес во компанијата Фотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Прошетка низ БиоФарма паркот

БиоФарма паркот, на неколку километри од центарот на Десау, дава слика за тоа какви биотехнолошки и фармаколошки активности има во градот. Паркот се протега на површина од 80 хектари, од кои голем дел се слободни за нови закупци. Главна компанија во паркот е ИДТ Биологика со фокусот на нови вакцини и биолошки состојки. Во 2019 фирмата тука свечено отвори нов погон за производство на вакцини. Тука свој дел има и Мерц, чиј фокус е естетиката, меѓу другото и нервни отрови против брчки, како и средства за мазнење на кожата. Онкотек Фарма, кои произведуваат цитостатици против раст на тумори и Октофарма, кои се специјализирани на човечка плазма, исто така се во близина. Паркот има инфраструктура и мрежа за услужни дејности, која треба да им помогне на компаниите да заштедат трошоци и да излезат на глобални пазари.

„За пазарот на труд на градот Десау-Рослау, ИДТ и БиоФарма паркот се од суштинско значење", заклучува Граул. „Секое работно место осигурува опстанок на просечно пет натамошни, на пример работни места на занаетџии, хигиенски услуги и одржувачи на земјиштето."

IDT Biologika Impfstoffabfüllung Covid-19
Ќе стане ли Германија место број еден за производство на вакцини во Европа?Фотографија: IDT Biologika

Многу Германци дури во екот на пандемијата открија дека истражувањето и производството на вакцини игра толку голема улога во Десау. Но, директорот на ИДТ, Бецинг нагласува тие одамна имаат „ноу хау“:

„Тука имаме три добри универзитети во близина - Лајпциг, Магдебург и Хале. Таму има многу концентрирано знаење кое нам ни е потребно", вели Бецинг и додава дека и поддршката од покраината Саксонија Анхалт е од голема помош. 

Големи планови

ИДТ има подружница и во Магдебург, а во Брехна, Дермафарм произведува вакцини за Бионтек/Фајзер. Такви т.н. „Life-Science” компании се важни елементи во стратегијата на владата Германија да се стане место број еден во Европа за производство на вакцини. Медиумите известуваат за планови годишно да се произведуваат до две милијарди дози. Без оглед на тоа дали цифрата е точна, идното производство во секој случај многу ќе ги надминува домашните потреби.

Германија така ќе може да си остане верна на улогата на извозно ориентирана нација. Првиот човек на ИТД, Јирген Бецинг, е убеден дека работата на имунотерапија и вакцини има сјајна иднина, а со тоа добра иднина има и неговата компанија.

„Нема многу фирми кои се доволно големи за да го поттикнат таквиот развој. Ние пред околу две години донесовме исправна одлука да се концентрираме на такви активности."