1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Браќа Балканци, дали сме навистина толкави бедници?

Крсто Лазаревиќ
30 јуни 2018

За некои играчи, тренери и навивачи од Балканот, Светското првенство во фудбал во Русија како да е продолжение на војната, само со други средства.

https://p.dw.com/p/30YcU
Krsto Lazarevic
Фотографија: Privat

Фудбалот може да предизвика опасни националистички чувства. По еден квалификациски натпревар меѓу Хондурас и Салвадор во 1969. година, почна т.н. фудбалска војна меѓу овие две земји, во која животите ги загубија преку 2.000 луѓе.

За некои играчи, тренери и навивачи од Балканот, Светското првенство во фудбал во Русија како да е продолжение на војната со други средства. Така Гранит Џака и Џердан Шаќири со раце формираа двоглав орел за да ги прослават своите голови и да ги понижат Србите.

Џака е роден во Швајцарија, неговите родители потекнуваат од Косово. Шаќири е роден во Косово, а со родителите се преселил во Швајцарија кога имал само пет години. Ни едниот ни другиот не доаѓаат од Албанија, ни нивните родители не се од Албанија, тие двајцата не играат за Албанија, па сепак, своите голови против Србија ги славеа со прикажување на албанскиот национален симбол. 

Претходни колумни од авторот: 

Моја Европа: Глорификацијата на фашизмот мора да престане!

Моја Европа: Орбан е тест за конзервативците

Моја Европа: Антисемитизмот во Европа не е увезен

Моја Европа: Местото на Западен Балкан е во ЕУ

Не е ништо необично дијаспората да негува специјален однос кон „татковината“. Државата со која во суштина не постојат многу контакти, се стилизира како некое митско место. „Татковина“ е место кое се посетува за време на летниот распуст и за кое може да се зборува сѐ најубаво сѐ додека децата или родителите примаат плати во евра или швајцарски франци. 

Мора да се каже дека српските навивачи на стадионот ги навредуваа Џака и Шаќири, па одговорот во вид на двоглав орел формиран со рацете може да се смета и за прилично дипломатски. Освен тоа, апсурдно е што Србите се чувствуваат испровоцирани од двоглавиот орел, зашто и сами имаат еден на знамето. Но, таква е логиката на националистите. Не мора да ја разбираме. 

Russland WM 2018 l Serbien vs Schweiz 1:2 - Granit Xhaka und Xherdan Shaqiri beim Torjubel
Провокативна гестикулација на Шаќири и ЏакаФотографија: picture-alliance/dpa/L. Gillieron

Најлошиот губитник на Мундијалот

Полош беше српскиот селектор Младен Крстајиќ, секако најлошиот губитник на овој Мундијал. Тој го обвинуваше судијата Феликс Брих за поразот на Србија, рече дека би го испратил во Хаг за таму да му се суди „како што нам таму ни судеа“. Со малиот збор „нам“, Крстајиќ се солидаризираше со осудените воени злосторници и утврди дека на обвинителната клупа во Хаг биле сите Срби. Националистичка логика... Многу Срби се согласуваат со Крстајиќ. Веројатно и оние навивачи кои на стадионот во Калининград носеа маици со ликот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, кој е одговорен само во Сребреница за убиство на 8.000 луѓе.

Fußball WM 2018 Gruppe E Costa Rica - Serbien
Српскиот тренер Крстајиќ се поистовети со воени злосторнициФотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/M. Voskresenskiy

Хрватските фудбалери и фашистичкиот поздрав

Ни хрватската репрезентација не пропушти да ги глорифицира воените злосторници. Можете ли да замислите германските фудбалери по победата во соблекувалната да пеат песни на десноекстремни уметници, кои им се потсмеваат на жртвите од германските коцентрациони логори? Веројатно не. За хрватските репрезентативци тоа е нормално. Својата победа над Аргентина тие ја славеа со песната која почнува со зборовите „За дом спремни“ (за татковината спремни), што е поздрав на усташките нацистички колаборационисти. Станува збор за песна од десноекстремистичкиот музичар Марко Перковиќ Томпсон, кој во своите песни ги исмева жртвите од концентрационионите логори во Јасеновац и Стара Градишка. Тоа се логори во кои Евреи, Срби, Роми и припадници на опозицијата биле систематски уништувани.

Josip Simunic Fussball Kroatien-Island 19.11.13
Јосип Шимуниќ со фашистички воскликФотографија: picture alliance/CITYPRESS 24

Не е првпат фашистичкиот поздрав на хрватската репрезентација да предизвика скандал. Кога Хрватска се квалификуваше за Светското првенство во Бразил, Јосип Шимуниќ со навивачите воскликна: „За дом!“- на што од илјадници грла загрме: „Спремни!“ На Шимуниќ потоа му беше забрането да игра во Бразил. Тоа не доведе до нормализација кога станува збор за фашизам кај хрватските фудбалски навивачи. Штета, зашто хрватската репрезентација на спортски план постигнува сјајни работи и би било убаво да ѝ се посака успех на Светското првенство. 

За мене се поставува прашањето: драги браќа од Балканот, дали сме навистина толкави националисти, толкави бедници? И мораме ли тоа постојано да му го покажуваме на цел свет?