1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бомба го урнала рускиот авион над Синај

Б. Георгиевски/ап/ртр17 ноември 2015

Руските власти имаат докази дека уривањето на авионот над Синај било резултат на терористички напад. Бомба била поставена во леталото за време на летот

https://p.dw.com/p/1H72B
Фотографија: picture-alliance/dpa/Str

Експлозивна направа од домашно производство го урнала рускиот патнички авион над Египет минатиот месец, соопшти шефот на руската безбедносна служба ФСБ. Според руските власти, јасно е дека се работело за терористички напад.

„Исламската држава“ ја презеде одговорноста за уривањето на рускиот авион преку печатено соопштение, како и видео и аудио пораки постирани на интернет.

„Според нашите експерти, во авионот експлодирала експлозивна направа од рачно производство со јачина еднаква на 1 килограм ТНТ, поради што авионот се распаднал во лет, што објаснува зошто остатоците биле распрскани на толку голема територија. Со сигурност можам да кажам дека се работи за терористички акт“, изјави шефот на ФСБ Александер Бортников.

Според анализите, експлозивот бил изработен надвор од Русија, но Бортников одби да даде повеќе детали.

Руските власти понудија награда од 50 милиони долари за информација која ќе води кон „терористите“ кои го извршиле нападот. Сите 224 патници и членови на екипажот, мнозинството руски туристи, загинаа во нападот кој се случи набрзо по полетувањето на леталото од Шарм ел Шеик.

Но, во истовреме, од Египет пристигнуваат контрадикторни информации. Прво, висок функционер во египетското Министерство за авијација, тврди дека досегашната истрага за уривањето на рускиот патнички авион не нашла докази за бомба во леталото.
„Очекуваме објаснување од руските власти и анализа на доказите кои ги пронашле, иако комисијата досега не успеа да дојде до ваков заклучок“, вели изворот за агенцијата АП.

Потоа, египетските власти јавија дека уапсиле двајца вработени на аеродромот во Шарм ел Шеик кои се осомничени за поврзаност со нападот. Во соопштението на египетското Министерство за внатрешни работи се вели дека од вкупно 17 уапсени, двајца се осомничени дека помогнале „во подметнувањето на бомбата во Шарм ел Шеик“.

Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе ги казни одговорните за нападот. „Нема ограничувања за овој случај, мораме да ги дознаеме имињата на сите. Ќе ги бараме насекаде, каде и да се кријат. Ќе ги пронајдеме на кое било место на Земјата и ќе ги казниме“.

Исламската држава соопшти дека нападот бил одмазда за руските воздушни напади против нивните позиции во Сирија. Путин денеска најави дека воздушната кампања не само што нема да запре, туку „и ќе се интензивира за криминалците да сфатат дека одмаздата е неизбежна“. Исламската држава, од друга страна, се закани дека ќе му возврати на Путин и „дома“, но без натамошни детали.