1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Случајот Усик - наместо честитки, непријателство

Роман Гончаренко
2 октомври 2021

Украинскиот боксер Олександер Усик освои повеќе титули и тргна по стапките на Кличко, но дома кон новиот крал во тешка категорија владее непријателско расположение – поради неговиот став кон Русија.

https://p.dw.com/p/418p4
UK Boxen Oleksandr Usyk
Олександар Усик со украинското знаме по победата над британецот Ентони ЏошуаФотографија: Frank Augstein/AP/dpa/picture alliance

Во странство не постои сомнеж – Олександер Усик е Украинец. Така го нарекуваат сите медиуми известувајќи за новиот светски боксерски шампион во тешка категорија, која има висок рејтинг во професионалниот бокс. 34-годишниот Усик ноќта спроти 26 септември во Лондон го совлада Британецот Ентони Џошуа и ги освои појасите на ВБА, ВБО, ИБФ и ИБО верзиите во тешка категорија.

Со тоа ги повтори успесите на своите сонародници, браќата Витали и Владимир Кличко. „Појасите патуваат дома“, изјави Усик по борбата во едно видео на Инстаграм. Украинскиот претседател Владимир Зеленски триумфирачки напиша на Фејсбук: „Украина го врати она што ѝ припаѓа!“

Боксерскиот шампион и Крим

Но, сепак, победата на Усик дома предизвика помешани реакции. Редок случај – меч на вакво ниво да не е пренесуван од ниедна украинска телевизија. Оној кој сакаше да го следи, мораше да сврти на руски канали или на платени телевизии. На социјалните медиуми се разгоре кавга околу личноста на новиот „крал во тешка категорија“. Додека едни му честитаа, други остро го напаѓаа Усик. Тој е еден од малкуте, ако не и единствен светски боксерски шампион, кој дома не е поздравен само со честитки, туку и со напади од таборот кој себеси се нарекува патриотски. Границата кон подбуцнување непрјателство притоа е флуктуирачка. Причина се негови поранешни амбивалентни изјави за Русија и за анектираниот Крим – негово родно место. 

Случајот не е едноставен. Усик, кој зборува руски, против Џошуа се бореше со ракавици на кои беше името на неговиот роден град – Симферопол и на Украина. По победата пред камерите го разви сино-жолтото украинско знаме. По враќањето во Киев, Усик долеа масло во огнот најавувајќи дека сака победничкиот појас да го однесе на Крим, за да му го покаже на својот тренер, како што објасни. Договорениот реванш нетпревар тој ќе го игра во Киев во 2022. година. 

Професионалниот боксер, кој по 2014. година од Симферопол се пресели во Киев, редовно патува на полуостровот, тренира таму и Кримго нарекува свој дом. Во Украина со години го критикуваат бидејќи зборува за Русите и Украинците како за  „еден народ“,  слично како и рускиот претседател Владимир Путин. Освен тоа, неговите врски со Руската православна црква, со Московската патријаршија и неговото учество во руски филм за православието, на некои им се трн во окото. Усик постојано е прашуван од новинарите – кому му припаѓа  Кримсега, на Русија или на Украина, но тој го избегнува одговорот. 

Факт е исто така дека Усик патуваше на фронтот во Источна Украина и таму им даваше часови по бокс на украинските војници. Но, некои борци го критикуваа поради неговите изјави кои ги толкуваа како проруски. 

Украинска дилема: Што со граѓаните како Усик? 

Украинскиот филмски режисер Олег Сенцов, кој исто како и Усик потекнува од Крим и по анексијата од страна на Русија години помина во затвор, на Фејсбук ја формулираше украинската дилема: како да се постапува со познати Украинци, кои Русија не ја означуваат за „агресор“ и негуваат врски со неа? Дали треба да се натераат да си заминат во Русија или да се преубедат? Усик во Русија би бил пречекан сигурно со раширени раце. Познатиот телевизиски водител Владимир Соловјов го нарече Усик „великан“. Еден познат пејач најави дека ќе го покани Усик во Русија и ќе му пружи финансиска поддршка.

Boxen Ali-Trophy | Alexander Usyk, Sieger gegen Marco Huck
Александер Усик со украинското знаме по една победа во 2017 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Според Сенцов, изјавите на Усик носат „печат на Путинова пропаганда“, но тој предложи „да не се отфрла Усик, туку да се објасни што значи да се чувствуваш за Украинец и зошто тоа не може да коегзистира со ‘рускиот свет' (од Москва пропагирана визија за надгранична руска заедница, н.з.)“. За тоа се потребни време и „помош од оние кои веќе го сфатиле својот идентитет“, истакна Сенцов.

Ирина Медушевска од Одеса е една од малубројните влијателни проукраински блогери, која јавно се радуваше на победата на Усик. Последица - загуби околу 100 од нејзините преку 40.000 следачи, изјави таа за Дојче веле. „Сенцов во овој случај е во право“, вели Медушевска. Со граѓани како Усик, чии врски со Русија меѓу другото се одвиваат преку православието, на Украина ѝ е потребно големо трпение: „Тоа е многу долг процес, тој е човек – верник." 

Германски пубицист: Помалку шаблонизирања 

Не е првпат во Украина да се водат жолчни дискусии за спортот и политиката. Во август на мета на критиката беше атлетичарката Јаролава Магучих, која во скок во височина освои бронзен медал на Олимпијадата во Токио и се фотографираше заедно со руската носителка на златен медал. Двете носеа знамиња, едната украинско, а другата знамето на Рускиот олимписки комитет. Магучих дома ја критикуваа, заменичка министерка за одбрана ја повика на разговор. 

Германскиот публицист Кристоф Бруме, кој живее во Украина, во разговор за Дојче веле истакнува дека има разбирање за двете страни: критичарите на Усик и Магучих, но и изразот на „спонтана радост во Токио“. Тој на двете страни им советува поголема опуштеност, жалејќи за недостиг од „политичко размислување настрана од шаблонските претстави црно-бело“. „Усик настапува за Украина, го подобрува нејзиниот имиџ, тоа е решавачко“, смета Бруме. Оној кој по седум години војна „уште не може да го разликува пријателот од непријателот“, е за жалење. Но, и со „вакви луѓе" треба да се водат разумни дискусии, вели публицистот.