1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Белгиските азиланти“ тргнаа за Македонија

10 март 2010

Педесетина жители на прешевскиот и кумановскиот регион утрово доброволно заминаа од Брисел, назад дома. Белгиското биро за странци им обезбеди автобус на бегалците од Македонија и Србија.

https://p.dw.com/p/MOsq
БриселФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

Луѓето, измамени од туристички агенции, пред еден месец дојдоа во Белгија во потрага по подобар живот. Заминуваат затоа што Белгија е далеку од она што им беше ветено:

„Цело ова време само седиме внатре, нема услови за живот овде“, вели жител на Куманово.

На прашањето каде биле сместени, одговара: „Во камп и нема услови, бањата е 50 метри надвор, услови за никаде, подобро да се вратиме дома.“

Портпаролката на Бирото за странци вели дека благодарение на интензивната информативна и медиумска кампања на белгиската влада, бројот е драстично намален, а луѓето разбраа дека немаат иднина во Белгија.

„Објаснивме дека економските причини не се доволни за да се добие азил во Белгија и дека нема да најдат подобра економска ситуација во Белгија, нема да добијат сместување, нема да добијат пари, нема ни работа, и дека нивната иднина е во нивната матична држава, тоа им го објаснивме и тие тоа добро го разбраа“, изјави портпаролката на бирото за странци.

Бегалците ги испратија и белгиски новинари

Karte Terra Incognita Strépy-Thieu Bracquegnies Belgien
Белгија им објасни на азилантите дека тука нема да најдат работа и нема да добијат париФотографија: AP GraphicsBank/DW

На автобуската станица во Брисел денеска (10.03.2010) беа и белгиските новинари кои вчера се вратија од балканската турнеја заедно со белгискиот премиер Ив Летерм.

Франсоа Мазир е новинар во државната белгиска ТВ. За него не е чудо што овие луѓе бегаат. Впечатокот што му го оставила Македонија не е за фалење:

„Благодарение на локалното население, ги снимивме автобусите кои заминуваат, се запознавме со луѓето и ја видовме нивната економска ситуација и многу ни‘ е јасно зошто сакаат да заминат. Посетивме и едно мало училиште во Липково каде силно се чувствува мизеријата и желбата да се излезе од таа тешка ситуација“, рече за Дојче веле белгискиот новинар.

Дали сето ова немаше и внатрешнобелгиски политички цели?

Утрово белгиските медиуми прашуваа дали целата оваа кампања не беше делумно упатена и кон домашната јавност, да се смират страстите на белгиските граѓани и да се оддаде впечаток на безбедна држава која го држи под контрола бранот на имигранти, во услови на економска криза.

Македонските бегалци кои денеска заминуваа од Брисел велат дека сакаат да останат во Македонија и дека само дома си е дома, но упатуваат уште еден повик до владата и до премиерот Груевски да се откажат од градењето црква и споменици на плоштад и да се погрижат за народот:

„За граѓаните, не да прави црква во центар туку за народот нешто да направи, а не тие пари да ги троши на црква, а за народот ништо. Пет деца имам, немам ни социјално, ниту ништо, тоа е тоа“, вели азилант.

Автобусот со луѓето кои бараа азил во Белгија ќе стигне утре во Куманово.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска