1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестоки расправии и обвинувања за референдумот

ДТЗ
14 септември 2022

Опозицијата го обвинува Талат Џафери дека го приватизирал Собранието, владејачката коалиција, пак, смета дека во време на криза е неодговорно да се трошат 8 милиони евра за организирање на референдум.

https://p.dw.com/p/4GpEl
Собранието е приватизирано од Џафери, обвинува потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски
Собранието е приватизирано од Џафери, обвинува потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо МисајловскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Жестоки расправии и обвинувања меѓу власта и опозицијата предизвика одлуката на собранискиот спикер Талат Џафери да ја отфли иницијативата за организирање на референдум од страна на ВМРО ДПМНЕ како неуставна. Додека СДСМ и ДУИ денеска излегоа со сличен став - дека иницијативата е спротивна на Уставот и е насочена кон попречување на патот кон Европската Унија, од опозицискиот блок пристигнаа бројни обвинувања за измислени небулозни причини само за да се отфрли иницијативата, но и дека првиот човек на парламентот излегол надвор од своите овластувања, за коишто воопшто нема ингеренции. Џафери ги упати опозициските пратеници своите поплаки да ги достават до Уставниот суд, но и до државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, доколку сметаат дека има основа за тоа. 

Талат Џафери Собрание
Опозицијата го обвинува Талат Џафери дека го приватизирал СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ретроградни сили

СДСМ и ДУИ денеска порачаа дека нема да дозволат лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да ја загрози европската иднина и остануваат цврсто на ставот дека иницијативата е неуставна. 

„Иницијативата за референдум на Христијан Мицкоски е спротивна на македонскиот Устав и националните интереси и затоа нејзиното отфрлање е очекувано. Договорот за добрососедство е меѓународен договор, а членот 118 од Уставот јасно предвидува дека Меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со Закон. Затоа што според Уставот прекинување на правно дејство значи менување“, велат од СДСМ. 

Според нив, токму затоа ВМРО ДПМНЕ цитирале погрешен член 24 од Законот за референдум, кој се однесува на консултативен референдум, а не на задолжителен, како што бараат во иницијативата. „Очигледно Мицкоски намерно ја има смислено и поднесено оваа иницијатива на правно неиздржан начин, спротивно на македонскиот Устав“, изјави пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски. 

Пратеничката група на ДУИ на прес-конференција ја повика опозицијата да го прифати и поддржи Договорот за добрососедство со Република Бугарија, којшто е меѓународен договор и, согласно Уставот, неговото правно дејство не може да се менува. Арбер Адеми, координатор на пратеничката група на ДУИ, смета дека во време на најголемата економска и енергетска криза, крајно неодговорно и недозволиво е да се потрошат 8 милиони евра за организирање на референдум.

Арбер Адеми, координатор на пратеничката група на ДУИ
Арбер Адеми смета дека во време на најголемата економска и енергетска криза, крајно неодговорно и недозволиво е да се потрошат 8 милиони евра за организирање на референдумФотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО ДПМНЕ одлучува за следните чекори

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски, информира дека органите на партијата ќе заседаваат и ќе се разговара за сите правни дилеми и за понатамошни чекори кои ќе ги преземат откако беше отфрлена референдумската инцијатива како неуставна. 

Мисајловски смета дека Џафери го приватизирал Собранието и уште еднаш покажал дека власта се плаши од народот и затоа биле приморани да измислат небулозни причини да ја отфрлат иницијативата за референдум.

„Работа на претседател на Собрание не е да толкува Устав, тоа е работа на Уставниот суд. Отфрлањето на иницијативата за референдум е поради измислени и противправни причини“, рече Мисајловски. Според него, референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието односно претходен референдум и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓани за други прашања за кои одлучувало Собранието - тоа е дополнителниот референдум. 

Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО ДПМНЕ го обвини Џафери дека „повторно земал повеќе право од што имал“.

„Повторно земавте повеќе право од што имате, нешто што не е Ваша обврска, а за тоа што велите дека Иницијативата е неуставна, би рекол – ајде да изградиме фронт за борба против криминалот и корумпираните политичари“, рече Мицевски.

Џафери на обвинувањата одговори дека парламентот работи според Уставот и Деловникот, а претседателот на Собранието е должен да ги следи работите не само како форма, туку да ја следи и нивната суштина.

„Ова е Собрание, а не суд вие да судите. Ако сметате дека сте во право, има процедура, соодветен посебен уставен орган, со соодветни надлежности. Обратете се таму, ќе ви одговорат. Има Уставен суд. А ако има работа и за Јовески, јавете се и кај него“, му рече Џафери на Мицевски.