1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаГлобално

Војна во Иран: Зошто волфрамот одеднаш станува проблем

АРД
7 април 2026

Волфрамот е неопходен за алатки, машинско инженерство и воената индустрија. Војната во Иран ја крена цената на рекордно ниво. Ова е алармантен сигнал за германската економија.

https://p.dw.com/p/5BmIO
Парче суров волфрам врз црн гранит
Волфрамот е незаменлива компонента во многу индустрииФотографија: Valeriy Voennyy/Zoonar/picture alliance

Цената на волфрамот нагло расте - и тоа е многу повеќе од секојдневните вести од пазарот на суровини. Иако многу луѓе денес го знаат само од старите светилки со жичка, овој метал е незаменлив за голем број клучни индустрии: волфрамот се користи во алати, машини, електроника, муниција и во високотехнолошки примени.

Критична и стратешка суровина

Ова претставува проблем за Германија и за ЕУ: волфрамот во Брисел официјално се смета за критична и стратешка суровина. Најновиот скок на цените е силно поврзан со војната, вооружувањето и геополитичката зависност.

На крајот на март, цената на амониум параволфрам - најважниот меѓупроизвод во производството на волфрам - достигна рекордни 3.150 долари за метрички тон на пазарот во Ротердам. Ова е зголемување од околу 50 проценти од почетокот на војната на САД и на Израел против Иран и може да се спореди со зголемувањето на цените на нафтата во истиот период.

Војната во Иран дополнително ја зголемува цената

Причината: волфрамот е исклучително тврд метал. Од сите метали, има највисока точка на топење (3.422 Целзиусови степени). Затоа се користи во панцирната муниција и во компонентите за ракети кои се користат во војната во Иран. 

Американскиот воен разурнувач УСС Томас Хаднер испукува ракета томохавк во актуелната војна против Иран
Секоја ракета која експлодира во војната на САД и на Израел против Иран значи и трајна загуба на волфрам.Фотографија: U.S. Navy/Planet Pix/ZUMA/picture alliance

Но, за разлика од многу индустриски примени, волфрамот во ракетите не може да се рециклира. Секоја ракета која експлодира значи и трајна загуба на волфрам.

Кина доминира во глобалното производство на волфрам

И пред најновата ескалација на Блискиот Исток, волфрам имаше малку. Од крајот на декември, неговата цена се зголеми повеќе од трипати, а од јуни 2025 година, дури и повеќе од четири пати.

Војната на САД и на Израел против Иран е забрзувач - но не и единствената причина за брзиот скок на цените. Кина игра голема улога: според податоците од Геолошкиот завод на САД, Кина минатата година произвела 67.000 тони, што претставува околу 79 отсто од светското производство.

Кинеските контроли на извоз ги намалуваат пратките

Во февруари 2025 година, Пекинг воведе нови контроли на извозот - делумно поради зголемените тензии со САД во последните години. Оттогаш, обемот на кинескиот извоз се намали за околу 40 отсто. На извозниците сега им се потребни владини дозволи за извоз на стоки од Кина.

Исто така, постојат и структурни проблеми: намалувањето на квалитетот на рудата и построгите производствени квоти дополнително го намалија производството во кинеските рудници. Војната во Иран, на тој начин, станува дополнителен двигател на растот на цените на веќе преоптоварениот пазар.

Машинство и воена индустрија: Зошто Европа е ранлива

Со намалениот кинески извоз не се спротиставува само поголемата воена побарувачка; волфрамот е и многу баран во индустријата. Неговата цврстина и отпорност на високи температури го прават неопходен за компоненти од тврди метали - дупчалки, глодалки, ножеви и други прецизни алатки.

За Германија, ова е особено проблематично бидејќи волфрамот се користи токму во секторите кои го сочинуваат нејзиниот индустриски 'рбет: машинската индустрија, преработка на метали и производство на возила. Според Законот за критични суровини, ЕУ експлицитно го дефинира волфрамот како стратешки важен за авијацијата и за одбраната.

Од поранешна „споредна“ суровина, волфрамот стана стратешки материјал, чиј недостаток може да предизвика тесни грла. Војната во Иран дополнително го влошува проблемот. Овој пример покажува колку се ранливи Германија и Европа кога станува збор за критични суровини - и во индустријата и во воениот сектор.

Авторка на текстот: Ангела Гепферт, АРД