1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформа на универзитетите: строги правила и кратење програми

6 февруари 2026

Три нови закони за реформи во високото образование се ставени на ЕНЕР. Построги критериуми за професори, ново финансирање и промени во студиските програми.

https://p.dw.com/p/58EV7
Прес-конференција на министерката за образование и наука, Весна Јаневска 05.07.2024
Измените имаат за цел подобрување на академската едукација, јакнење на квалитетот во наставата и поттикнување на научноистражувачката дејност, вели министерката Весна ЈаневскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Министерството за образование и наука најавува сеопфатни реформи во високото образование и науката во Македонија. На Националниот електронски регистар на прописи (ЕНЕР) веќе се објавени предлог‑законот за високо образование и законот за квалитет во високото образование, а во наредните денови ќе биде поставен и законот за научноистражувачка дејност. Јавноста во следните 30 дена ќе може да доставува коментари и забелешки. 

Измените имаат за цел подобрување на академската едукација, јакнење на квалитетот во наставата и поттикнување на научноистражувачката дејност. На прес-конференција, министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека во изработката на законите волонтерски учествувале над 60 професори, претставници на институции, студенти и експерти. 

Новиот закон за високо образование: финансирање, критериуми и избори

Законот треба да го замени постојниот од 2018 година, кој, според МОН, создал повеќе проблеми отколку решенија. Се воведува нов модел на финансирање со две компоненти – развојна и исклучителна. Универзитетите што ќе покажат повисоки резултати ќе добиваат повеќе средства, со што се стимулира конкуренцијата.

Предност при вработување на државните универзитети ќе имаат студентите што со државна стипендија студирале на најдобрите 100 светски универзитети, како и добитниците на „Инженерски прстен“ и најдобрите студенти на факултетите.

Една од најзначајните новини е заострувањето на критериумите за напредување во академските звања. Кандидатите за доцент, вонреден и редовен професор ќе треба да објават 6–7 научни трудови, од кои најмалку 3–4 во списанија индексирани во Web of Science или Scopus. Јаневска посочи дека за влез на универзитет меѓу првите 1.000 на Шангајската листа потребни се околу 1.200 трудови годишно, додека македонските универзитети објавуваат 300–500.

За професорите кои веќе се во постапка за избор се предвидуваат олеснувања. Новината е и можноста професорите доживотно да го задржат истото звање, доколку ги исполнуваат условите при секој нареден избор. Во иднина, редовните професори ќе имаат реизбор на секои седум години, но оваа обврска нема да важи ретроактивно.

Студенти во холот на државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје
Универзитетски реформи: строги услови и редукција на студииФотографија: DW/K. Ozimec

Промени кај ректорите и студиските програми

Со новиот закон се враќа четиригодишниот мандат на ректорите, а се менува и моделот на нивен избор. Универзитетите, според Јаневска, ќе мора да ја намалат бројката од сегашните 1.300 студиски програми. Неприфатливо е да постојат програми со само два или три студенти.

Законот за квалитет во високото образование предвидува реорганизација на Агенцијата за квалитет, која досега не функционирала целосно. Наместо досегашните одбори, ќе се формира Совет што ќе работи со стручни комисии и ќе ги дефинира постапките за евалуација, самоевалуација, акредитација и надзор.

Закон за научноистражувачка дејност

Третиот закон предвидува класификација на научните установи, поддршка за научни институти и центри за извонредност, финансирање научни проекти и прецизни критериуми за избор во научни звања. По 14 дена ќе започнат јавни расправи на универзитетите. Потоа законите ќе влезат во владина процедура, а Собранието ќе може да организира јавна расправа пред нивно усвојување.