1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: „Да умреш е најлошото што може да се случи”

3 јули 2023

Северно од Киев се одвиваат маневри на украинската армија. Генералот полковник Серхиј Најев во интервју за АРД зборува за заканата од групата Вагнер, германската испорака на оружје и неговите очекувања од самитот на НАТО

https://p.dw.com/p/4TLL0
Украина војна
Киев зборува за комплицирана ситуација на фронтотФотографија: Genya Savilov/AFP

Блиндирано возило застанува пред вештачкото езеро северно од главниот град Киев. Од него скокаат вооружани војници, гледаат наоколу и потоа амбициозно се поставуваат на своите позиции. Си довикуваат кратки наредби, потоа се слушаат истрели. 

Вака изгледа една вежба на украинската армија. Поканети беа и медиуми, бидејќи има интерес во јавноста да се претстави слика на силна војска, меѓу другото и затоа што до сега изостануваат видливи успеси долж линијата на фронтот. Целта на вежбата е да се пресретне непријателска извидничка формација на копно и на вода. Украинските војници вежбаат со чамци на вештачкото езеро. Тоа се вежби кои ги прават и други војски, само што овие војници и де факто мора да се борат на фронтот - заканата за нив е реална. 

Закана од платениците на Вагнер?

Минатиот петок (30.6.2023) претседателот Володимир Зеленски нареди засилено да се чува северот на државата. Една од причините е можното стационирање на руските платеници од групата Вагнер во Белорусија. За тој дел од земјата задолжен е генералот полковник Серхиј Најев, кој е еден од највисоко рангираните во војската на Украина. Тој лично присустувува на вежбата на вештачкото езеро. Во интервју за првиот канал на јавниот германски сервис АРД тој вели дека „во однос на актуелната закана, си ја исполнуваме задачата и располагаме со доволно сили. Но, за да може тоа да го постигнеме и при зголемена закана, потребно е засилување со луѓе и средства”. 

Константиновка, Доњецк Украина војна
Украински војници кај Константиновка, Доњецк: Актуелно се чини дека нема простор за брзи воени успесиФотографија: Narciso Contreras/AA/picture alliance

Според Најев, за сега не се забележани движења на групата Вагнер.„Но, ние го предвидовме најлошото можно сценарио и се подготвуваме за такви услови”, вели генералот полковник. Најев најголемата потенцијална закана ја гледа во „атомската уцена” од страна на Русија, меѓу другото и онаа што произлегува од окупираната атомска централа Запорожје. 

Проблематични минските полиња

Запрашан за притисокот од Западот и големитеочекувања на западните партнери од контраофанзивата, украинскиот генерал полковник вели дека „не го чувствува таквиот притисок и дека тоа е работа на политиката, а јас се занимавам со воени прашања. Ние сакаме да победиме што е можно побрзо”. Актуелно се чини дека нема простор за брзи воени успеси. Руските војници долж фронтот се длабоко вкопани во своите позиции, украинските војници имаат мака да ги поминат бројните мински полиња, а згора на тоа постојано се и мета на артилериски оган.

Бавен напредок и големи загуби

Врховниот командант на украинската армија, Салушниј за „Вашингтон пост” нагласува дека неговите војници и покрај тоа напредуваат по неколку стотици метри дневно. Бавен напредок со многу загуби. За побрзи воени успеси потребно е повеќе од сѐ што има, вели Салушниј.

Најев пак е благодарен за поддршката од Западот и конкретно им оддава признание на канцеларот Олаф Шолц и на министерот за одбрана Борис Писториус, но во однос на контраофанзивата е на иста линија со Салушниј и според негови проценки потребна е испорака на оружје и од Германија. „Секако тенкови, секако анти-ракетни системи со кои Германија располага. И секако артилериска муниција и ракети. Ние сме благодарни за секаков вид на помош и сакам да потенцирам дека ќе ја користиме исклучиво за одбрана на територијалниот интегритет на Украина”, рече Најев. 

Бахмут Украина војна
Украински војници на фронтот кај Бахмут: За побрзи воени успеси потребно е повеќе оружје, велат украинските командантиФотографија: Alex Babenko/AP/dpa/picture alliance

Големи очекувања од самитот на НАТО

Генералот полковник имаголеми очекувња од самитот на НАТО што ќе се одржи кон средината на јули во Вилнус, имено се надева на „јасна порака со конкретен датум кога Украина ќе стане полноправна членка во Алијансата”. 

Да умреш е најлошото што може да се случи

За време на интервјуто се слушаат силни експлозии на мини кои беа поставени токму за вежбите.

Но, и покрај употребата на боева муниција „разликата е огромна”, вели војникот Андриј Теличко. 

Овој семеен човек пред неколку месеци се борел на истокот на Украина, бил ранет и сега е задолжен за обезбедување на северот од земјата. 

„Во борбите сѐ е многу понепосредно. Повеќе се фокусираш на непријателот, а тука сега работиме на усовршување на способностите кои подоцна ни се потребни на фронтот”, објаснува Андриј. 

Што најмногу го плаши на фронтот? 

„Да умреш е најлошото што може да се случи”, вели Андриј, па додава дека сепак веднаш би се вратил на фронтот.„Имам жена и ќерка. Мора нешто да сторам за да ги заштитам родителите, роднините и саканите, за идните генерации да не го доживуваат ова што ние сега го гледаме”, заклучува Андриј.