1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп повторно го потврди интересот за Гренланд

ЕМФ | агенции
23 декември 2025

Американскиот претседател Доналд Трамп го повтори своето интересирање за Гренланд и рече дека островот им е потребен на САД заради безбедноста.

https://p.dw.com/p/55rO6
САД Палм Бич 2025 | Американскиот претседател Доналд Трамп држи говор во Мар-а-Лаго
Трамп: Гренланд ни треба за националната безбедностФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Гренланд им е потребен на САД заради безбедноста:

„Гренланд ни треба за националната безбедност. (...) Мора да го имаме“, изјави Трамп вчера (22.12) во Палм Бич, Флорида.

Тој укажа на наводното присуство на Москва и Пекинг околу геостратешки лоцираниот остров: „Ако го погледнете Гренланд, по должината на брегот, насекаде има руски и кинески бродови.“

Назначување на специјален пратеник за Гренланд

Трамп во неделата (21.12) го назначи гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за свој специјален пратеник за Гренланд. „Тој треба да ја турка работата напред“, рече Трамп.

Ландри на платформата X напиша дека му е чест во таква улога да учествува во правењето на Гренланд дел од САД.

Остра реакција од Данска и Гренланд: „Не може да се анектира друга земја“

На тоа реагираа данската премиерка Мете Фредериксен и гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен со заедничка изјава: „Не може едноставно да се анектира друга земја. (...) Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните.“

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен најави дека ќе го повика американскиот амбасадор Кенет Хаури. „Ова е, секако, целосно неприфатливо“, изјави Расмусен за ТВ2.

Премиерката Фредериксен на Инстаграм напиша: „Ова е тешка ситуација во која нè ставаат нашите доживотни сојузници.“

Гренландскиот премиер Нилсен на Фејсбук коментираше: „Оваа најава ништо не менува. Ние одлучуваме за нашата сопствена иднина.“

Кој го поседува Гренланд?

Зошто Гренланд е стратешки важен за САД?

Гренланд е автономна територија на Кралството Данска со околу 57.000 жители. Неговата стратешка положба го прави важна локација за американскиот систем за ракетна одбрана.

Покрај тоа, богатството на минерали го буди интересот на САД да ја намалат зависноста од кинески извоз.

Политикологот Микел Ведби Расмусен од Универзитетот Копенхаген за Ројтерс оцени дека назначувањето на пратеникот покажува дека инвестициите на Данска во арктичката одбрана и пријателските гестови кон САД не дале никаков ефект.