1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиМјанмар

СЗО прогласи највисоко ниво на вонредна состојба во Мјанмар

СН/агенции
31 март 2025

Ситуацијата во Мјанмар по земјотресот и натаму е драматична. Алармирана е и Светската здравствена организација која предупредува на избувнување на болести. Во Тајланд спасувачките тимови се борат со времето.

https://p.dw.com/p/4sUav
Спасувачките тимови трагаат по затрупани под урнатините на уништена зграда во  во Мандалеј на 30 март 2025 година
Спасувачките тимови трагаат по затрупани под урнатините на уништена зграда во во Мандалеј на 30 март 2025 годинаФотографија: Sai Aung Main/AFP

По силниот земјотрес во Мјанмар, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи највисоко ниво на вонредна состојба. Итно се потребни осум милиони долари (7,4 милиони евра) за да се спасат животи и да се спречи појава на болести во следните 30 дена, соопшти СЗО. Многу од повредените се изложени на висок ризик од инфекции поради ограничениот медицински капацитет во сиромашната земја.

„СЗО ја класифицира оваа криза како итен случај на ниво 3 - највисоко ниво на активирање според нејзината програма за одговор во итни ситуации“, соопшти здравствената агенција на Обединетите нации. Снабдувањето со електрична енергија и вода е прекинато на многу места во Мјанмар, „зголемувајќи го ризикот од појава на болести кои се пренесуваат преку вода и храна“.

Трагедија во Мјанмар: Сцени од разурнатиот град Сагианг
Трагедија во Мјанмар: Сцени од разурнатиот град СагиангФотографија: Myanmar Fire Services Department/Handout/Anadolu/picture alliance

Непрегледна ситуација во Мјанмар

Според геолозите, тоа е најголемиот земјотрес што го погодил Мјанмар во последните децении. Најсилниот удар, со епицентар во близина на вториот по големина град Мандалеј, достигна јачина од 7,7 степени. Оттогаш следеа серија последователни потреси.

Ситуацијата во земјата зафатена со граѓанска војна е непрегледна. Државната телевизија неодамна извести за 1.700 загинати и околу 3.400 повредени. 300 луѓе сѐ уште се водат како исчезнати. Сепак, владејачката воена хунта очекува бројот на жртвите да продолжи да расте. И експертите стравуваат од зголемување на бројката.

Два дена по земјотресот сѐ уште нема целосна слика за состојбата, соопшти хуманитарната организација Малтесер во Германија. „Тимовите за одговор при итни случаи имаат малку информации за оддалечените локации.“ Тешко е да се стигне до таму. Малтесер интернешонал испрати тим за итни случаи во погодените области, каде што, според наводите, соработува со локални партнери.

Трка со времето: Се стравува дека под урнатините на висококатницата во Тајланд има уште луѓе
Трка со времето: Се стравува дека под урнатините на висококатницата во Тајланд има уште луѓеФотографија: Wason Wanichakorn/AP/dpa/picture alliance

Спасувачите во Тајланд под притисок

Во главниот град на Тајланд, Бангкок, кој исто така беше погоден од силниот земјотрес бројот на загинати се искачи на најмалку 18, објави весникот Бангкок пост, повикувајќи се на градската управа. Според извештајот, уште 78 лица се водат како исчезнати во метрополата. Спасувачките екипи во Бангкок интензивно пребаруваата, особено во купот урнатини на висококатницата која сè уште беше во изградба кога се урна во катастрофалниот земјотрес.   Се стравува дека има уште затрупани во урнатините. Само таму веќе се потврдени десет смртни случаи. Спасувачите се во трка со времето. Тие користат кучиња во потрагата по други преживеани.