1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Што значи крајот на договорот за украинското жито?

Силја Томс
17 јули 2023

Русија го стопира договорот за житни култури, благодарение на кој Украина можеше да извезува милиони тони жито. Какви последици ќе има тоа?

https://p.dw.com/p/4TzI8
Брод натоварен со жито минува преку Босфорот
Брод натоварен со жито минува преку БосфоротФотографија: Yasin Akgul/AFP/Getty Images

Договорот за житото ќе биде стопиран сѐ додека не се исполнат сите услови од Москва за извоз на руско жито, изјави денеска (17.07) портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков за руската агенција Тас. Договорот за житото помеѓу Украина и Русија, кој своевремено од страна на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, беше опишан како „пламен на надежта”,  беше склучен на 22 јули 2022 година, и беше продолжуван неколкупати. Неговото стопирање може да има последици за големи делови од светот.

Зошто договорот е толку важен?

Украина е светски значаен производител на житни култури и според информации на Светската агенција за храна прехранува 400 милиони лица ширум светот. Со избувнувањето на војната се закануваше криза со глад особено во Африка и на Блискиот Исток. Цените на прехранбените производи уште пред почетокот на војната во Украина беа зголемени, но руската инвазија предизвика дополнителен скок на глобално ниво. Според информации на ЕУ, „континуитетот на украински испораки на житни култури е и натаму од витално значење за сигурна прехрана во светот“. Но, договорот е важен и за Киев, затоа што во украинската економија на тој начин само од март 2022 година се влеале околу 700 милиони долари.

Украина извоз на жито
До избувнувањето на војната во февруари 2022 година, Украина беше еден од најголемите снабдувачи на жито во светотФотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Како функционира договорот?

Според договорот, житните култури може контролирано да се извезуваат од три црноморски пристаништа, меѓу кои и Одеса. Товарните бродови се обврзани да пловат во договорен хуманитарен коридор на Црно Море во правец на Истанбул. Проверки врши специјален тим од руски, турски, украински и инспектори на ОН на еден пункт кој е под контрола на Турција.

Две специјални единици на ОН се грижат ова да функционира, исто како и извозот на руски прехранбени производи и ѓубрива.

Колку е успешен договорот?

Црноморската иницијатива и солидарните коридори на ЕУ за поддршка на украинскиот извоз на земјоделски и други производи би можеле да придонесат да се намалат и стабилизираат цените за прехранбени производи. До мај 2023 година во рамки на договорот се експортирани преку 30 милиони тони житни култури, од што посебно профитираат посиромашните земји.

64% од житото одат за земји во развој, додека пченката е рамномерно распределена меѓу развиените и земјите во развој.

Сепак, извозот на прехранбени производи во рамки на договорот во мај годинава во споредба со октомври минатата година е намален за речиси 75%. Од една страна, бродските превозници сѐ повеќе го избегнуваат ризикот да праќаат бродови по несигурна рута. Од друга страна, има строги правила кои отежнуваат брз проток на поморскиот сообраќај.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш,неодамна рече дека е незадоволен од тоа како тече реализацијата на договорот.

Руската страна пред сѐ забележува дека не се исполнети нејзините барања и дека западните санкции го спречуваат извозот на нивните земјоделски производи. Притоа, извозот на руски житни култури експлицитно е изземен од западните санкции.

Русијата самата пак во изминатите години го лимитираше извозот со помош на данок на извоз, а привремено имаше и целосен стоп за житни култури.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, неодамна рече дека е незадоволен од тоа како тече реализацијата на договоротФотографија: Eskinder Debebe/UN Photo/Xinhua/IMAGO

Колку е важно Црното Море?

Меѓу југоисточна Европа и Азија, Црното Море е на геостратешки важна раскрсница, каде се судираат поморски, континентални, геостратешки и економски интереси - и тоа истовремено е единствениот морски пат за Украина за извоз на житните култури. Други рути во Црно Море се само Дарданелите и Босфорот, кои пак се под контрола на Турција.

Црното Море е од интерес и за Кина, за која морската рута како дел од новиот пат на свилата треба да овозможи подобар проток на стока меѓу Кина и Европа.

Како без договор?

Нејасно е дали Украина во таков случај и натаму ќе може да извезува исти количества житни култури како и досега. Проблем би можеле да претставуваат големите трошоци за осигурување на бродовите кои, за премин преку Црното Море, веќе сега изнесуваат илјадници долари. Без руска согласност прашање е дали бродските превозници ќе пратат свои бродови во военото подрачје. И транспортот на житните култури по копнен пат може да биде проблематичен. Од почетокот на конфликтот, Украина транспортира многу преку источните членки на ЕУ, при што исто така имаше големи логистички проблеми - меѓу другото и премал број на расположливи вагони за потребните количиества на жито.

Извозот по таа рута предизвика и отпор кај домашните земјоделци, кои тврдат дека украинската понуда ги урива цените и тие веќе немаат пазар за пласман на својата стока. ЕУ за да го реши овој проблем на почетокот на јуни воведе ограничувања на увозот, така што житни култури можеа да бидат транспортирани низ Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка, но продажба во тие земји не беше дозволена.

Портпаролот на ОН, Фархан Хак, рече дека ОН се сметаат за обврзани и натаму да ја поддржуваат Црноморската иницијатива и пактот за олеснување на извозот на руски прехранбени производи и ѓубрива, што, според нив, токму сега е важно, затоа што во двете земји започнува новата жетва.