Руски војници во затвор во Донбас
3 август 2022Зачестено има случаи на руски војници кои одбиваат да учествуваат во т.н. „специјална операција“ во Украина, тврдат претставници на организации за човекови права. И на војниците по договор, кои на пример бараат одмор од семејни причини, им се одбива барањето да заминат од Украина. Т.н. ренегати, војници кои одбиваат извршување должност, според искази на роднини и активисти за човекови права, се држат во затвори и логори во повеќе места во самонаречената „Народна Република Луганск“, односно во области кои не се под контрола на Киев.
Повеќе родители на војници од Русија во меѓувреме лично допатувале во Донбас, за да издејствуваат ослободување на своите синови. Информациите со кои располага Дојче веле, велат дека тие патуваат во Брјанка, каде во затвор според медиумите се затворени преку 200 „непослушници“. Родителите таму демонстрираат мирно од утро до вечер.
Поплаки до Генералното обвинителство
Руски војници во затвор има и во четири други места, контролирани од руската војска, меѓу кои во Попасна, Алшевск, Стаханов и Красниј Луч. Ова произлегува од жалба на членови на рускиот Совет за човекови права до Генералното обвинителство, во која се вели дека роднини на шест „непослушници“ се обратиле за помош до нив. Војниците, откако одбиле учество во војната во Украина, се ставени во затвор во споменатите градови, но и на фронтот кај Свитлодар. Военото раководство ги отфрлило сите барања на војниците, но не ги испраќа назад во нивните касарни во Русија.
Според поднесувачите на жалбата, меѓу кои се и познатиот режисер Александер Сокуров и новинарот Николај Сванидзе, војниците се жалат на условите во затворот и ги обвинуваат своите претпоставени за вршење психички притисок. „Станува збор за престап против припадниците на војската, за противправно затворање, тортура и нечовечко однесување“, се вели во жалбата.
Бегство од затвор
Активистот за човекови права и коррдинатор на организацијата „Граѓаните и армијата“, Сергеј Кривенко, за Дојче веле изјави дека затворските услови на „одбивачите “ зависат од тоа во кој затвор се сместени.„На почетокот на јули добивме извештаи дека се држени во јами“, вели Кривенко. Роднините обвинувале дека нивните затворени синови се тепани.
Татко на војник во затвор во Брјанка за ДВ раскажа дека син му редовно му се јавува телефонски, очигледно од телефон од кој се јавуваат и други војници до своите семејства. Човекот вели дека војниците наутро се одведувани „на работа“, а каква е таа, не е јасно.
Сергеј Кривенко изнесува случај на еден затвореник, кому му успеало да избега од затворот во Брјанка и да стигне во Русија. „Доколку војник на договор во рок од десет дена се врати во касарната во која е стациониран, тогаш тоа не се смета за дезертерство и недозволено напуштање на единицата“, објаснува тој.
Враќање на фронтот
Но, поради притисокот на кој се изложени, одделни војници ги повлекуваат своите искази и се враќаат во своите борбени мисии. Тоа за Дојче веле го потврдија родители на војник на договор, кој бил затворен во Брјанка. „Прво војниците изјавија дека во никој случај нема да се вратат во војна и нема ништо да потпишат. А потоа ненадејно дознавме дека ќе одат на фронт, без известување до родителите.“
За да се убеди некој војник да се врати на фронт, се користат или намамувања со „добри услови за служба“, како што вели роднина на еден „непослушник“, или му се врши закана со кривична постапка, како што известува Александра Гармашапова, раководителка на фондацијата Слободна Бурјатија со седиште во САД. Фондацијата е основана во март годинава од страна на противниците на војната од руската Република Бурјатија и припадници на бурјатската дијаспора, како реакција на руската инвазија врз Украина. Фондацијата се залага народот во Бурјатија самиот да одлучува за својата иднина на слободни избори.
„Тешка повреда на руските закони“
На почетокот на јули фондацијата Слободна Бурјатија извести дека околу 500 војници кои имаат договор со војската одбиле да се борат во Украина и сакале да бидат вратени во татковината. Според весникот „Верстка“, блокиран од руските власти, има вкупно 1793 вакви војници. Објавувањето соодветни информации, но и јавното барање за ослободување на војниците од логори за последица има можна казна. На ДВ му е познат случај на војник кој не смеел да оди дома на одмор, зашто неговите родители разговарале со новинари.
Но, први одбивања на војници да продолжат да учествуваат во „специјалната операција“, според извештаите имало уште на крајот на март, истакнува Сергеј Кривенко. Тогаш првите единици биле повлечени од близината на Киев заради реорганизација. Војниците потоа барале контакт со организации за човекови права, заради пружање помош во раскинување на договорите со руската армија.
Кривенко тврди дека има сѐ повеќе случаи војниците да одбиваат служба. Тие потоа се држени во затвори во т.н. „Народна Република Луганск“, за да не ја напуштат воената област. „Тоа е тешка повреда на руските закони. Војник не смее да биде уапсен и затворен без да биде изведен пред суд. Само руски суд на руска територија може да донесе адекватна пресуда“, вели Кривенко.