1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер: Посакувам РСМ што поскоро да биде дел од ЕУ

ДТЗ
29 ноември 2022

Германскиот претседател Штајнмајер порача дека акцентот на пристапувањето во ЕУ треба да биде ставен на сегашноста и иднината, а не кон минатото и да се бараат нови пречки. Тој вети поддршка во евроинтеграциите.

https://p.dw.com/p/4KEPt
Стево Пендаровски Франк-Валтер Штајнмајер Скопје
На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер на прес-конференција во Скопјепорача дека Северна Македонија мора забрзано да продолжи со внатрешниот реформски процес. „Вашата земја може да се потпре на поддршка од Германија во европската перспектива на земјата. Отсекогаш го поддржуваме и се залагаме за прием на Западен Балкан во ЕУ. Северна Македонија е дел од европското семејство, со својата култура и јазик ќе ја збогати ЕУ и ќе го зголеми различјето на оваа заедница“, порача Штајнмајер. 

На заедничката прес-конференција со македонскиот претседател, Стево Пендаровски, високиот гостин од Германија оддаде признание и респект на успехот на Северна Македонија како сигурен партнер, која што и во меѓународните односи е подготвена да преземе лидерство и која што постигна значителен напредок од почетокот на пристапните преговори со ЕУ.  

Оценувајќи дека посебните услови го оптоваруваат пристапниот процес, кој во минатото беше поврзан со многу историски прашања, германскиот претседател порача дека акцентот на пристапувањето во ЕУ треба да биде ставен на сегашноста и заедничката иднина, а не кон минатото и да се бараат нови пречки. Тој најави дека ќе разговара и со пратениците околу претстојните предизвици коишто се наоѓаат на патот на земјата кон ЕУ и усвојувањето на уставните измени. 

Франк-Валтер Штајнмајер Стево Пендаровски
Посакувам пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ да се случи што побрзо, рече ШтајнмајерФотографија: Petr Stojanovski/DW

Прогнози

„Посакувам пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ да се случи што побрзо, да нема нови пречки, реформскиот процес да се движи со потребната брзина. Се надевам дека тоа ќе се случи што поскоро“, вели Штајнмајер. Никој во моментов, според него, не може да каже дали тоа ќе се случи во 2030 година.

„Никој не може да вети, но треба да се стремите да се постигне оваа цел“, порача германскиот претседател. 

И претседателот Стево Пендаровски се согласува дека во моментов не може да се прогнозира дали е остварлива временската рамка до 2030 година за влез на земјата во Унијата. „Јас сум претседател, не сум пророк. Го знам нивото на подготвеност на мојата земја, ние 17 години се подготвуваме, што е најдолг период во историјата на ЕУ. Ако процесот на преговори не биде базиран на историја, туку на реалните европски критериуми, ние ќе ги завршиме во рекордно време“, вели македонскиот претседател. Тој упати повик до опозицијата на страната на опозицијата да им проработи свеста и да гласаат за уставните измени. 

Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации. Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Германија, партнерството во НАТО Алијансата и војната во Украина, текот на пристапните преговори и европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за јакнење на економската соработка и ублажување на последиците од енергетската криза.

Пендаровски истакна дека посетата од страна на германскиот претседател во услови на променета геополитика, безбедносни закани и енергетски предизвици на европскиот континент, e потврда на пријателството и цврстата подготвеност на Германија за поддршка на регионот. Тој посочи дека Северна Македонија високо ја цени посветеноста на Германија во процесот на европската интеграција на Северна Македонија, развојот и реформската агенда, и особено нејзината конструктивна улога во Берлинскиот процес.