1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Средба со Орбан како глава под камбана

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
30 јули 2022

Мицкоски и Николоски отидоа на средба со Виктор Орбан само два дена по неговиот „нацистички говор“. Тој предизвика општ гнев и осуда во Европа, а ВМРО-ДПМНЕ уште се претставува како сестринска партија на Фидес.

https://www.dw.com/mk/sredba-so-orban-kako-glava-pod-kambana/a-62656724
Унгарскиот премиер Виктор Орбан го одржа јконтроверзниот говор во романска Трансилванија на 27 јули 2022
Унгарскиот премиер Виктор Орбан го одржа јконтроверзниот говор во романска Трансилванија на 27 јули 2022Фотографија: Szilard Koszticsak/dpa/MTI/AP/picture alliance

Прво, ВМРО-ДПМНЕ и партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан не се сестрински партии од март 2021 година. И тоа е добра работа за ВМРО-ДПМНЕ, барем што се однесува до официјалните контакти на европско ниво. Во март 2021 година Фидес ја напушти групата на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент пред да биде официјално избркана по две години суспензија. Оттогаш Фидес не е организирана во ниедна од политичките групи во Европа.

Зошто ВМРО-ДПМНЕ има потреба да нагласува во соопштенијата за средбите на лидерите на двете партии, како оваа во понеделникот дека лидерот Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски во Будимпешта се сретнаа „со премиерот на Унгарија и претседател на сестринската партија Фидес, Виктор Орбан“. Ниедна од членките на ЕПП веќе не е сестринска партија со Фидес. Дали ВМРО-ДПМНЕ има, всушност, две семејства – едното официјално во ЕПП, а другото неофицијално, „неозаконето“, со Фидес. Затоа, за партијата е добро поради односите со другите членки на ЕПП, да не го претставува своето „сестринство“ со партијата на Орбан. Друга работа е колосекот на нивната долгогодишна соработка со Фидес, тесните врски, опскурните финансиски текови од Будимпешта кон Скопје, како и прибежиштето што владата на Орбан му го даде на Никола Груевски.

Ако и понатаму инсистира да го одржува „сестринството“ дали ВМРО-ДПМНЕ има разбирање за заедничката декларација што Фидес ја потпиша во јули 2021 година со група европски крајно десничарски партии (меѓу нив се Национален собир на Марин Лепен, шпанската Вокс, Браќа на Италија, Слободарската партија на Австрија, Лига на Матео Салвини, како и бугарското ВМРО и националистите од Грчко решение) за тоа како треба да изгледа иднината на Европската унија. Во овој момент тоа се „сестринските“ партии на Фидес.

Повеќе од Љупчо Поповски: Христијан Мицкоски, партијата е во идеолошки лавиринт

Второ, вмровските првенци беа примени од Орбан во неговата премиерска канцеларија, во Кармелитскиот манастир, а не во партиското седиште како што би требало да биде ако се среќаваат претседатели на две партии. Во изјавата за средбата што за унгарската агенција МТИ даде портпаролот на премиерот (а не на претседателот на Фидес), Берталан Хаваши, стои дека тие разговарале за „европската интеграција на Западниот Балкан, борбата против илегалната миграција и економската и енергетската криза предизвикана од руско-украинската војна“.

Мицкоски и Николоски отидоа во непријатен момент кај унгарскиот премиер. Неколку часа откако заврши средбата кај Орбан „Еурактив“ објави интервју со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, во кое тој ја нарече политиката на ВМРО-ДПМНЕ околу францускиот предлог како „нецивилизирана“. „Палењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето кон насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета“, рече Вархеи.

Кој поминува црвени линии

Според него, „постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизираната политика, а моја проценка е дека многу од тие црвени линии беа преминати од опозицијата“.

Оливер Вархеи е директниот емисар на Виктор Орбан во Европската комисија. Христијан Мицкоски, а и другите вмровски првенци од крајот на 2019 година го славеа Вархеи како голем поддржувач на Македонија и голем партиски пријател. Сега, откако тој истури студена кофа сибирска вода врз нив, Вархеи да ти бил европски бирократ. А Мицкоски се прикажа како човек што ја знаел европската бирократија. Како и кога го научил тоа не е познато. „Познавајќи ја европската бирократија, го разбирам господинот Вархеи кој како политичар во ЕУ сака уште едно завршено поглавје на своето биро, уште едно затворено прашање“, рече тој во разговорот за ДВ. Но тука Мицкоски е во голема грешка – до отпочнувањето на преговорите на ЕУ со Македонија и Албанија, Оливер Вархеи немаше ниту едно завршено поглавје на своето биро. Преговорите со Србија и Црна Гора се закочени, кандидатскиот статус на Украина и Молдавија беше политичка одлука на лидерите на ЕУ, во која Вархеи немаше никакво влијание. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ако Орбан разговарал со Мицкоски и како премиер и како партиски претседател тогаш сигурно ги имал на ум забелешките на Вархеи што ги кажа и во Брисел кога почнаа преговорите со Македонија, а се однесуваа на ВМРО-ДПМНЕ. Европската политика е исклучително комплицирана сложувалка, во која секој се труди да го најде своето најдобро место. Шефицата на Вархеи, Урсула фон дер Лајен, беше пречекана со транспаренти во македонското Собрание од вмровските пратеници и со негативна енергија кога ја преплави салата. А потоа предлогот што таа го претстави се палеше, кинеше и туткаше на говорницата. Што би направил еден комесар од колеџот што го води Фон дер Лајен – да најде разбирање за вмровските пратеници и со тоа директно да го поткопа угледот на претседателката на Европската комисија? Ако така мислеле во ВМРО-ДПМНЕ направиле длабока погрешна проценка, која сега им одѕвонува како кога ќе ставиш глава под камбана.

Можеби Мицкоски и Николоски знаеле, а можеби и не, за говорот што два дена претходно Виктор Орбан го одржа во летниот камп на Фидес во романска Трансилванија во саботата и по кој унгарскиот премиер стана најосамениот и најосудуваниот политичар во Европа. Со години Орбан оди во Баиле Тушнад за оттаму да промовира големи политики. Таму, во 2014 објави дека Унгарија ќе се раководи според принципот на нелибералната демократија.

Повеќе од авторот: Подемот и подемот на Виктор Орбан

Но она што го кажа во долгиот говор во саботата ги надмина сите претходни граници. Во еден негов дел имаше такви расистички забелешки, што ВМРО-ДПМНЕ веќе никогаш не би требало да споменува, ни по грешка дека е сестринска партија со Фидес. Еве го тој дел поради што цела Европа се крена на нозе означувајќи го како нацистички говор:

„Миграцијата ја подели Европа на два дела - или би можел да кажам дека го подели Западот на два дела. Едната половина е свет во кој европските и неевропските народи живеат заедно. Овие земји веќе не се нации: тие не се ништо повеќе од конгломерат на народи. Би можел да кажам и дека тоа веќе не е западниот свет, туку пост-западниот свет. И околу 2050 година, законите на математиката ќе доведат до конечна демографска промена: градовите во овој дел од континентот - или тој дел - ќе видат дека процентот на жители од неевропско потекло ќе се зголеми на над 50 проценти од вкупниот број. 

Во таков мултиетнички контекст, овде има идеолошки финти за кој вреди да се зборува и да се фокусира. Интернационалистичката левица користи финта, идеолошка измама: нивното тврдење дека Европа по својата природа е населена со народи од мешана раса. Ова е историска и семантичка заблуда, бидејќи спојува две различни работи. Постои свет во кој европските народи се мешаат заедно со оние кои пристигнуваат надвор од Европа. Сега тоа е свет со мешани раси. И тука е нашиот свет, каде што луѓето од Европа се мешаат еден со друг, се движат наоколу, работат и се преселуваат. Така, на пример, во Карпатскиот басен ние не сме мешани раси: ние сме едноставно мешавина на народи кои живеат во нашата сопствена европска татковина. И, со оглед на поволното порамнување на ѕвездите и ветрот, овие народи се спојуваат заедно во еден вид унгарско-панонски сос, создавајќи своја нова европска култура. Затоа секогаш сме се бореле: подготвени сме да се мешаме еден со друг, но не сакаме да станеме народи од мешана раса“.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Имаше стотици реакции. Последната од петокот вечерта е изјавата на лидерите на главните групи во Европскиот парламент во која ги осудијаа „неоправданите изјави“ за расата и Европа, повикувајќи го блокот да продолжи да ги задржува фондовите за земјата. Изјавата, одобрена во петокот вечерта, дојде од парламентарната конференција на претседатели, која вклучува водачи на различни политички групи на законодавното тело, како и претседателка на парламентот Роберта Мецола.

„Ние, лидерите на политичките групи на Европскиот парламент, силно ја осудуваме неодамнешната отворено расистичка декларација на премиерот Орбан дека не сака да стане ‘народ од мешана раса’. Во нашите општества нема место за расизам, дискриминација и говор на омраза. Повикуваме на понатамошни активности од владите на ЕУ и на ниво на ЕУ, вклучително и против зголемената нормализација на расизмот и ксенофобијата“, се вели во соопштението.

Орбан „изврши прекршување на цивилизацијата идентификувајќи се себеси со идеологијата на белите супремацисти“, изјави министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн. Тити Тупураинен, финската министерка за европски прашања, рече дека „гротескната“ тактика на Орбан „нема да заврши добро за Унгарија. Нема да го нормализираме овој вид расистичка хистрионика“.

Првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс на Твитер напиша: „Сите сме различни, нашите кожи се различни, нашите јазици, култури, верувања. А сепак сите ние сме дел од истата раса, човечкиот род. Расизмот е отровен политички изум“.

„Нацистички говор“

Сето она што го зборуваат во Европа и Америка за неговите нетолерантни ксенофобични политики Орбан го претставуваше во сопствената јавност дека е бранител на интересите на Унгарија. Најголемиот удар за него во „расистички инцидент“, кој има поттекст на владина политика, дојде одвнатре, од Унгарија, од неговиот најблизок круг. Неговиот долгогодишен советник, социологот Жужа Хегедуш во вторникот поднесе оставка на функцијата заедно со пропратно писмо кое беше „убиствено“ за Викотор Орбан. Премиерот ѝ одговори со официјално кусо писмо, на кое Хегедуш испрати уште едно уште „поубиствено“. Овие писма ги објави магазинот ХВГ. Таа го оцени говорот на Орбан како „чист нацистички текст“ и додаде: „Не би ми паднало на памет ниту во кошмар дека можете да одржите отворено расистички говор“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно ги бранува духовите
Унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно ги бранува духовитеФотографија: Bertrand Guay/AP/picture alliance

Еве што му напиша Жужа Хегедуш:

„Искрено ми е жал што морам да ја прекинам соработката поради ваквата срамна позиција, која иако ми станува сѐ потешка поради вашиот нелиберален пресврт, сепак на краток рок ми изгледаше одржлива. Меѓутоа, по еден таков говор, кој е во спротивност со сите мои основни вредности, немав друг избор: и покрај фактот што никогаш не ми ја ограничивте целосната слобода во вашето првобитно барање, сега морам јавно да раскинам со вас поради она што беше речено во Tusnádfürdő (унгарскиот назив за Баиле Тушнад – н.з.).

Она во што бев сигурна до сега, затоа редовно стоев покрај вас кога ве обвинуваа за такви работи (...) дека антисемитизмот е подалеку од вас колку што е Мако од Ерусалим (позната унгарска поговорка – н.з.). Како и да е, јас сè уште го задржувам ова мислење и покрај тоа што отворениот расистички говор во Tusnádfürdő, кој дури и на Гебелс би му се допаднал, ја надмина границата на прифатливост...

Не знам како не забележавте дека презентиравте чист нацистички текст достоен за Гебелс кога го читавте говорот. Но поради сериозноста не можам да да продолжам да работам како ваш советник и покрај нашето речиси 20-годишно пријателство“.

Повеќе од авторот: Концентричните кругови на Виктор Орбан

Советничката го завршува своето писмо за оставка велејќи: „Навистина се надевам дека овој говор од Tusnádfürdő, кој можеше да ги задоволи дури и најотворените мразители на раси, беше само излетување од шините, а во иднина, дури и без мене, ќе можете да се вратите назад од улогата на автократ која одамна е премногу за мене и со премногу радикална анти-ЕУ и антимигрантска позиција и со тоа да го измиете барем обвинувањето дека премиерот заговара отворено расистичка политика која сега е неприфатлива дури и за западноевропската екстремна десница. Тоа, барем за мене, е во целосна спротивност со оној Виктор кој ме вработи во ноември 2002 година и со кого беше задоволство да се работи до 2013 година“.

На ова Орбан ѝ одговори на Хегедуш со кусо писмо: „Не можете да бидете сериозни да ме обвинувате за расизам по дваесет години заедничка работа. Вие најдобро знаете дека мојата влада следи политика на нулта толеранција кога станува збор за антисемитизмот и расизмот во Унгарија. Се знаеме илјада години (унгарски израз за долгодишно познанство – н.з.). Знаете дека според моето разбирање, Бог ги создал сите луѓе според својот лик. Затоа, во мојот случај расизмот е исклучен ab ovo".

Хегедуш веднаш му возврати на Орбан со второ писмо во кое вели: „Премногу луѓе молчеа кога се раѓаше омразата која ја изградија нацистите“.

„Не напишав ниту една двосмислена реченица во која би ве класифицирала или како расист или како екстремен десничар, јас јасно зборував за објавениот текст“, вели таа.

„Писмото е токму за тоа дека 20 години не можев да згрешам толку за да не забележам дека имате и најмала склоност кон расната омраза, која веќе постои на Запад. Но, и тоа немаше да ме натера да истапам и јавно да зборувам, ако тоа не го кажевте јавно како премиер на Унгарија, туку во приватно друштво (...) Како приватно лице кажуваш што сакаш, како и сите други, но (...) проблемот е што колку и да не се согласувам со вашето ентиевропејство најлутото антиевропејство го зајакнува кон максимум антиевропското чувство кај редовните гласачи на Фидес.

Протести поради зголемен данок во Унгарија

Меѓутоа, најмалата јавна реченица во врска со расната дискриминација поттикнува нешто што историјата веќе го докажа не само во Европа, туку и во Африка и Ерменија, дека откако ќе го пуштиме џинот од шишето, дури ни ‘Господ’ не може повторно да го врати назад.

Имате големо, интегрирано семејство околу вас, но јас имам само неколку пријатели. Најмногу би била среќна доколку овој говор и мојата одлука, која знам дека е болна за вас, може да се исправи на некој начин. За разлика од вас, јас се родив една година по Шоа и уште како дете не разбрав зошто немам, како и другите, ни мое големо семејство како вашето, со баби и дедовци, братучеди итн. а моите родители, како и секогаш, ми дадоа одговор соодветен на возраста“.

После тоа, Хегедуш поминува низ она низ што поминало нејзиното семејство и нејзините претци: „И двајцата мои родители преживеаја поради нивната извонредна цврстина и уште поизвонредна храброст... Можам само да кажам дека треба да ги препрочитате тезите на вашиот говор во Tusnádfürdő, прочитајте го соодветниот дел од текстот и ќе разберете зошто не го прифатив она во што верував уште од детството, дека овој ужас можеше да се случи само затоа што премногу луѓе молчеа кога омразата што ја градеа нацистите, главно молчеа затоа што тоа не ги засега и затоа не ги интересираше“.

Ќе може ли после сето ова ВМРО-ДПМНЕ во своите соопштенија да апострофира дека Фидес ѝ е „сестринска“ партија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Македонија знаме

Македонскиот руски круг

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница