1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соработка со Москва: Лов на руски опозиционери во Србија

17 февруари 2024

Србија ги протерува руските опозиционери во Русија и тоа се случува сѐ почесто, бидејќи Белград тесно соработува со Москва, пишува германскиот јавен сервис АРД. Еден потпис може да стане проблем.

https://p.dw.com/p/4cU2I
Александар Вучиќ Владимир Путин
Александар Вучиќ и Владимир Путин во Белград, јануари 2019 годинаФотографија: picture-alliance/TASS/M. Metzel

На Елена Копосова не ѝ преостанува ништо друго освен цел ден да си ја проверува електронската пошта. Таа на почетокот на февруари добила писмо од Министерството за внатрешни работи на Србија дека е „закана за националната безбедност“ и дека мора да ја напушти земјата во рок од 30 дена.

Оттогаш, таа се надева дека ќе ја известат оти станува збор за грешка. Затоа што оваа Русинка, која се преселила во Србија пред пет години, е незабележлива жена: има 54 години, преведувачка е, мајка на две деца.

Таа вели дека никогаш не била навистина политички активна. Освен еднаш. „Само еднаш, пред две години, потпишав петиција на Фејсбук против руската агресивна војна, ништо друго“. Сега не ѝ е продолжена дозволата за престој. Министерството за внатрешни работи на Србија не ги соопшти причините зошто таа претставува закана за националната безбедност.

Расте притисокот врз Русите во Србија

Копосова во никој случај не сака да се врати во Русија. Се плаши дека како протерана личност, која критички се изјаснила за војната, ќе заврши во затвор во Русија. Зошто одбија да ѝ ја продолжат дозволата за престој? Копосова е убедена: „Кремљ дефинитивно стои зад тоа. Тој врши притисок врз Србија“.

Русите се добредојдени во Србија, критиките за Русија не се

Елена Копосова не е првата руска државјанка која доживеала прогон во Србија. Сѐ повеќе луѓе не добиваат дозвола за престој со истото образложение. Расте притисокот врз Русите во егзил во Србија.

Досега се познати 13 вакви случаи, соопшти опозициската организација „Руско демократско општество“ (РДС). Но, може да има уште повеќе, бидејќи засегнатите често не сакаат да излезат во јавност.

Србија е доверлив руски партнер

Токму ова заплашување и замолчување на опозицијата во странство е цел на руската држава, вели Петер Никитин, основач на РДС. „Поради заплашување, ние како Руси во егзил во Србија не успеваме да создадеме движење за спротивставување на рускиот режим. Иако, всушност, нѐ има доволно“.

А, Србија, земја-кандидат за членство во Европската Унија, уште еднаш се покажува како доверлив руски партнер. Таа земја сè уште не се приклучила на западните санкции против Москва и сè уште увезува околу 90 отсто од својот гас од Русија. 

Владимир Путин
Соработка со Москва: лов на руски опозиционери во СрбијаФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Демнење на Кара-Мурса

Друг случај во кој Русија и Србија наводно тесно соработувале во потиснувањето на критичките гласови е оној на Владимир Кара-Мурса. Овој руски новинар објави дека српската тајна служба го прислушувала на патување во Белград. Таму се сретнал со руски опозиционери во егзил. Прислушуваните разговори веднаш завршиле кај руските власти. Кара-Мурса сега е во затвор, каде отслужува 25-годишна затворска казна поради критикување на агресорската војна.

„Основата на таа соработка е договорот меѓу Србија и Русија од 2021 година за сузбивање на 'обоените револуции'“, вели Александра Томаниќ, извршен директор на Европскиот фонд за Балканот. Тогашниот министер за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, сите општествени движења ги нарече „обоени револуции“, кои, како што рече, се инструменти на Западот за дестабилизација на Србија и Русија.

Бројни Руси во егзил во Србија

„Но, веста е дека во меѓувреме има сериозен број Руси во егзил во Србија кои се подготвени да излезат на улица и да го критикуваат рускиот режим таму“, вели Томаниќ. А, за да се спречи тоа, напоменува таа, има сѐ повеќе случаи како оној против Елена Копосова.

Многумина ја советувале да молчи, вели Копосова. Но, таа не сака да молчи. Зашто, како што вели, Србија во меѓувреме ѝ станала татковина. Нејзиното семејство речиси заврши со изградба на куќа, децата зборуваат српски, одат на училиште. Минатиот викенд, помалиот син бил поканет на роденден на школски другар.

За да добие време, Елена Копосова поднесе жалба на решението на МВР.