1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комисијата за надзор ќе бара отчет за „Сајтрокс“

19 јули 2023

Откако Сајтрокс се најде на црната листа на САД, пратениците сакаат да знаат што правело МВР. Се очекува одговор од МВР за Сајтрокс, велат членови на собраниската Комисија.

https://p.dw.com/p/4U6iC
Северна Македонија парламент
Собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање се очекува да побара од АНБ, АР, но и од МВР, информација за активностите што тие институции ги преземале досега, во врска со наводите за „Сајтрокс“ АДФотографија: MAKFAX

Собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање се очекува задутре (21.07) на седница да побара од АНБ, АР, но и од МВР, информација за активностите што тие институции ги преземале досега, во врска со наводите за активностите на македонската компанија „Сајтрокс“ АД. Како што најавуваат членови на оваа Комисија, одговор особено се очекува од МВР, затоа што кога името на „Сајтрокос“ за првпат се појавило во јавноста во контекст на развивање и продажба на малициозен софтвер, од МВР било најавено дека тие го преземаат расветлувањето на тој случај.

Интересот и дебатата одново се загреаја, откако вчера македонската компанија Сајтрокс АД (Cytrox AD) беше ставена на црната листа на Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД, заедно со уште три фирми - од Грција, Унгарија и Ирска. Сите четири биле санкционирани поради обиди да добијат пристап до информациски системи, со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и на организации низ светот.

Добро вмрежени

„Сајтрокс“ АД, Сајтрокс Холдинг од Унгарија и двете фирми „Интелекса“, од кои едната регистрирана во Грција, а другата во Ирска, во изминатиот период беа посочувани како дел од иста групација кои го развивале и продавале малициозниот софтвер „Предатор“, со кој се инфицираат и следат телефонски уреди низ светот.

Веста не е изненадувачка, бидејќи уште во декември 2021 година канадската невладина организација Ситизен лаб - лабораторија на Универзитетот во Торонто, чија работа е фокусирана на откривање дигитална шпионажа, и компанијата Фејсбук објавија податоци за глобален скандал за сајбер шпионирање. Сѐ започна откако софтверот наречен „Предатор“бил пронајден во мобилните телефони на Ајман Нур, опозициски лидер од Египет кој живеел како азилант во Турција и на еден египетски новинар. Тогаш беа посочени седум компании чии услуги биле користени за сајбер-шпионирање, а меѓу нив и македонската „Сајтрокс“, опишана како „сајбер платеник“. Се претпоставуваше дека жртви на следење биле околу 48.000 луѓе во повеќе земји. Фејсбук на својата платформа тогаш ги блокираше седумте спорни компании, меѓу кои и македонската „Сајтрокс“, која во релевантни истражувања беше посочена како компанија во која биле развивани делови од шпионскиот софтвер. Како нејзин управител беше наведен Иво Малинковски. Тој е претставник на најмладата генерација на семејството Малинковски, во чија сопственост е „Микеи Интернационал“ (компанија која се рекламира како продавач на воена и полициската опрема, ловечко оружје и муниција и услуги за користење стрелишта), како и внук на сопственикот на винаријата „Камник“.

компјутер хакер шпионирање
Технологијата за следење комуникации има клучна улога во овозможувањето репресија и други нарушувања на човековите права, оценува Министерството за трговија на САДФотографија: Jochen Tack/dpa/picture alliance

Отворено за Форбс

Но, уште пред Ситизен лаб и Фејсбук да го обелоденат скандалот со малициозниот софтвер, две години претходно - во август 2019 година, екипа на „Форбс“ доби подиректен увид во дел од услугите на компанијата „Интелекса“, поврзана со македонската „Сајтрокс“. За нив говореше лично првиот човек на „Интелекса“, Тал Дилијан, кој изјави дека ја спасил македонската „Сајтрокс“ од пропаѓање со инвестиција од пет милиони долари.

Во прилогот на „Форбс“ лично Дилијан пред камера на новинарот му презентираше комбе во кое е сместена опрема вредна девет милиони долари, преку која може да се пресретнат комуникации, да се преземат фајлови од мобилни телефони во радиус од 500 метри, и да се пробијат и апликации како Ватсап и Сигнал.

шпионажа следење надзор прислушување мобилен телефон
Канадската невладина организација Ситизен лаб и компанијата Фејсбук во 2021-ва објавија податоци за глобален скандал за сајбер шпионирање - се претпоставуваше дека жртви на следење биле околу 48.000 луѓе во повеќе земјиФотографија: Florian Schmitz/DW

Оттука, работата на оваа компанија поврзана со другите три, од кои една е домашната „Сајтрокс“, одамна е јавна тајна, но домашните надлежни институции досега јавно не се изјаснија дали оваа компанија добила одобрение за произведување на такви софтверски продукти. Особено што Малинковски во ист период (од март 2017 година) фигурирал и како управител на друго трговско друштва за развој на софтвери, трговија и услуги - „Сајшарк“, во сопственост на оф-шор компанија.

Стари „клиенти“

Во соопштението на Бирото за индустрија и безбедност се вели дека Министерството за трговија на САД, препознавајќи ја клучната улога што технологијата за следење комуникации ја има во овозможувањето репресија и други нарушувања на човековите права, одлучило да го ограничи пристапот на овие компании до средства, софтвер и технологија што може да им помогне да развијат алати за следење, бидејќи тоа би претставувало ризик за злоупотреба и за прекршување на човековите права.

Ова не е првпат компанија на семјството Малинковски да е предмет на интерес од институции во САД. Домашни извори упатени во развојот на „Микеи“, потсетуваат дека таа компанија уште во 90-тите години на минатиот век била предмет на интерес на повеќе странски служби, меѓу кои и на ФБИ, посебно од аспект на трговија со оружје, воена и полициска опрема и средства за набљудување и прислушување. Наводно, братот на тогашниот сопственик Панче Малинковски, кој живеел во САД, ги договарал зделките, но и посредувал при продажбата, а голем број држави од Балканот се снабдувале со специфично оружје и опрема преку „Микеи“.

„Од неа со оружје, опрема, но и со други специфични средства се снабдуваа и МВР и АРМ“, вели нашиот соговорник, објаснувајќи дека таа компанија и други поврзани со неа одамна биле под лупата на институции во САД, а случајот со шпионскиот софтер е од понов датум, но не и помалку предизвикувачки за поширока истрага.