1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСрбија

Северно Косово: „Малку простор за компромиси“

Обработка: | Дијана Рошчиќ
22 декември 2022

Германскиот весник „Велт“ и швајцарски „Ноје цирхер цајтунг“ во репортажи од северот на Косово пренесуваат слика за тензијата што владее таму и стравот од можна ескалација на конфликтот.

https://p.dw.com/p/4LLGc
„Море од српски знамиња“ во северна Митровица
„Море од српски знамиња“ во северна МитровицаФотографија: Vudi Xhymshiti/AA/picture alliance

„Српското малцинство никогаш не го прифати Косово како своја држава - Белград се потпира на насочени провокации“, пишува во воведот на текстот на новинарот Фолкер Пабст, кој за Ноје цирхер цајтунг известува од Митровица. Тоа е репортажа во која авторот опширно ја опишува моменталната ситуација на северот на Косово и се осврнува на политичкиот контекст:

„Кога спорот околу Косово би можел да се добие со знамиња, ќе се знаеше кој е победник. Северниот дел на поделениот град Митровица, населен со Срби, деновиве се капе во море од црвено, сино и бело“, ги пренесува своите согледувања авторот и на читателите им објаснува дека се наоѓа во Косово, а не во Србија како што се стекнува впечаток и како што пишува на некои плакати.

„Денес на Косово живеат околу два милиони луѓе. Никој не може со сигурност да каже колкав е уделот на етничките Срби, бидејќи тоа малцинство го бојкотираше последниот попис. Но, тешко дека ги има повеќе од 100.000, а веројатно се многу помалку. Според проценките, во збиената населба северно од реката Ибар, која граничи со Србија, има околу 30.000 луѓе. Останатите живеат појужно, на јазични островчиња. И додека тие изолирани заедници на југ, под присила на околностите, се аранжирале со косовската држава, одбивањето на север е секогаш особено силно“.

Во јужниот, албански дел на Митровица, „сѐ е нормално“, наведува авторот, а потоа опишува дека „на север, јавниот живот е речиси замрен, наводно од безбедносни причини.“ Нема локална полиција, судовите не работат, а по апсењето на нивен полицаец, Србите од северот на Косово поставија барикади на патиштата, па извесно време не работеа ниту училиштата, ниту градинките.

Пријателства наспроти политичките тензии во Косово

Да се седне и да се јаде не може дури ниту во палачинкарницата. И таму палачинки се продаваат само за земање. „На прашањето зошто е тоа така, младиот сопственик ги крева рамениците и вели дека тоа е наредба одозгора. Но, неговата мајка додава: 'Главно сме на демонстрации, така што имаме малку време за работа.' Таа тоа го прави доброволно, бидејќи вели дека 'вака не може да продолжи'. Одлучната жена потоа му сигнализира на новинарот да си замине. Вели дека како Швајцарец тој 'и онака е на страната на Шиптарите'.“

Новинарот навистина оди понатаму, на барикадите меѓу Рударе и Звечан. Но, никој не сака да разговара со него. Дури подоцна некој му кажал дека улиците се блокираат за да се спречат нови апсења.

Авторот потоа наведува: „Кога станува збор за тоа кој ги предизвика протестите, веројатно во право се и мајката и синот. Владата на Србија има големо влијание врз Србите во Косово, а уште повеќе врз Српската листа, политичката сила која тука ги влече речиси сите конци. Незамисливо е оставките во државната служба и блокадите на патиштата да се случија без консултации со Белград“.

„Белград провоцира“, оценува швајцарскиот весник, а „Вучиќ свесно го подгрева конфликтот во Косово“. Сепак, постои и „локална динамика“. Така правникот „Марко Јакшиќ, кој на протестите е од почеток и нема врска со Српската листа“, на швајцарскиот новинар му објаснува зошто веќе не работи во судот во Митровица: „Никогаш не сакавме да припаѓаме на Косово. Белград нè принуди на интеграција во 2013 година. Сега повторно нѐ пуштија да истапиме“.

Марко Јакшиќ: Никогаш не сакавме да му припаѓаме на Косово, Белград нѐ принуди на интеграција во 2013 година
Марко Јакшиќ: Никогаш не сакавме да му припаѓаме на Косово, Белград нѐ принуди на интеграција во 2013 годинаФотографија: Privat

Авторот заклучува дека „сепак е неспорно оти Приштина настапува потврдо од порано, а особено незадоволство предизвикува зголеменото присуство на елитните полициски единици на север. Дури и да не претставуваат никаква опасност за српското население, тие се доживуваат како такви. Тоа е секако демонстрација на сила“, пишува Ноје цирхер цајтунг.

Авторот го поставува и прашањето: како натаму на северот на Косово? „'Атмосферата е многу вжештена, гледам малку простор за компромиси', одговара Миодраг Маринковиќ, активист кој долго време е поборник за конструктивен дијалог меѓу косовските Срби и владата во Приштина. Тоа што Курти неодамна даде неколку интервјуа на српски не е доволно за да се создаде доверба кај локалното население. Мора да разговарате со луѓето од овде и да ги сфаќате сериозно. Тоа досега не го направил никој'.“

„'Тоа не се однесува само на Приштина, туку и на Запад и на Белград. Вучиќ се грижи само за неговиот политички опстанок. На крајот на краиштата, на претседателот на Србија не му е до луѓето на барикадите', вели Маринковиќ. 'Во моментов не можам да замислам под кои услови тоа би можело да се случи, но во принцип е замисливо Белград во одреден момент повторно да ги повика Србите на северот на Косово да соработуваат со Приштина. Но, тоа не ги решава основните проблеми'“.

„Многу мал број набљудувачи сметаат дека е веројатна ескалација од големи размери, како што понекогаш се шепоти. Сите вклучени страни имаат премногу да загубат. Сепак, ситуацијата не е под контрола. На барикадите неколку пати беа нападнати новинари од албанско потекло, а минатата недела покрај автомобилот на Еулекс беше активирана шок-граната. Минатата сабота ултранационалистичките сили од Србија, кои имаат добри врски со Русија, се обидоа да стигнат до северот на Косово преку граничниот премин Јариње. Косовскиот премиер Курти во понеделникот повторно изјави дека неговата влада нема уште долго да толерира блокади на патиштата и дека е во контакт со Кфор по ова прашање“, пишува швајцарскиот весник и на крајот ја дава следната оценка: „Во одреден момент барикадите ќе бидат отстранети, но нерешените прашања ќе останат“.

Infografik Karte Bevölkerungsgruppen im Kosovo EN

„Наш најголем пријател останува Кфор, не сметајќи го господ“

Дописник од Митровица има и германскиот весник Велт, кој својата долга статија исто така ја започнува со опис на сеприсутните српски знамиња. И новинарката Каролина Дритен се обидува на читателите да им го претстави поблиското минато на Косово и причините за сегашната ескалација.

Кога го споменува Кфор, таа ги цитира зборовите на командантот на германскиот контингент Егон Франк, кој ситуацијата на северот ја нарекува „константна база за можна ескалација и потенцијал за насилство“. Тој предупредува на „постојана опасност“ од влошување на ситуацијата „за многу кратко време“.

„Вучиќ поднесе барање до КФОР за испраќање српски војници на Косово, на што најверојатно НАТО никогаш нема да се согласи“, пишува Велт и истовремено забележува: „Но, меѓународните трупи не се таму само за да ги држат подалеку војниците на Вучиќ, туку и да ги заштитат српското малцинство“.

Авторката потоа мошне сликовито го опишува патот до Високи Дечани и поглаварот на манастирот Сава Јањиќ, кого го наоѓа како „седи на дрвен стол, во едноставна просторија“.

„Поради зачестените онлајн-преписки со странски новинари и дипломати за време на војната во Косово, 57-годишникот е познат и како сајбер-монах. Во тоа време, тој во манастирот даваше засолниште за цивили, Албанци и Срби. Тој исто така давапати го прими Џозеф Бајден - еднаш како американски сенатор, а вториот пат како потпретседател“.

Сава Јањиќ, старешина на манастирот Високи Дечани
Сава Јањиќ, старешина на манастирот Високи ДечаниФотографија: Decani Monastery in Kosovo

„Столната ламба шири слаба светлина. Атмосферата во манастирот изгледа толку мирна што неминовно се поставува прашањето зошто на неговите влезови е стационирана меѓународна војска. На тоа прашање Јањиќ одговара уште пред да биде поставено гласно. 'Од крајот на војната, нашиот манастир е едно од најчесто напаѓаните места во Косово. Оттогаш се забележани четири напади со минофрлачки гранати и испишувани се заканувачки графити. Во 2016 година, во близина на манастирот беа уапсени четворица вооружени Косовци. Наш најголем пријател останува Кфор, не сметајќи го господ', се шегува Јањиќ.“

Во текстот се потсетува и дека Германија и Франција предложија нов план според кој Србија би требало да ја прифати независноста на Косово, но не и да го признае - по углед на договорот меѓу двете Германии од 1972 година.

„Јањиќ е скептичен: 'Бесцелно е да се принудуваат шефовите на владите на Србија и Косово да одат во Брисел, да се принудуваат да потпишат и да го закопаат проблемот со милиони долари. И 23 години по војната, Косово институционално сѐ уште е во нерешена ситуација. Дијалогот е во ќорсокак. На работ сме на можна ескалација што може да нѐ врати години наназад“, вели тој.

„Јањиќ важи за умерен и го напаѓаат двете страни: понекогаш како претставник на Кремљ, а понекогаш како шпион на НАТО. Тој се оградува од секоја политичка идеологија и ја истакнува својата мисија - зачувување на наследството на манастирот. Тоа е во опасност, бидејќи некои луѓе го гледаат како симбол на нешто друго. За националистите кај косовските Албанци тоа е знак за српско присуство, додека во Србија велат: каде и да се нашите цркви, тоа е наша политичка територија. 'Ништо од тоа не е вистина'“, ги пренесува зборовите на Јањиќ германски Велт и на крајот заклучува: „Во центарот на политичкиот конфликт понекогаш е тешко да се биде само монах.“