1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на ЕУ во Кипар: Украина и Иран во фокусот

СН/дв | агенции
23 април 2026

Дводневната средба започна со одобрување на огромен заем за Украина, а се очекува да бидат разгледани и прашањата за буџетот на ЕУ, како и последиците од конфликтот на Блискиот Исток.

https://p.dw.com/p/5CiRB
Лице поминува покрај логото на Кипарското претседателство со Советот на Европската Унија 2026
Кипар во моментов претседателствува со Европската УнијаФотографија: Yves Herman/REUTERS

Лидерите од 27-те земји членки на Европската Унија се собраа во Кипар во четврток на дводневен самит за да разговараат за геополитичките предизвици со кои се соочува ЕУ, вклучувајќи ги војните во Иран и во Украина.

Еве што е на дневен ред:

Украина

Дводневните состаноци започнаа со одобрување на долго разгледуваниот заем од 90 милијарди евра (105 милијарди долари) за Украина, како и со договор за воведување дополнителни санкции против Русија.

„Стратегијата на ЕУ за постигнување праведен и траен мир во Украина се темели на два столба: зајакнување на Украина и зголемување на притисокот врз Русија. Денес напредувавме на двете полиња“, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во посебна објава на социјалната мрежа Екс (X).

Средствата долго време беа блокирани поради противењето на унгарскиот премиер во заминување, Виктор Орбан, за кого не се очекуваше да отпатува во Кипар. Прелиминарното одобрување за средствата беше дадено во средата.  

Орбан го призна „болниот“ пораз на унгарските избори

Украинскиот претседател Володимир Зеленски  им се придружи попладнево на лидерите во крајбрежниот град Аја Напа, каде што ќе се одржат разговори за руската војна против Украина. Во своето обраќање, Зеленски се очекува да ја повтори желбата на Киев да се приклучи кон ЕУ и да ја повика Унијата да изврши поголем притисок врз Русија.

Блиски Исток

Во петок во Никозија, на европските лидери ќе им се придружат либанскиот претседател Жозеф Аун, египетскиот претседател Абдел Фатах ал‑Сиси, сирискиот претседател Ахмед ал‑Шараа и јорданскиот престолонаследник Хусеин бин Абдула.

За време на работниот ручек, тие ќе разговараат за состојбата во Либан, каде што е во сила десетдневен прекин на огнот со цел да се смират судирите меѓу Израел и милитантната група Хезболах, поддржана од Иран.

Одделен прекин на огнот моментално е на сила и во американско‑израелската војна против Иран. 

Фактичкото затворање на Ормускиот Теснец од страна на Иран доведе до нагло зголемување на цените на енергенсите и предизвика стравувања за можен недостиг на авионско гориво во Европа. Околу 20% од авионското гориво што се троши во ЕУ зависи од увоз преку овој клучен воден пат.

Цените на горивото во Македонија и Европа

Висок претставник на ЕУ, цитиран од новинската агенција АФП, изјави дека Унијата е „подготвена да придонесе“ за одржување на теснецот отворен „кога ќе бидат исполнети условите“. 

„Секако се надеваме дека прекинот на огнот ќе се почитува и ќе се одржи“, изјави претставникот.

Зголемување на буџетот на ЕУ

Исто така во петок, лидерите се очекува за првпат да разговараат за идниот долгорочен буџет на ЕУ за периодот 2028–2034 година.

Извршната власт на ЕУ сака поголем буџет во вредност од околу 2 трилиони евра (2,3 трилиони долари). Голем предизвик ќе биде изнаоѓањето начин за финансирање цели како зголемување на конкурентноста и одбранбените капацитети на ЕУ, во време кога многу земји‑членки се соочуваат со недостиг од средства. Конечен договор се очекува до крајот на 2026 година.